Со зголемување од 20 отсто во однос на 2022 година, во 2023 година се забележани 8.565 смртни случаи на мигранти, што ја прави најсмртоносна година од 2014 година. Медитеранската маршрута од Северна Африка до Европа останува најризична за мигрантите
Обединетите нации соопштија дека минатата година била најсмртоносна за мигрантите од 2014 година, со најмалку 8.565 регистрирани смртни случаи на миграциските маршрути низ светот.
– Бројот на загинати во 2023 година претставува трагично зголемување од 20 отсто во споредба со 2022 година, што ја нагласува итната потреба за акција за да се спречи понатамошна загуба на животи – се наведува во извештајот објавен во средата на Меѓународната организација за миграција (ИОМ).
Проектот за исчезнати мигранти на организацијата ги документира смртните случаи и исчезнувањата на мигрантите во светот.
– Овие ужасни бројки собрани од проектот за исчезнати мигранти се исто така потсетник дека мораме повторно да се посветиме на поголема акција, која може да обезбеди безбедна миграција за сите, така што десет години отсега луѓето не мора да ги ризикуваат своите животи во потрагата по подобра иднина – рече заменик-генералниот директор на ИОМ, Угочи Даниелс.
Мигрантите принудени да одат по опасни патишта
Бројот на загинати минатата година го надмина претходниот рекорд од 8.084 од 2016 година.ИОМ соопшти дека недостигот од безбедни, регулирани патишта принудува илјадници луѓе да преземат опасни миграциски маршрути.
Најопасниот пат за мигрантите, според ИОМ, остана Средоземно Море, со најмалку 3.129 смртни случаи во 2023 година додека мигрантите се обидувале да стигнат до Европа. Оваа бројка претставува најголем број на загинати на оваа маршрута од 2017 година. Собирањето податоци за регистрираните смртни случаи на мигранти во голема мера варира во зависност од регионот.
Во 2023 година беа регистрирани голем број смртни случаи на мигранти низ Африка (1.866) и Азија (2.138). Во Африка многу од нив се случија во пустината Сахара и на морскиот пат до шпанските Канарски Острови. Во Азија животот го загубија голем број бегалци од Рохинџа и Авганистан.
– Давењето претставува нешто повеќе од половина од вкупните смртни случаи на мигранти во 2023 година – се наведува во извештајот.
Девет отсто од смртните случаи се предизвикани од сообраќајни несреќи, а 7 отсто од насилство.
Досега оваа година животот го загубија 512 мигранти.