Фото: ЕПА

Инфраструктурата се распаѓа, а владата е нестабилна, но постојат сеќавања за индустрија што некогаш цветала благодарение на огромните резерви на сурова нафта во Венецуела и која би можела повторно да заживее, и покрај климатската криза

Во Кампо Боскан, огромен комплекс во западна Венецуела, дупчалките, пумпите и нафтоводите што извлекуваат сурова нафта работат во услови на распаѓање: патиштата се оштетени, плевел расте насекаде, а многу бунари функционираат во метални кафези за да се спречи кражба. Албенис Мерчан, техничар за дупчење со 35 години искуство, се сеќава на подобри времиња додека го вози својот пикап низ пустелијата.
– Постојано добивавме обуки за одржување и безбедност. Никогаш немаше недостиг од материјали и резервни делови. Многу работи треба да се подобрат овде за да се искористи целосниот потенцијал на ова подрачје – вели тој.
Кампо Боскан се наоѓа на 40 километри од Маракаибо, главниот град на сојузната држава Зулија – регион што повеќе од еден век снабдува сурова нафта на глобалниот пазар. Наоѓалиштето било откриено во 1945 година од компанијата „Ричмонд експлорејшн компани“ и сè уште дневно произведува повеќе од 100.000 барели од вкупно до еден милион барели што ги произведува Венецуела.
И покрај занемарувањето, ова поле останува привилегирано. Кога покојниот претседател Уго Чавез ја национализираше енергетската индустрија во 2006 година, речиси сите големи странски компании ја напуштија земјата. „Шеврон“ остана и од 2022 година го контролира овој комплекс заедно со државната компанија ПДВСА преку заедничкото претпријатие „Петробоскан“, во кое американската компанија има 40 отсто, а ПДВСА 60 отсто.
Ова партнерство се смета за еден вид почетна фаза кон нова комерцијална соработка меѓу САД и Венецуела. По апсењето на Николас Мадуро од администрацијата на Доналд Трамп, и други водечки енергетски компании размислуваат да се вратат во оваа јужноамериканска земја за да ги искористат најголемите нафтени резерви во светот.
Во услови на влошување на климатската криза, земјите од Јужна Америка и Карибите доживуваат нафтен бум по откривањето на нови длабоководни наоѓалишта кај Гвајана, Суринам и на североисточниот брег на Бразил.
На 9 јануари, на состанок што Трамп го одржа со директори на најголемите енергетски компании, заменик-претседателот на „Шеврон“, Марк Нелсон, процени дека компанијата би можела да го зголеми производството во Венецуела од сегашните 240.000 барели дневно за до 50 отсто во рок од 18 до 24 месеци.
Сепак, и покрај интервенцијата на Трамп и апсењето на Мадуро, лидерите на нафтената индустрија остануваат внимателни кога станува збор за инвестирање во земјата, поради нејзината историја на политичка нестабилност и регулаторна неизвесност. Под притисок од американскиот претседател, кој сака да ја искористи Венецуела како пример за интервенција во Иран, директорите на годишната конференција „Цера вик“ во Тексас минатиот месец покажаа дека остануваат поделени.
Но зборовите на „Шеврон“ разбудија очекувања во Кампо Боскан, каде што вработените и изведувачите нетрпеливо чекаат закрепнување.
– Одделот за оптимизација го проучува секој бунар. Треба да утврдат кој е најдобриот метод за да се извлече повеќе од нив – вели Мерчан додека се движи низ комплексот.
Пред да започне ова ново отворање, Венецуела мораше да реши правна пречка. Владата на привремената претседателка Делси Родригез протурка итна реформа на законот за јаглеводороди – актот со кој индустријата беше национализирана пред две децении.
Во тоа време, стотици компании загубија богатства, илјадници работни места исчезнаа, а нафтената инфраструктура се соочи со најголемата криза во историјата.
Новиот закон повторно овозможува производство и извоз на сурова нафта со минимално учество на венецуелската држава. Во средината на февруари, во сојуз незамислив за време на Мадуро, американскиот секретар за енергетика Крис Рајт посети друго поле во источна Венецуела управувано од „Шеврон“ и ПДВСА, заедно со Родригез.
Администрацијата на Трамп ги информираше сите заинтересирани компании дека ќе бидат потребни околу 100 милијарди долари инвестиции за да се обнови производниот капацитет на земјата во наредните години.
Франсиско Моналди, директор на програмата за енергетика за Латинска Америка на Универзитетот „Рајс“ во Тексас, вели дека приоритет ќе биде обновата на електроенергетската инфраструктура, која често се соочува со прекини поради долгогодишно недоволно инвестирање.
– „Шеврон“ мораше да произведува сопствена електрична енергија за да избегне зависност од мрежата – вели Моналди.
На Венецуела ѝ недостига и стручен кадар, бидејќи Чавез отпушти 20.000 работници од ПДВСА по генералниот штрајк во 2003 година, а многу други емигрираа во најголемиот егзодус на западната хемисфера.
Кон крајот на јануари, влезовите на Универзитетот во Зулија во Маракаибо беа делумно затворени, без студенти на повидок. Неговото инженерско училиште некогаш било врвно, произведувајќи стотици дипломци годишно, кои речиси автоматски влегувале во индустријата.
И покрај дијаспората, Моналди верува дека луѓето што ќе ја вадат нафтата ќе бидат Венецуелци.
– Многу странски компании веќе ги имаат на платните списоци и ги идентификуваат. Тоа се случува овде, во Хјустон. Венецуелците имаат семејства во својата земја и полесно ќе се приспособат – вели тој.
Оние што сè уште работат во земјата сметаат дека нивното враќање е клучно.
– Младите инженери што доаѓаат не знаат ништо, а не сакаат ни да учат – вели Мерчан.

