Во новиот извештај, Светската метеоролошка организација открива дека со невидено брзо темпо се влошува состојбата со затоплувањето на времето на Земјата и со порастот на нивоата на морињата
Секоја од последните осум години, ако важат предвидувањата за 2022 година, била потопла од која било година пред 2015 година, објави Светската метеоролошка организација (СМО) во извештајот на отворањето на климатскиот самитот на ОН, КOП27, во Шарм ел Шеик, Египет. Шефот на ОН, Антонио Гутереш, на почетокот на самитот истакна дека планетата испраќа сигнал за помош, опишувајќи го извештајот како „хроника на климатскиот хаос“.
Од крајот на 19 век, планетата се загреа за повеќе од 1,1 степен Целзиусов, а околу половина од тоа зголемување се случи во изминатите 30 години, покажува извештајот. Според генералниот секретар на СМО, Петри Талас, целта за ограничување на затоплувањето од 1,5 степен од Парискиот климатски договор, веројатно, нема да биде постигната, со оглед на сегашното ниво на јаглерод диоксид во атмосферата.
Зголемување на нивоата на морињата
Поттикнати од топењето на ледените плочи и глечерите, темпото на пораст на нивото на морето се удвои во последните 30 години, загрозувајќи ги морските видови и десетици милиони луѓе во ниските крајбрежни области, соопшти метеоролошката агенција на Обединетите нации. Според извештајот, од почетокот на деценијата, морињата се зголемуваат за пет милиметри годишно во споредба со 2,1 милиметри во 1990-тите.
Површинските води во океаните исто така достигнаа рекордно високи температури во 2021 година, затоплувајќи се особено брзо во текот на изминатите 20 години. Околу 90 отсто од топлината заробена на Земјата оди во океаните, а горните 2.000 метри од океанот сè побрзо се загреваат. Таа океанска топлина ќе продолжи да се загрева во иднина, што претставува неповратна промена на стогодишни до милениумски временски скали, се вели во извештајот.
Низа катастрофи
Во 2022 година, бранот екстремни временски настани влошени од климатските промени ги опустоши заедниците низ светот. Двомесечниот топлотен бран во Јужна Азија во март и април беше проследен со поплави во Пакистан, поплавувајќи една третина од земјата. Најмалку 1.700 луѓе загинаа, а осум милиони беа раселени.
Во Источна Африка врнежите се под просекот во четири последователни влажни сезони, што е најдолго во последните 40 години, а 2022 година ќе ја продлабочи сушата.
Кина ги забележа најдолгиот и најинтензивен топлотен бран досега и второто најсуво лето. Падот на нивото на водата го попречи или го загрози комерцијалниот речен сообраќај на реката Јангце во Кина, реката Мисисипи во САД и на неколку главни внатрешни патишта во Европа.