Нацрт-договорот доставен до украинскиот претседател Володимир Зеленски, наводно, треба да им овозможи на САД право на половина од минералното богатство на неговата држава. Без разлика дали таквиот договор би се покажал историски тежок или не, тој веројатно нема да ѝ помогне на Америка значајно да ја оспори кинеската доминација во снабдувањето со ретки минерали
Претседателот Доналд Трамп сака Украина да плати за претходната американска воена поддршка, а се појавуваат и други пријавени детали за договорот што треба да им даде право на САД на половина од ретките минерали на нивниот сојузник. Нацрт-договорот, доставен од секретарот за финансии Скот Бесент до украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела, ја покрива целата „економска вредност поврзана со ресурсите на Украина“, вклучувајќи минерали, нафта и гас, па дури и пристаништата во земјата, објави британски „Телеграф“ во понеделникот.
Додека Украина продолжува да се брани од руската инвазија, Трамп неодамна рече дека сака „еквивалент на ретки минерали во вредност од 500 милијарди долари“, мислејќи на литиум, кобалт, титаниум и други минерали што се неопходни за модерната технологија, почнувајќи од наведувани проектили па до електрични возила. Кина воспостави доминантна позиција во снабдувањето со ретки минерали во последните четири децении. Додека Западот се обидува да достигне чекор, вкупната вредност на резервите на Украина е проценета на 11,5 трилиони долари.
Зеленски бара безбедносни гаранции за возврат
Меѓутоа, на Зеленски не му требаше многу време да го отфрли првиот предлог на Трамп. Украинскиот претседател првично ја изнесе идејата да им даде права за експлоатација на руди на американските компании додека разговараше со Трамп минатата година, но тој сака идни американски и европски безбедносни гаранции поврзани со каков било договор со минералните резерви, објави „Фајненшл тајмс“.
Предложениот договор на Трамп е споредуван со репарациите наметнати од сојузниците на поразената Германија во Версајскиот договор по Првата светска војна. Германија прифати обврска за околу 32 милијарди долари, што денес би било еднакво на околу 560 милијарди долари. Повеќето историчари го наведуваат германското незадоволство од договорот што резултираше со економска слабост на земјата, како значајна причина за подемот на Нацистичката партија и избувнувањето на Втората светска војна.
Предложениот договор на Трамп не само што би бил исклучително тежок туку се чини дека нема многу смисла, изјави Марко Папиќ, виш потпретседател и главен стратег во „Би-си-еј рисрч“.
– Голем дел наоѓалишта на ретки минерали во Украина се наоѓаат на териториите под контрола на Русија. Покрај тоа, на САД не им требаат наоѓалишта на ретки земји, туку имаат потреба тие да бидат рафинирани на друго место освен во Кина. На крајот на краиштата, целиот проект изгледа како нешто од компјутерската видеоигра „Цивилизација 4“ – наведе Папиќ во изјава преку мејл за „Форчун“.
Договорот на Трамп со Украина за ретки минерали се соочува со блокади
Не е изненадување дека потенцијалното богатство на Украина го побуди интересот на Трамп, кој веќе извесно време вели дека сака да го купи Гренланд, кој е богат со минерали. Украина има наоѓалишта на 117 од 120-те најкористени индустриски минерали во светот, според „Мајнинг ворлд“. Владините процени сугерираат дека земјата има 10 отсто од светските резерви на литиум.
Сепак, тие резерви досега не се обработувани. Голем дел од рудното богатство на Украина останува неискористен, а процените за наоѓалиштата на земјата се засноваат на истражувања од советската ера.
– Податоците не се модерни, имаме многу малку информации за тоа што се наоѓа таму – изјави за „Фајненшл тајмс“ Грејслин Баскаран, директорка во Центарот за стратешки и меѓународни студии.
Изразена кинеската предност пред Западот во областа на ретките минерали
Настрана од тоа прашање, Украина вели дека повеќе од 20 отсто од нејзиното минерално богатство се наоѓа на територија што моментно е под контрола на Русија. Во меѓувреме, без оглед на вредноста на украинските ретки минерали, развојот на инфраструктурата за екстракција и обработка на овие минерали нема да се случи прекуноќ.
Таа реалност ја нагласува огромната предност на Кина пред Западот, што помалку се однесува на пристапот до самите критични минерали, а многу повеќе на децениски инвестиции и субвенции за ископување и преработка на ретки минерали. Како што објасни „Форин полиси“ минатата година, експертите велат оти САД имаат долг пат за да ја достигнат кинеската економија на ова поле, како и предноста во експертизата.