Вашингтон мора да прифати дека меѓународниот систем суштински се промени од 2001 година и треба да го приспособи својот став за да избегне понатамошен срам и штета на неговите клучни национални интереси. Тој мора да се заложи за ставање крај на конфликтите во кои се вклучени средните сили, како оние во Украина и во Јемен, преку дипломатија, наместо да им се дозволи да ескалираат, посочуваат Арта Моеини и Колман Хопкинс во анализата за „Нешенел интерест“

Меѓународниот систем е повеќе мултиполарен за разлика од претходно

Додека продолжува руско-украинскиот конфликт, Вашингтон го повикува светот да избере страни во спорот. Американскиот претседател Џо Бајден особено користеше експлозивен јазик за да ги обликува американското противење на конфликтот, Русија и Владимир Путин, а понекогаш дури и надминувајќи ја официјалната политика на САД. Но Америка не е иста како во минатото. Нејзе ѝ недостигаат интерес, волја и ширина за да ја распореди американската воена моќ во Украина, дури и ако некои од естаблишментот многу добро би сакале таква интервенција. И светот не е повеќе ист. Пакс Американа завршува, а меѓународниот систем е повеќе мултиполарен за разлика од претходно. Предизвиците што идеалистичкиот пристап кон геополитиката би ги создал за Вашингтон изгледаат многу посуштински, со оглед на подемот на средните сили во изминатите години. Лоцирани во различни региони во светот, овие цивилизациски држави беа многу помалку влијателни на врвот на американскиот глобален примат во 2001 година.

Подем на средните сили

Неодамнешниот извештај на Институтот за мир и дипломатија нуди важна рамка за оценување на ова прашање. Со наслов „Средните сили во мултиполарниот свет“, извештајот се залага за важноста на средните сили, истакнувајќи дека тие „заземаат инхерентно динамична позиција во новата геополитичка мандала“. Иако тие се ограничени на одредени региони поради нивната „географска вкоренетост“ и други историски и културни причини, кои исто така ги развиваат и ограничуваат нивните стратегиски цели, тие се особено влијателни во нивните соодветни регионални безбедносни комплекси (РБК) поради нивната споредбена моќ, во однос на нивните соседи, кои тие ги користат за да ги постигнат своите цели. Резултатот е дека средните сили во РБК тешко се присилуваат и покоруваат, бидејќи тие упорно ги следат нивните конкретни интереси во нивните сфери. И тие имаат моќ да помогнат во одржувањето на постојниот поредок (статус кво) ако сметаат дека е поволен или да го оспорат ако не го прават (ревизионистички). Русија е долгогодишна регионална сила со длабоки културни врски со нејзините соседни држави, многу од нив православни и словенски. Кога Москва ги артикулираше своите јасни црвени линии, Вашингтон требаше да слуша. Со непризнавање или нерешавање на безбедносните грижи на Русија (на пример, проширување на НАТО), САД и нивните блиски европски сојузници направија голема грешка, односно погрешна пресметка за која сега плаќаат невини цивили.

Либералниот идеализам не е замена за стратегијата

САД сè уште се шокирани од маневрите на Русија и понатаму не се подготвени да признаат зошто таа го стори тоа. Америка можеше поефикасно да го следи својот национален интерес доколку повеќе внимаваше на динамиката на која Русија реагира во рамките на нејзиниот РБК. Другите средни сили, исто така, внимателно следеа како САД реагираат на украинската криза и како Западот тврдоглаво инсистира на отворената врата на НАТО. По почетокот на конфликтот, Вашингтон изрази морален гнев кон рускиот претседател и се обиде да ги повика своите сојузници да изразат поддршка. САД се изненадија кога сфатија дека многу земји, вклучувајќи ги и партнерите, зазедоа поамбивалентен став наместо да застанат на страната на Вашингтон. Реалноста е дека средните сили имаат независни безбедносни, економски и регионални интереси, меѓу другите, кои се спротивставуваат на манихејскиот светоглед на Америка и апстрактните цели. Тие со загриженост гледаат на мешањето на големите сили во далечните региони. Сепак, овие држави несомнено забележаа како со години САД ги игнорираа безбедносните грижи на Русија додека ја туркаа Украина, која е нивен наводен партнер, во опасна, ескалаторна состојба што доведе до деструктивен конфликт, од кој Киев можеби никогаш нема да закрепне. Денес е Русија, утре може да бидат тие.
За сојузничките и средните сили, активностите на Вашингтон во однос на Москва и на Киев испраќаат јасни сигнали. Во врска со Русија, овие акции покажуваат дека САД нема сериозно да ги сфатат интересите на средните сили во нивните РБК (освен ако не се поклопат со оние на Вашингтон). Во однос на Украина, однесувањето на Америка, поттикнувањето слаба држава да тргне кон катастрофа за да ги унапреди нејзините утописки, стратегиски сомнителни цели, е еднакво поучно за помалите сили како Саудиска Арабија и ОАЕ, кои традиционално ја одржуваат рамнотежата против нивните соседни средни сили како Иран и Турција. За Вашингтон, лекцијата треба да биде дека дипломатијата треба да биде првата (и можеби единствена) стратегија за борба со средните сили во нивните РБК.

