Во годишното истражување за превентивни приоритети на „Каунсил он форин рилејшнс“ (ЦФР), американските експерти за надворешна политика даваат процена за веројатноста и влијанието на триесет потенцијални конфликти што би можеле да се појават или да ескалираат во нареднава година
Центар за превентивна акција
Според резултатите од четиринаесеттото годишно истражување за превентивни приоритети на ЦФР, годинава администрацијата на Џо Бајден се соочува со неколку акутни хуманитарни кризи, во услови на засилени тензии со Кина, Иран и со Русија. Истражувањето покажа дека постои еден алармантен тренд: големиот недостиг од храна, намалената странска помош, политичката нестабилност и влошените економски услови ги забрзуваат хуманитарните и бегалските кризи во светот.
Истражувањето што беше спроведено во ноември 2021 година од страна на Центарот за превентивна акција на ЦФР, побара од еминентни експерти за надворешна политика да дадат своја процена за триесет актуелни или потенцијални насилни конфликти, базирани врз основа на веројатноста за нивно избувнување или ескалација во 2022 година, како и за нивното евентуално влијание врз интересите на САД.
Поради цената во човечки животи, американските стручњаци за надворешна политика изразија загриженост дека годинава САД ќе мораат да одговорат на непријатната мешавина од хуманитарни кризи на места толку различни како Авганистан, Хаити, Либан и Венецуела.
Истовремено, Вашингтон ќе мора да се справува со ризикот од засилени тензии со Русија во однос на Украина, интензивираниот притисок на Кина врз Тајван, што може да доведе до криза во кинеско-тајванските односи, како и од потенцијалниот судир помеѓу Израел и Иран, инициран поради иранската нуклеарна програма.
За првпат од започнувањето на ова истражување во 2008 година, веројатноста за терористички напад со голем број жртви, изведен врз САД од страна на странска терористичка организација, повеќе не е оценета како приоритет.
Сепак, опасноста предизвикана од нуклеарната програма на Северна Кореја – која беше врвна закана во 2021 година – како и можноста за високоподривачки сајбер-напад врз клучната инфраструктура на САД, остануваат предмет на загриженост и во 2022 година.
Од хуманитарни кризи до потенцијални судири меѓу големите сили, администрацијата на Бајден во 2022 година најверојатно ќе се соочи со крајно сложена низа од надворешнополитички предизвици. Постигнувањето правилна рамнотежа помеѓу управувањето со „итното“, а без занемарување на „важното“, ќе бара не само јасно размислување туку и тешки избори – изјави Пол Б. Стерс, директор на Центарот за превентивна акција.
Во глобала, десет евентуални настани се сметаат за ризици од највисоко ниво: Веројатност: висока Влијание: умерено
– Влошување на хуманитарната криза во Авганистан, предизвикана од акутен недостиг од храна, постојана политичка нестабилност и намалена странска помош, што води до масовен егзодус на бегалци.
– Зголемен политичкиот хаос и намалена јавна безбедност на Хаити, што води до влошување на хуманитарната криза и масовен егзодус на бегалци.
– Засилена политичка нестабилност и социјални немири во Либан, што води до колапс на државните институции и сè поголемо секташко насилство.
– Континуирано влошување на социјалните и економските услови во Венецуела, што води до понатамошни политички судири и зголемен миграциски одлив.
Веројатност: умерена
Влијание: големо
– Интензивирање на принудниот кинески притисок врз Тајван, што води кон криза во кинеско-тајванските односи, во која се вклучени САД и/или други земји во регионот.
– Воен судир помеѓу Иран и Израел поради иранската нуклеарна програма и континуираната поддршка за милитантни групи во соседните држави.
– Засилен оружен натпревар меѓу криминалните организации во Мексико, што ќе резултира со зголемен број цивилни жртви, зголемена политичка корупција и наплив од бегалци и баратели на азил.
– Продолжено тестирање на балистички ракети со долг дострел и/или развој на нуклеарно оружје од страна на Северна Кореја, што може да предизвика обнова на кризата на Корејскиот Полуостров.
– Интензивирање на борбите во источна Украина или голем воен судир во спорните области, што ќе резултира со разгорување на зголемените тензии со Русија.
– Високоподривачки сајбер-напад врз клучната инфраструктура на САД од страна на странска држава или група поддржана од странска држава.
Подготвиле: Марјан Велевски; Билјана Здравковска