Обременети секој со своето мачно детство, лидерите на двете земји покажаа решителност за ништење на неслогата во своите држави и враќање на величината и сјајот на своите нации, како и за ставање крај на понижувањата што доаѓаа од страна на САД и Европа
Зошто зближувањето меѓу Русија и Кина го загрижува демократскиот свет
Вековните ривали Кина и Русија сега имаат пријателство „без граници“, изјавија во февруари претседателите Кси Џинпинг и Владимир Путин. Енергетските, воените и политичките релации што двете најмоќни светски авторитарни држави ги негуваа во текот на изминатава деценија – и двете имаат цел да нарушат делови од светскиот поредок под доминација на САД од Студената војна наваму – предизвикаа засилена загриженост кај демократските лидери од Вашингтон и Токио. Само неколку недели по заедничката изјава на Џинпинг и Путин, Русија ја нападна Украина, а Кина одби да го осуди нејзиниот потег. Сепак, поддршката што оттогаш ја манифестира Пекинг кон својот сојузник, во ниеден случај не е безгранична, пренесува „Блумберг“.
Што ги зближи Кина и Русија?
Ова зближување беше поттикнато од нивното заедничко отуѓување од Америка, кое уште повеќе се продлабочи по инвазијата на Ирак во 2003 година, предводена од Вашингтон, и стануваше сè поочигледно по финансиската криза од 2008 година, која започна во САД и се прошири глобално. Двете држави заклучија дека нивната „фузија“ ќе ја намали глобалната доверба во американскиот економски и политички модел. Тие претпазливо ги зајакнуваа врските сè до 2014 година, кога руската анексија на украинскиот полуостров Крим доведе до санкции и дефинитивна разделба меѓу Русија и поширокиот Запад. Ова ја принуди Москва да побара нови партнери, а особено нови пазари за својот извоз на енергија. Кина се покажа како соодветна за таа намена, докажувајќи дека е голем и брзорастечки купувач на руски продукти и оружје. Исто така, овие две држави споделуваат длабоко непријателство кон сојузите на САД во она што тие го сметаат за свои правични сфери на влијание.
За Русија, тоа е НАТО во Европа; за Кина, тоа е вашингтонската мрежа од билатерални одбранбени договори во Индопацифичкиот Регион. Иако недостига формален сојуз базиран на договор, партнерството меѓу Кина и Русија е зајакнато со силната приватна врска меѓу Џинпинг и Путин.
Од каде толкава љубов меѓу двајцата лидери?
Обременети секој со своето мачно детство, двајцата лидери покажаа решителност за ништење на неслогата во своите држави и враќање на величината и сјајот на своите нации, како и за ставање крај на понижувањата што доаѓаа од страна на САД и Европа. Се имаат сретнато повеќе од 30 пати, правејќи заедно кинески кнедли во Тијанџин и руски палачинки во Владивосток. Во 2019 година, Кси го нарече Путин свој „најдобар пријател“. Во заедничката изјава за медиумите од февруари, двајцата изразија ист презир кон западниот модел на демократија. Тие ја дефинираа демократијата без да се повикаат на избори, независни судови или слободни медиуми, велејќи дека демократијата е економски развој, при што сите модели на јавно политичко учество се еднакво валидни.
Во текот на 1800-тите, Русија беше една од европските сили што наметнаа т.н. нерамноправни договори за кинеската династија Кинг, вклучувајќи го и оној за отстапување на територијата на која денес се наоѓа рускиот град Владивосток. Односите накратко драматично се подобрија откако Мао Ѕедунг во 1949 година ја донесе на власт кинеската Комунистичка партија, наоѓајќи свој природен сојузник во Јосиф Сталин. Но Мао се спротивстави на политичките реформи – познати како десталинизација – што следуваа во 1953-та, по смртта на советскиот лидер, така што во 1961 година се случи и неговата разделба со Москва. Во 1969 година, двете држави водеа кратка погранична војна за спорни територии, а во 1972-та Кина го стори незамисливото – се сврте кон САД. Односите полека почнаа да се затоплуваат дури кон средината на 1980-тите, откако Михаил Горбачов ја презеде власта во Кремљ.
Од 2014 година досега, Русија ѝ продаде на Кина некои од своите најнапредни системи за оружје, вклучувајќи и противвоздушни ракетни системи „С-400“ и борбени авиони „СУ-35“, во вкупна вредност од 5 милијарди долари.
Само два месеца по анексијата на Крим, руски „Газпром ПЈСЦ“ потпиша договор вреден околу 400 милијарди долари, со кој се гарантираше снабдување на Кина со природен руски гас преку гасоводот наречен „Силата на Сибир“. Потоа беше потпишан и втор „гасоводен“ договор. Покрај ова, двете земји сè почесто ги усогласуваат своите ставови во Советот за безбедност на ОН, во кој и двете имаат право на вето.
Што ги загрижува демократските сили?
Сè поинтензивната соработка меѓу Русија и Кина загрижи одредени креатори на политиките во САД, кои изразија стравувања дека нивната земја би можела да биде присилена да води војни на два фронта. На пример, доколку Русија му се закани на некој од американските сојузници во Европа, за да ги деконцентрира САД за време на конфронтацијата со Кина во однос на Тајван. Минатата година американскиот сенатор Џим Инхоф тврдеше дека Кина и Русија заедно трошат за одбрана повеќе од Америка. Тука е и пошироката загриженост дека комбинацијата од економска, политичка и воена моќ што Москва и Пекинг може да ја стекнат, ги окуражува другите светски лидери со автократски тенденции, ја подрива довербата во демократијата како политички систем и се заканува на моделот на меѓународен поредок базиран врз правилата промовирани од САД и нејзините сојузници, уште од крајот на Студената војна.
Кина одбегнуваше да ја критикува руската инвазија, ги обвини САД и НАТО за воениот судир и купи руска нафта што другите држави ја избегнуваа, финансирајќи ја така индиректно московската воена машинерија. Од друга страна, Џинпинг не покажа подготвеност за недвосмислена поддршка на војната, ниту пак посака да ѝ помогне на Русија во ублажувањето на финансискиот удар од американските и европските санкции. Со БДП, кој е речиси осум пати поголем од оној на Русија, Кина има значително поголем удел во глобалната економија, со која сè уште доминираат САД и другите развиени демократии.