Потреба за стратегиска емпатија во мултиполарниот свет

Во 2022 година, како и во 2001 година, САД ги жртвуваа неопходноста и националниот интерес на Америка додека ги здружија средните сили во спротивставување на нивните либерални интернационалистички планови. Она што ја прави сегашната состојба поинаква и поризична е тоа што, за разлика од 2001 година, меѓународниот систем сега е мултиполарен, при што Кина се издигнува како голема сила и цивилизациска држава, способна да капитализира од американската огорченост и стратегиското пречекорување. Пекинг веќе организира нов, паралелен финансиски систем, кој може да биде од корист за Русија и да го поткопа режимот на санкции предводени од САД.
Либералните интервенционистички политики на Вашингтон ја забрзаа, а потоа ја влошија украинската криза. Американската реторика по почетокот на конфликтот ги отуѓи неевропските сојузници и ѝ наштети на американската преговарачка моќ со средните сили и со помалите држави. Овие случувања беа грешки по сопствена желба на Америка и го отежнуваат наоѓањето дипломатско решение за конфликтот. Вашингтон мора да прифати дека меѓународниот систем суштински се промени од 2001 година и треба да го приспособи својот став за да избегне понатамошен срам и штета на неговите клучни национални интереси. Тој мора да се заложи за ставање крај на конфликтите во кои се вклучени средните сили, како оние во Украина и во Јемен, преку дипломатија, наместо да им се дозволи да ескалираат. Секое продолжување на овие конфликти предизвикува непотребно човечко страдање и дополнителна дестабилизација на меѓународниот поредок предводен од САД, кој веќе е доведен до својата точка на распад. Таков слеп, догматски морализам тогаш не само што е залуден, неодговорен и опасен туку е и неморален, бидејќи може да предизвика катастрофа за милијарди на глобалниот југ, каде што наскоро би можеле да се соочат со невидена криза со глад и да се западнат во сиромаштија. Пред Вашингтон стои голема одлука: да ги прифати мултиполарноста и подемот на средните сили и на тој начин да усвои поразумна, реалистична голема стратегија, која внимава на „оживувањето на реалполитиката и културниот суверенитет“ или да ја негира таа реалност и да инсистира на неодржлива позиција на Монровата доктрина.


Москва се одлучи на најтешкиот економски противнапад кон Западот

Притисната од санкциите на Западот, Москва се одлучи за економски противнапад, а рускиот претседател Владимир Путин потпиша уредба со која се забранува извоз на суровини и производи за сите фирми, кои руската влада во следните десет дена ќе ги стави на листата на санкционирани. Со уредбата се утврдуваат „посебни економски мерки како одговор на непријателското дејствување на некои странски држави и меѓународни организации“. Во образложението се прецизира дека ќе бидат опфатени 46 држави, кои на Русија ѝ воведоа санкции, а тоа се, пред сѐ, САД и земјите од Европската Унија.
Според документот што е објавен на порталот на руската влада, со уредбата се забранува извршување трансакции кон странски физички лица и правни лица од Русија кон непријателските земји, како и извоз на суровини и производи. Забраната не се однесува само за склучување нови договори, туку и за исполнување на претходно преземените обврски.
Руските медиуми пишуваат дека Путин го донел овој декрет како одговор на „незаконските работи на САД и нивните сојузници“. Оваа уредба стапува во сила веднаш со нејзината објава.
– Ова е рамковна уредба. Сите конкретни одлуки ќе ги донесе Владата – изјави политикологот Татјана Станова, од московскиот „Карнеги-центар“.
„Ројтерс“ во својот текст оценува дека станува збор за „досега најтежок одговор на Кремљ на санкциите што им се наметнати од САД и сојузниците“, поради руските воени дејства во Украина.