Цезар Пара, поранешен директор на нафтената комора во Зулија, е оптимист. Тој вели дека регионот сè уште може да извезе 20 милијарди барели од своите резерви, распослани околу бреговите и под езерото Маракаибо.
Под површината се наоѓа и пловен канал што бара инвестиции и одржување за да може да прима големи бродови.
Инвестициите од приватниот сектор – домашни и странски – ќе бидат клучни. Пара укажува дека секоја национализација доведувала до пад, додека приватното управување носело раст.
– Секојпат кога приватниот сектор ја презема работата, произведуваме повеќе. Кога државата ја презема контролата – паѓаме – вели тој.
Но најголемата пречка е институционална. Родригез владее со структура што го поддржуваше соборениот лидер, а нејзината влада нема легитимитет, додека опозицијата предводена од добитничката на Нобеловата награда за мир, Марија Корина Мачадо, има најголема поддршка.
Политички затвореници сè уште постојат, нема поделба на власта ниту функционална демократија.
Според првите анкети по апсењето на Мадуро, оваа состојба не ги задоволува граѓаните ниту ги охрабрува компаниите како „Ексон мобил“, чиј извршен директор Дарен Вудс ја опишува Венецуела како „непогодна за инвестиции“.
Моналди додава дека неизвесност има и во САД: „Трамп може да ги изгуби изборите на средината од мандатот, а администрацијата има помалку од три години. Затоа, краткорочно се реални само инвестиции од компании што веќе работат таму – „Шеврон“, „Маурел енд пром“ и „Репсол“.
Според OPEC, Венецуела располага со повеќе од 300 милијарди барели резерви, од кои 80 отсто се наоѓаат во појасот Ориноко.
Зулија денес учествува со само 7 отсто од националното производство, но и покрај тоа, сите очекуваат повторно активирање.
Во Кампо Боскан, Мерчан и илјадници работници се надеваат дека повторното отворање ќе им ги усогласи платите со трошоците во економија што практично е доларизирана.
Венецуелската нафта повторно ветува благосостојба, иако обновата ќе биде бавна и тешка. На краток рок, земјата има малку други извори на приходи.
Затоа, Мерчан и милиони Венецуелци ја гледаат оваа фаза како можност што е на дофат.
– Има многу бунари што веќе се дупчени и подготвени за експлоатација. Само треба да се постават пумпите – и веднаш ќе почнат да произведуваат – вели тој.