Главниот творец на проектот упати официјална покана до сите држави што се заинтересирани за соработка за изградба на основната верзија на истражувачката станица
Силен интерес за истражување на длабоката вселена
Кина планира да работи со глобалните партнери за изградба на основна верзија на Меѓународната станица за истражување на Месечината (ИЛРС) пред 2028 година, подобрената верзија ќе биде готова пред 2040 година, а понатаму ќе биде изградена друга верзија, со апликативни функции до 2050 година, изјави генералниот директор на истражувачката лабораторија за длабоката вселена Ву Вирен.
– Основната верзија на ИЛРС, која треба да биде завршена пред 2028 година, има задача да спроведе истражување на месечевата средина, експерименти и верификации на користењето на месечевите ресурси – рече Ву, кој исто така е академик во Кинеската академија за инженерство.
И со понатамошната подобрена верзија на ИЛРС, научниците се надеваат дека ќе спроведат истражување на вселенската средина меѓу Земјата и Месечината и релевантни научни експерименти, но и да се заврши изградбата на групата сеопфатни сателити што ќе ги подобрат капацитетите за комуникација, навигација и далечинско набљудување, според Ву. По овие случувања, станицата за истражување постепено ќе се надградува во мултифункционална база на Месечината.
Мисии до истражувачката станица
Како клучен дел од фазата на изградба на основната верзија на ИЛРС, Кина ќе ја лансира сондата за месечината „Чанге-6“ до 2024 година, што ќе биде прва мисија што ќе врати примерок од темната страна на Месечината. Покрај тоа, кинеската сонда „Чанге-7“ се очекува да биде лансирана околу 2026 година, за да го истражува јужниот пол на Месечината со надеж дека ќе пронајде вода. Потоа, „Чанге-8“ ќе биде лансирана околу 2028 година, со цел да спроведе експерименти за користење на месечевите ресурси.
Исто така ќе бидат лансирани и три меѓународни мисии до Месечината за изградбата на основната верзија на ИЛРС. И по 2030 година и завршувањето на основната верзија, ќе бидат лансирани мисии со кодно име „ИЛРС-1/2/3“ кон изградба на подобрена верзија на станицата.
Ву исто така откри дека „Чанге-6“ ќе носи товар за истражување на Месечината од неколку други земји, вклучувајќи ги Франција, Италија, Шведска и Пакистан. Почнувајќи од мисијата „Чанге-7“, Кина доби апликации од 11 земји што предлагаат 18 свои различни видови товар што може да се искористи во идната заедничка соработка. Кина оствари соработка за истражување на Месечината со повеќе од 19 земји и региони низ светот и потпиша 23 меѓународни договори за соработка, уште од спроведувањето на проектот за месечева сонда во 2004 година, соопштија кинеските вселенски власти.
Капацитет на ИЛРС
ИЛРС ќе се состои од пет инфраструктурни системи, вклучувајќи транспортен систем од Земјата до Месечината, систем за долгорочно работење и снабдување на површината на Месечината, систем за транспорт и работа на површината, објект за научно истражување, како и систем за копнена поддршка и примена. Станицата ќе биде способна да обезбедува снабдување со енергија, комуникација и навигација, месечево истражување и услуги за копнена поддршка, како и да служи како команден центар, дознава „Глобал тајмс“. Русија, Пакистан, Аргентина и меѓународните организации, вклучувајќи ја и Азиско-пацифичката организација за вселенска соработка, потпишаа договори за учество во ИЛРС, при што повеќе од 10 други земји во моментов преговараат за договорот. Постои надеж дека сите учесници во програмата ќе го завршат потпишувањето на договорите за соработка пред крајот на јуни.
Други вселенски проекти на Кина
Ву Јанхуа, човекот што стои зад големиот кинески проект за истражување на длабоката вселена, ги истакна претстојните задачи на Кина на полето за истражување на длабоката вселена. Кина планира да ја лансира сондата „Тјанвен-2“ до 2025 година, преку ракетата „Лонг марч-3Б“, а мисијата ќе вклучува прелетување и враќање примероци од астероид блиску до Земјата наречен „2016ХO3“, а потоа до околу 2034 година се очекува уште едно прелетување во близината на кометатс наречена „311П“. Џанг Ронгчао, творецот на кинескиот меѓупланетарен проект, изјави за медиумите дека лансирањето на „Тјанвен-2“ се очекува да биде околу мај 2025 година, а работата на прототипот за истражување е речиси завршена. Јанхуа откри дека „Тјанвен-3“ ќе има мисија за враќање примероци од Марс, а „Тјанвен-4“ ќе го истражува системот на Јупитер.
За да ги заштити луѓето од вообичаената закана од удар на астероид, Јанхуа откри дека Кина ќе ја изврши својата прва проба за одбрана од астероид во близината на Земјата. Според него, до 2040 година ќе се формира основен одбранбен капацитет делумно врз основа на меѓународна соработка. Јанхуа нагласи дека подобрувањето на системот за рано предупредување за астероиди блиску до Земјата, проверката на инженерската способност за одбрана на астероидите и работата на меѓународните сили за изградба на способност за заедничко реагирање, претставуваат главна одговорност за вселенската сила.