Деценискиот конфликт меѓу Турција и Грција како пречка за искористување на енергетските потенцијали
Европа бара начини за одвикнување од рускиот гас. Но Турција и Грција не успеваат да се договорат како да црпат гас од европските територии,
истакнува Нектарија Стамули за „Политико“
Додека се обидува да ѝ стави крај на својата зависност од руска енергија, Европа знае дека има неискористен ресурс: водите околу Кипар. Сепак, децениски долгиот спор меѓу Турција, Кипар и Грција ги кочи напорите за истражување и црпење каков било природен гас што лежи под Средоземно Море. Турција сака да има главен збор во остварувањето профит од богатствата на овој остров, грижејќи се придобивките да ги користи заедницата на кипарските Турци. Наедно, Анкара сака секој гас што оди кон Европа да поминува низ нејзината територија. Од друга страна, Атина стои на намерата за транспорт на гас преку Грција и Кипар. Доколку се има предвид фактот дека испораката на гасни резерви од Израел, Либан и Египет е исто така дел од преговорите, крајниот резултат е ќор-сокак.
Во почетокот постоеше надеж дека единството во однос на украинскиот конфликт ќе ги убеди државите да ги остават настрана сите несогласувања, помагајќи ѝ притоа на ЕУ да им стави крај на исплатите за руски гас и нафта. Во март дури и се сретнаа грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, поттикнувајќи ги надежите дека ќе следува затоплување на односите. Меѓутоа, само два месеца подоцна, Ердоган ги прекина врските со Мицотакис, а грчките власти, повикувајќи се на турските закани, ги ставија во состојба на готовност своите поморски сили. Се чини дека сите надежи за зближување паднаа во вода. Резултатот гласи: 15 години по првата рунда на лиценцирање и 11 години по откривањето на првото големо гасно поле на островот, Кипар повторно се наоѓа на почеток. Не се вади никаков гас, ниту пак се носи одлука за тоа како тој би можел да се комбинира со другите резерви во регионот и да се испорача во преостанатиот дел од Европа.
Во Кипар не се многу изненадени што оптимистичките плановите пропаднаа. Кипраните сега се загрижени дека растечките тензии ќе ги обесхрабрат енергетските компании од понатамошни истражувања и инвестиции, забавувајќи го притоа зголемувањето на приходи од фосилни горива, кои се сметаат клучни за земјата, која веќе почна да се соочува со предизвици поради губењето на големиот бизнис што Русите го донесоа на Кипар.
Старите судири раѓаат модерни битки
Турската инвазија на Кипар го подели островот на турски и грчки Кипрани – во земја што е членка на ЕУ и меѓународно признаена како Република Кипар. Оттогаш, замрзнатиот конфликт се манифестираше во низа платенички препирања околу поморските граници и околните природни ресурси. Ваквите расправии станаа уште посериозни во последниве неколку децении, откако Кипар им дозволи на компаниите да бараат наоѓалишта на природен гас во својата ексклузивна економска зона, па така во 2011 година беше откриено наоѓалиштето „Афродита“. Турција вели дека Кипар мора да се воздржи од какви било акции во овие води, испраќајќи сопствени истражувачки мисии, придружувани од воени бродови. Во 2019 година, ЕУ наметна санкции против Русија поради неовластено дупчење во близината на кипарското крајбрежје. И така, години подоцна, гасниот „бум“ никогаш не се случи, и покрај многубројните големи енергетски компании што настојуваат да профитираат од овој регион.
„Ексонмобил“ и „Катар енерџи“ тргнаа со заеднички напори за екстракција на гас од подрачјето. Според кипарската министерка за енергија, трговија и индустрија Наташа Пилидес, во наредните недели треба да почне и една друга иницијатива од страна на компаниите „Ени“ и „Тотал“. Истовремено, Кипар очекува конзорциумот предводен од „Шеврон“ да излезе со свои предлози во однос на наоѓалиштето „Афродита“. Операциите со дупчење ќе дадат појасна слика за подводните наоѓалишта и ќе го поплочат патот за дискусии за тоа како да се испорача гасот, што е клучно за проектите да бидат економски исплатливи. Едно од можните решенија вклучува поврзување на наоѓалиштето „Афродита“ со некој египетски терминал. Исто така, грчка компанија испрати предлог до властите во Кипар, со кој преку мал гасовод би се направило поврзување меѓу израелските гасни полиња и овој остров, додека една пловечка постројка за течен природен гас изградена во близината на островот би служела како дистрибутивен пункт за остатокот од Европа. Покрај тоа, има предлог за поевтин алтернативен гасовод што би поминувал низ Турција. Оваа стара идеја повторно оживеа откако неодамна се затоплија односите меѓу Турција и Израел. Во последниве неколку недели, турскиот министер за надворешни работи го нагласи својот став, велејќи дека Турција ќе биде единствената излезна точка за израелскиот гас доколку се донесе решение за извоз во Европа. Кипарската министерка за енергија Пилидес се пожали дека актуелниот ќор-сокак не претставува пречка само за Кипар туку и за меѓународната заедница.
Политиката е во игра
Изборите се уште еден фактор што влијае врз актуелната состојба. Најдоцна до 2023 година, во Грција, Турција и Кипар ќе се одржат избори и ова е една од причините зошто речиси никој не очекува значајна деескалација меѓу Турција и Грција. Кипраните ја обвинуваат Анкара дека не прави напори за справување со енергетското прашање, ниту пак иницира разговори со другата половина од островот пред изборите во 2023 година. Висок службеник на Министерството за надворешни работи на Кипар истакна дека постои опасност од создавање нови де факто ситуации во кипарското море или копно, нешто што со сигурност ќе ги „убие“ сите можности за продолжување на преговорите за решавањето на кипарскиот проблем. На почетокот на годинава, во обид да ги обнови мировните преговори со кипарските Турци, кипарскиот министер претстави цела низа мерки за градење доверба, но тие не дадоа плод.