Решенија за станбените проблеми
Голем дел млади Кинези претпочитаат да работат во големите градови, зашто тие нудат повеќе шанси за работа, но високите кирии често ги присилуваат да живеат далеку од нивните работни места, при што некои од нив мора да патуваат и подолго од еден час во пренатрупаните метроа. Но со оглед на напорите на власта да обезбеди евтини, а сепак пристојни станови во близината на работните места, можно е наскоро младите луѓе да бидат поштедени од ваквото секојдневно малтретирање, пишува „Чајна дејли“.
Откако минатиот јули Генералната канцеларија на Државниот совет издаде упатства, државната станбена и локалните управи вложуваат напори да го поттикнат развојот на поволни станови за изнајмување, при што главна целна група се токму младите Кинези. Во упатството се вели дека одлуката за нови типови станови под кирија, субвенционирани од страна на Владата, со површина што најчесто не е поголема од 70 квадратни метри, ќе има за цел да ги реши станбените проблеми на новите урбани резиденти – млади луѓе и други пожелни и прифатливи групи – со тоа што ќе се обезбедат живеалишта со кирии што се пониски од пазарно утврдените цени.
Во 2019 година, Министерството за домување и урбано-рурален развој лансира пилот-програма за изнајмување станови во 13 кинески града – меѓу кои Чангша, главен град на провинцијата Хунан, и Џинан, главен град на провинцијата Шандонг, која беше фокусирана на развојот на живеалишта со пристапни цени. Во упатството беа вклучени преференцијални политики, како што се поедноставување на процедурите за одобрување и обезбедување финансиска поддршка, за да се олеснат тешкотиите со кои се соочуваат градовите во процесот на својот развој.
Хуо Да, туристички водич во Чангша, беше еден од првите што имаа бенефиција од пилот-програмата. Овој 28-годишен човек дознал за програмата набргу по доаѓањето во Чангша од неговиот роден град во провинцијата Џангсу. Веднаш поднел молба, но не очекувал дека ќе се квалификува толку брзо. Тој рече дека неговиот стан во реновирана зграда се наоѓа во раздвиженото централно градско подрачје, во близината на голем број комерцијални комплекси, додавајќи дека ова е добра локација за секојдневие и забава, со одлични транспортни врски. Неговиот стан има спална и посебен тоалет, а сите станари во блокот со 99 стана имаат бесплатен пристап до вежбалници, сали за состаноци и кујни.
Станот не е голем, но удобен е и има декорации соодветни за млади луѓе. Месечната кирија изнесува само 1.900 јуани (298 долари) – рече Хуо Да.
Се очекува многу повеќе луѓе да имаат полза од оваа програма, бидејќи, во согласност со упатствата на Државниот совет, таа е проширена и во други кинески градови. Министерството за домување и урбано-рурален развој соопшти дека Кина има во план изградба на 6,5 милиони државно субвенционирани станови за изнајмување до крајот на 2025 година, од што корист ќе имаат 13 милиони луѓе. Според податоците на Министерството, годинава изградбата зеде замав, па во однос на 940.000 стана изградени минатата година, во 2022 година се очекува изградба дури на 1,9 милион станбени единици. Според годишните работни извештаи на провинциските влади, голем број локални власти се зафатија со сериозна акција.
На една од минатогодишните конференции за медиумите, Ни Хонг, заменик-министер за домување и урбано-рурален развој, ја истакна улогата на програмата во помошта околу стабилизацијата на пазарот на недвижности во Кина. Тој рече дека оваа програма дополнително ќе го унапреди системот за поддршка на домувањето во Кина, при што клучна улога за стабилизација на пазарните очекувања и цените на земјиштето и станбениот простор ќе има токму станбената експанзија.