Руската воена операција во Украина може да резултира дури со седум милиони бегалци. Експертите велат дека наскоро овој конфликт би можел да стане најголемата европска хуманитарна криза од 1990-тите до денес, пишува Диана Рој за ЦФР
Реакција на меѓународната заедница на конфликтот на истокот од Европа
Воената операција во Украина ја создаде најголемата хуманитарна криза што Европа ја видела во последниве неколку децении. Со стотици илјади луѓе што бегаат од ескалираниот судир, соседните држави и меѓународните организации се мобилизираат во осуда на конфликтот и обезбедување помош за растечкиот број бегалци.
Според Агенцијата за бегалци на ООН, раселени се најмалку десет милиони луѓе, или околу една четвртина од украинското население. Од нив, повеќе од четири милиони избегаа во соседните држави, вклучувајќи во Унгарија, Молдавија и Полска. Обединетите нации се подготвуваат за околу седум милиони внатрешно раселени лица и дури седум милиони бегалци, што би претставувало најголема масовна миграција поврзана со војна од времето на Балканските војни во 1990-тите.
Голем дел од руските напади погоди густо населени подрачја, предизвикувајќи цивилното население да бара засолниште во станиците на метроата и оставајќи стотици илјади без струја, вода или основни продукти за живот. Исто така, експертите се загрижени поради сè поголемото руско потпирање на артилерија, касетна муниција, ракети и друго оружје. Тие сметаат дека оваа ескалација најверојатно ќе доведе до поголеми цивилни жртви и оштетување на инфраструктурата. Во меѓувреме, трансмисијата на ковид-19 во земјата и понатаму останува висока, а против оваа болест целосно се вакцинирани само 36 отсто од Украинците. Со оглед на тоа што здравствените услуги во земјата веќе многу ослабеа, пристапот до лекување ќе биде сè потежок.
Реакцијата на Европа беше брза, а експертите велат дека станува збор за најголемата манифестација на европска мобилизација во последниве години. Полска, која веќе е дом на повеќе од 1,5 милион натурализирани и привремени украински работници, пречека повеќе од половината новосоздадени бегалци или, во бројки, таа прими најмалку 2,3 милиони луѓе. За да биде подготвена, оваа земја формира привремени живеалишта, болници и прифатни центри во кои се нудат храна, информации и медицински материјали. Преостанатиот број бегалци заминаа кон Белорусија, Унгарија, Молдавија, Романија, Словачка и други делови од Европа. Кон Русија се упатија нешто повеќе од 350.000 бегалци.
Властите во Ирска изјавија дека нивната земја ќе ги укине сите визи за Украинците што таму бараат засолниште, додека Чешка ги укина забраната за влез и рестрикциите во однос на ковид-19 за украинските бегалци. На ниво на ЕУ, официјалните лица едногласно го поддржаа планот за активирање на Директивата за привремена заштита, која ќе им овозможи на бегалците од Украина да може да останат во државите од Унијата во период до три години, без обврска да поднесат барање за азил. Освен тоа, САД соопштија дека нивните трупи во Полска ќе бидат на располагање за помош во процесот на евакуација на бегалците.
И покрај постојаниот статус на Русија во Советот за безбедност, ООН изрази јасно несогласување со војната предизвикана од страна на Москва. На 25 февруари, единаесет од вкупно петнаесетте членки на Советот гласаа за резолуцијата, предводена од САД, со која остро се осудува војната и се повика Русија веднаш да ги повлече своите воени сили од Украина. Меѓутоа, руското вето ја блокира оваа одредба (Кина, Индија и Обединетите Арапски Емирати беа воздржани на гласањето). Истовремено, голем број агенции во рамките на ООН преземаат акции. Генералниот секретар Антонио Гутереш експресно именува кризен координатор за Украина и најави финансиска помош од Централниот фонд на ООН за вонредни состојби, во висина од 20 милиони долари. Исто така, Агенцијата за бегалци во рамките на ООН настојува да собере сума од 1,7 милијарда долари, наменета за хуманитарна помош.