На германскиот систем на стручно образование одамна му завидуваа, но сега има сè поголем недостиг од стручни работници, па последиците за пошироката економија стануваат посериозни, истакнува Артур Саливен за „Дојче веле“
Кризата на пазарот на трудот сериозно се одразува во Германија
Во 2014 година, американското списание „Атлантик“ објави статија во која го возвишуваше германскиот систем за стручни работници. Во него беше истакнато дека побарувачката за работни места ја надминала понудата во систем на кој светот му завидува. Осум години подоцна изгледите за долгонајавуваниот стручен систем на Германија се многу помалку розови. Државата има сериозен недостиг од млади што сакаат да стекнат знаења во стручните занимања.
Неодамнешното истражување на 15.000 компании од страна на Здружението на германските комори за индустрија и трговија (ДИХК) покажа дека 42 отсто од компаниите не биле во можност да ги пополнат сите позиции за стручни работници во 2021 година. Недостигот од ваков вид кадар е на највисоко ниво досега. Германскиот економски институт (ИВ) вели дека 473.064 нови договори за работа биле потпишани во 2021 година, што претставува пад од 10 отсто во споредба со 2013 година.
Последиците за германскиот пазар на трудот, кој веќе се бори со долгогодишен недостиг од квалификувани работници, се сериозни. Регина Флејк, економистка од Германскиот економски институт, рече дека недостигот од квалификувани работници во најлош случај значи затворање компании, колапс на тесно поврзани синџири на снабдување и пад на иновативниот капацитет. Според Улф Рине од германскиот Институт за економија на трудот (ИЗА), ова е опасен развој, бидејќи системот за двојна обука на стручни работници е основна сила на германскиот пазар на трудот и неговите ученици се столбот на понудата на работна сила во многу професии.
Проблеми на пазарот на трудот
Германија веќе неколку години има недостиг од квалификувани работници. Главна причина е сè побрзото пензионирање работници родени во 1950-тите и раните 1960-ти години. Околу 350.000 работници ја напуштаат работната сила секоја година, без доволно нов кадар да ги замени. Недостигот од стручни работници го влошува овој недостиг, но тој има и свои причини, сметаат експертите.
Рине рече дека германскиот систем за стручни работници го „изгубил својот сјај“ во очите на младите луѓе, откако со децении се сметаше за основен столб на економската стратегија на земјата и атрактивен начин за влез на пазарот на трудот. Флејк посочи дека оддалечувањето од стручните занимања е евидентно веќе неколку години. Пандемијата исто така одигра улога во влошувањето на постојниот проблем. Рине верува дека пандемијата и сега конфликтот во Украина се комбинираат за драматично да ги интензивираат проблемите на пазарот на трудот.
Улогата на политиката
Состојбата станува сè поважна на политичко ниво. Бетина Старк-Вацингер, германска министерка за образование, рече дека на Германија „итно ѝ требаат повеќе паметни умови и вредни раце за трансформација, раст и просперитет“. Коалицискиот договор што го постигнаа трите владејачки владини партии во Германија вклучува дел што има за цел да ја направи стручната обука попривлечна.
Рин верува дека ова е клучно за справување со проблемот. Според него, Владата мора да создаде рамка за компаниите да ги подобрат условите за стручните работници. Компаниите исто така мора да дејствуваат брзо. Друга суштинска промена што е потребна за да се привлечат младите работници за важноста да научат одредени занаети.
Поткопување на зелената транзиција
Некои сектори се полошо погодени од другите со недостигот од стручни работници. Градежната индустрија трпи особено голем удар, заедно со други квалификувани занаети, како што се во водовод, санитарни системи, греење, вентилација и климатизација. Во меѓувреме, и покрај наглото зголемување на туризмот по пандемијата, угостителските сектори исто така се борат да привлечат нови работници. Сепак, севкупниот недостиг веројатно ќе има последици за германската економија како целина. Рине рече дека работната криза во развој има потенцијал да предизвика заостанување за германскиот економски раст со години. Тој укажа на низата тесни грла за снабдување и недостиг од персонал што веќе се евидентни низ целата земја во различни сектори.
Потоа, над целата ситуација се наѕира и зелената транзиција. Додека Германија се обидува да ги постигне високите климатски цели во годините што следуваат, недостигот од работници е уште една голема пречка на патот. Флејк истакна дека се потребни квалификувани работници за промовирање на зелената економија и борбата против климатските промени, како што се за инсталацијата и пуштањето во употреба на фотоволтаични системи, а дури ни ветерните турбини не можат да функционираат без стручни работници.
Подготвиле: Марјан Велевски; Билјана Здравковска