Фото: Пексел

Домувањето му создава главоболки на Макрон, Олимпијадата ја влошува ситуацијата

Справувањето со станбената криза приоритет на француските власти

„Француската средна класа работи и легитимно очекува да има пристојни услови за живеење“, рече минатата недела новиот премиер Габриел Атал, нарекувајќи ја состојбата со домувањето во Франција „вонредна состојба“ и вети дека владата ќе се бори со сите сили за да понуди решенија.
Француските домаќинства сѐ повеќе имаат проблем да најдат место за живеење и се чувствуваат како да плаќаат премногу за покривот над главата. Кириите се зголемија повеќе од двојно од 1980-тите, покажа владиниот извештај, додека цените на станбените недвижности растеа непрекинато.
– Во средните класи, новите генерации имаат три дополнителни години образование во споредба со нивните родители. Но, тие генерално се соочуваат со потешки услови во однос на домувањето, со тешкотии да станат сопственици на куќи, да живеат во помали домови или во населби подалеку од нивните работни места. Тие два спротивставени тренда „го прават животот неподнослив“ – вели францускиот социолог Луј Шовел.
Атал вети дека ќе даде одговори за средната класа во својот прв политички говор како премиер минатиот месец, подвлекувајќи ги ризиците од „попуштање пред прозивките, што само би довело до хаос и колапс“, што беше само тенко прекриена референца на подемот на екстремно десничарското движење „Национален фронт“ во Франција.
Владата вети „шок за снабдување“ за да помогне во ублажувањето на состојбата со домувањето, но спроведувањето на новите политики може да се соочи со блокади поврзани со претстојните Олимписки игри и целите на државата во однос на зелената транзиција.
Трите пречки со кои се соочуваат Макрон и неговата влада за да ја подобрат ситуацијата:

1. Олимписка главоболка
Претстојните игри во Париз имаат значително влијание на пазарот за изнајмување во францускиот главен град и другите градови што се домаќини на настани за време на летниот натпревар. Сопствениците ќе имаат можност да ги изнајмуваат своите станови за исклучително високи цени на платформи за краткорочно изнајмување за одмор, како што е Ербиенби, притискајќи ги некои сопственици на куќи да не ги враќаат своите имоти на пазарот за изнајмување по заминувањето на нивните станари, намалувајќи го бројот на достапни домови за изнајмување, покажа извештајот на онлајн платформата за недвижности Силогер. Силогер објави пад од 74 отсто на бројот на огласи во Париз во текот на изминатите три години и пад од 36 отсто на национално ниво, тренд што исто така им се припишува на контролата на киријата и на високите каматни стапки што ги ограничуваат инвестициите.

2. Дилема за климатските цели
Минатата година Франција потврди дека повеќе нема да дозволи најслабо изолираните домови да се издаваат во обид да се ограничи потрошувачката на енергија за станарите и да се поттикнат сопствениците на куќи да инвестираат во подобрување на енергетската ефикасност на нивните имоти. Но, владата веќе почна да отстапува од оваа мерка за да спречи симнување на голем број единици од пазарот. Тоа вклучува омекнување на правилата за помалите единици, што ќе доведе до тоа дополнителни 140.000 дома да не бидат погодени од забраната, објави министерот за животна средина Кристоф Бечу неделава во интервју за „Ле паризиен“.
Шефот на Националната конфедерација за домување ја нарече најавата на владата „огромен чекор наназад во борбата против климатските промени“ и рече дека владата попушта пред „лобито на сопствениците на куќи“.

3. Локална политичка драма
Француската влада ги фокусира своите напори за домување на зголемување на побарувачката, но нејзиниот обид може да се урне со неподготвеноста на локалните власти да дадат градежни дозволи.
Административните пречки за нови случувања ќе бидат олабавени во 20 избрани региони за пробна политика со надеж дека ќе се изградат 30.000 нови дома во следните три години, објави Атал. Владата исто така планира да ги ублажи законските барања за општините да се постигне квота на социјални станови во новите случувања за да се добие поддршката од градоначалниците за изградба на нови домови.
Но, за Робин Риватон, писател и инвеститор специјализиран за недвижен имот, овие мерки може да се покажат недоволни за да се надмине отпорот во градското собрание.
– Локалните власти и избраните претставници не сакаат бидејќи новите станови бараат од нив да развијат скапи јавни услуги. Потребни се нови алатки за да ги натераат локалните избрани функционери да сфатат дека производството на нови станови може да им обезбеди финансиски поврат – објасни тој.