Новата стратегија предвидува надградба на постојната инфраструктура и проширување на услужниот сектор, пишува Су Веи за „Чајна дејли“
Најновиот план на Кина за развивање на својата дигитална економија ќе ја зајакне националната дигитална трансформација и иновациите, а ќе ѝ овозможи на Владата да понуди поправедни јавни услуги, велат аналитичарите. Кинескиот владин кабинет неодамна го претстави првиот петгодишен план за дигитална економија, истакнувајќи ја улогата на секторот во обликувањето на светската економска структура и меѓународната конкуренција, како и воведувањето цели за неговиот развој до 2025 година. Планот предвидува мерки на надградување на националната инфраструктура, зајакнување на улогата на податоците како производствен елемент и промовирање на дигиталната трансформација на индустриите. До 2025 година, додадената вредност на суштинските индустрии во дигиталната економија се очекува да изнесува околу 10 отсто од БДП. Планот исто така ветува дека дополнително ќе го отвори услужниот сектор во Кина, ќе ги истражи мерките за проширување на пристапот до пазарот за нови деловни модели во дигиталната економија и промовирање глобализиран развој за новите услуги.
Акцент на дигиталната инфраструктура
Планот постави цел да се зголеми бројот на корисници на широкопојасен интернет во Кина од 6,4 милиони во 2020 година на 60 милиони во 2025 година и да промовира поголема комерцијална употреба на 5Г. Според Националната комисија за развој и реформи, Кина ја разви најголемата светска оптичка мрежа и има најголем број корисници на интернет, вкупно 1,01 милијарда заклучно со минатиот јуни. Државата води во светот во развојот на 5Г, со вкупно 1,39 милион базни станици и 497 милиони корисници на 5Г-уреди, заклучно со ноември минатата година и е најголем пазар на мало на интернет во светот веќе осум последователни години, со зголемен обем на онлајн продажба од 961 милијарда долари во првата половина од минатата година, што е за 23,2 отсто повеќе на годишно ниво. Клучниот фокус на иницијативата е да се зајакне иновацискиот капацитет во главните технологии, бидејќи земјата се обидува да ги зајакне истражувањето и развојот на сензори, квантни информации, телекомуникации, интегрирани кола, клучен софтвер, големи податоци и вештачка интелигенција. Планот ја истакна потребата да се зајакне самостојноста во развојот на клучни производи и да се подобри конкурентноста во клучни индустриски синџири.
Дигитална трансформација на здравството и помалите фирми
Кина ќе продолжи да го промовира здравиот раст на економијата на платформата, охрабрувајќи ги компаниите да ја засилат интеграцијата и споделувањето податоци, производи и содржини, но и да ги прошират услугите како дигиталното здравство. Ќе бидат промовирани и нови области на раст, како што се паметната продажба, испораката со дронови и паметното производство.
Според Генералната царинска управа, увозот на чипови се зголеми за 15,4 отсто на годишно ниво во 2021 година, бројка што Кина се надева да ја намали со зголемувањето на домашниот технолошки капацитет. Друг фокус на планот е да се поттикне дигиталната трансформација на индустриите, поставувајќи ја целта да им се овозможи 45 отсто од индустриските претпријатија да се поврзат со индустриски платформи на интернет до 2025 година. Кина ќе започне специјална иницијатива за зајакнување на малите и на средните претпријатија, охрабрувајќи ги да ги зголемат напорите за промовирање на интернет, соработка на далечина и развој на дигитални канцеларии и паметни производствени линии.
Дигитализирано земјоделство
За да се подигне дигитализацијата во земјоделскиот сектор, планот вети дека ќе го зајакне растот на паметното земјоделство и ќе ја зголеми дигитализацијата во производството, преработката, продажбата и логистиката. Тој го истакна значењето на зајакнувањето на улогата на податоците како производствен елемент, истакнувајќи дека Кина ќе ги поддржи играчите на пазарот во прибирање податоци во согласност со законот, ќе ги подобри нивните капацитети за обработка на податоци и ќе го прошири секторот за дигитални услуги. Исто така беше ветено развивање на стандарден систем на ресурси со податоци, вклучувајќи мерки за подобрување на нивото на управување и квалитет на податоци. Со планот што сега е поставен, се очекува 800 милиони жители да бидат регистрирани во владините услуги на интернет до 2025 година. За да ги направи социјалните услуги подигитализирани и пошироки, планот опфаќа поголеми напори за поттикнување дигитализација на јавните услуги, вклучувајќи ги и културните и образовните активности, здравството, изложбите, туризмот и спортските настани.
Подготвиле: Марјан Велевски; Билјана Здравковска