Главен приоритет на регионалниот поредок предвиден со Авраамскиот договор треба да биде градењето доверба преку споделување алатки за сајбер-безбедност преку Негевскиот форум
Нов обид за интегрирање на регионалните сили од Блискиот Исток
Негевскиот форум е најновиот обид да се создаде регионална безбедносна архитектура за Блискиот Исток, каде што американските партнери и сојузници би можеле да работат заедно на колективната безбедност и да пополнат некои од празнините што ги оставија САД со своето вртење кон Азија. Негевскиот форум е директен исход од Негевската конференција, на која тогашниот министер за надворешни работи на Израел и заменик-премиер, Јаир Лапид, им беше домаќин на своите колеги од Египет, Мароко, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), САД и Бахреин. Сајбер-просторот е една ветувачка област во која земјите-членки на Негевскиот форум би можеле да соработуваат, да го прошират форматот за да вклучува повеќе земји и да дадат опипливи резултати. Во иднина, Негевскиот форум треба да има амбициозна повеќеаспектна сајбер-сила за да го брани колективниот сајбер-простор на своите земји-членки.
Интегрирање на Израел
Негевскиот форум е одраз на променливото геополитичко опкружување на поширокиот Блиски Исток. Постепената интеграција на Израел во регионот на дипломатски, политички, економски и воен план започна со Авраамскиот договор, со посредство на САД. Додека договорите ги кодифицираа постојните односи што Израел ги имаше со ОАЕ, Бахреин, Судан и Мароко, тие дејствуваа како стратегиска појдовна точка за позиционирање на Израел на Блискиот Исток и пошироко. Форматот И2У2, составен од Индија, Израел, САД и ОАЕ, е заснован на Авраамскиот договор и стратегиското усогласување меѓу ОАЕ и Израел. Значењето на Негевскиот самит е активен обид на Израел да го внесе Египет, кој е првата и најголема арапска држава што ги нормализира односите со Израел по децении директни војни, во рамката на Авраамскиот договор. Иако Јордан ја одби поканата да се приклучи на Негевската конференција, САД најверојатно ќе лобираат во Аман да се приклучи на форумот.
По крајот на Студената војна, Вашингтон стана неприкосновен хегемон на Блискиот Исток и оттогаш воспостави стратегиски билатерални односи на целата карта. Сепак, и покрај својата огромна моќ и статус во регионот, САД не беа во можност да ги трансформираат своите билатерални односи во мултилатерален формат што му овозможи на Вашингтон соодветно да посвети ресурси. Коренот на оваа борба за создавање мултилатерален формат на Блискиот Исток беше (и сè уште е) израелско-палестинскиот конфликт, кој не само што стратегиски го потроши Израел туку и ја забави неговата стратегиска интеграција во поширокиот регион.
Придобивка од Авраамскиот договор
Регионалните влади се обидуваат да се справат со последиците од вртењето на САД кон Азија. Вашингтон има ограничена политичка посветеност на регионот и регионот повеќе не е главен приоритет како стратегиски театар за разлика од Индопацификот и од Европа. Овој развој на настаните е тектонски и ги поттикнува регионалните сили да истражуваат мултилатерална рамка за зајакнување на колективната безбедност. Вашингтон активно го позиционира Негевскиот форум како средство за градење безбедносна архитектура врз која може да има големо влијание без да го задржи своето големо воено присуство во регионот.
Негевскиот форум е изграден врз основа на Авраамскиот договор и неговото де факто отстранување на израелско-палестинскиот конфликт како централна точка на билатералните односи меѓу Израел и ОАЕ, Бахреин и Мароко. Односите ОАЕ – Израел се движат кон стратегиско усогласување, од сајбер-простор до одбрана и безбедност, и од Негевскиот форум до И2У2. Бахреин сега прифати израелски поморски офицер, што е првпат вакво воено лице официјално да биде поставено во арапска земја. Мароко и Израел ги зајакнуваат своите трговски и одбранбени врски. Египет и Јордан се првите две нации што ги нормализираа односите со Израел и би можеле да го остават зад себе традиционалниот ладен мировен пристап кон Израел и да го прифатат „Авраамскиот поредок“ како пат напред за регионот.
Исто така, Каиро му даде целосна поддршка на Авраамскиот договор, а претседателот Абдул Фатах ал-Сиси свика египетско-емиратски-израелски самит во Шарм ел Шеик во март. Каиро и Тел Авив работат заедно во источниот Медитеран за да се позиционираат како енергетски партнери со Европа наспроти заднината на украинскиот конфликт и неговото влијание врз енергетската безбедност на Европа. Вашингтон активно работи на подобрување на односите меѓу Јордан и Израел и вклучување на Аман на Негевскиот форум за неговиот следен самит.
На Блискиот Исток е важна сајбер-безбедноста
Блискиот Исток беше едно од главните боишта за операции на сајбер-војување. „Ај-би-ем секјурити“ објави студија во која се проценува дека просечната цена на инцидент со прекршување податоци по компанија на Блискиот Исток е 6,53 милиони долари, што е речиси двојно повеќе од просечната глобална цена на инцидентот од 3,86 милиони долари.
Сајбер-просторот е јасна ранливост за арапските нации во нивниот интензивен конфликт во сивата зона со Иран, а формирањето работна сајбер-група во рамките на форумот е лесно остварлива цел. Предложената работна сајбер-група нема да започне од нула. По Авраамскиот договор, ОАЕ и Израел намерно ја позиционираа сајбер-соработката во центарот на нивното постепено геостратегиско престројување. Со силата на Израел во длабоката технологија, сајбер-безбедноста и вештачката интелигенција, како и финансиската моќ и предноста на ОАЕ во зголемувањето на дигиталните решенија, Абу Даби и Тел Авив создаваат сајбер-коалиција што ја користи компаративната предност на секоја земја. Таквата растечка билатерална сајбер-соработка меѓу Израел и ОАЕ треба да се формализира и да се прошири на сите учесници на форумот, како Египет, Бахреин, Мароко и на крајот Јордан.
За да стане механизам за геостратегиска интеграција меѓу арапските држави и Израел, форумот треба да воспостави амбициозна сајбер-програма што ќе може да донесе успех. Во исто време, оваа замислена програма мора да ги земе предвид седумдеценискиот конфликт меѓу Израел и арапските држави и нивните последователни сомнежи, кои го забавуваат секој обид за регионална интеграција меѓу Тел Авив и арапските престолнини. Сајбер-безбедноста има двојна комерцијална и воена природа, што може да дејствува како мерка за градење доверба кон понатамошна целосна воена и безбедносна интеграција на долг рок. Првиот чекор треба да биде формирање работна сајбер-група, која ќе се фокусира на обезбедување на арапските држави со израелски сајбер-алатки и знаење, за да им помогне на Каиро, Рабат, Абу Даби и Манама да ја зајакнат својата сајбер-одбрана.