Кинескиот претставник во ООН апелира сите страни во украинскиот конфликт да покажат воздржаност и да овозможат простор за дипломатски преговори

Напори за деескалација на состојбата и барање за мирно решение

Кинеските аналитичари велат дека сегашната состојба се влошува и дека конфликтот дефинитивно ќе продолжи, а колку порано се обноват преговорите, толку помали загуби ќе претрпат и Украина и Русија, пишуваат Јанг Шенг и Сиа Венсин за „Глобал тајмс“

Конфликтот во Русија и Украина продолжува да ескалира, бидејќи рускиот претседател Владимир Путин ги потпиша документите за прифаќање на регионите Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон во рамките на Русија по референдумите, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски најави кандидатура за брзо членство во НАТО и ја отфрли можноста за разговори со Путин, возвраќајќи на последниот потег на Москва. Во меѓувреме, Кина ги повика сите страни да остават простор за дипломатски преговори во напорите за решавање на украинската криза. Кинеските аналитичари велат дека сегашната состојба се влошува и дека конфликтот дефинитивно ќе продолжи, а колку порано се обноват преговорите толку помали загуби ќе претрпат и Украина и Русија.

За жал, бидејќи САД секогаш се вклучуваат и успешно ги прекинуваат претходните мировни преговори, тие продолжија да го разгоруваат пламенот со снабдување со ново оружје за Киев и нови санкции кон Русија, предизвикувајќи кризата да дојде до оваа фаза, со неповратни штети за двете страни, така што за идните мировни преговори клучот е како Русија и САД во одреден момент да постигнат консензус, велат експертите.

Но за изборот на луѓето во Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон нема да се разговара. Одлуката е донесена и Русија нема да ја предаде, како што рече Путин. Тоа значи дека Русија ќе ги третира четирите региони како свои територии, без разлика што имаат да кажат другите страни за тоа, а условите и суштината на преговорите се променети во споредба со претходните мировни преговори. Ако Киев сака да се врати на преговорите, тоа значи дека прифаќа промена на својата територија, така што, според аналитичарите, јасно е дека мировниот разговор во овој момент е многу малку веројатен.

Дали и НАТО треба да стане дел од равенката во конфликтот?

Зеленски ѝ одговори на Русија со обид да го забрза процесот на пристапување во НАТО. Во претходните мировни преговори Украина да не влезе во НАТО беше предуслов што го презентираше руската страна. Според „Ројтерс“, Зеленски ги потпишал документите за кандидатура во НАТО преку видеоврска, јасно наменета како силен демант на Кремљ, откако Путин одржа церемонија во Москва за да ги вклучи четирите украински региони во Руската Федерација. Но, сега, според зборовите на Зеленски, Украина е веќе „де факто членка на НАТО“, бидејќи доби огромна воена помош од Алијансата, особено од САД, така што, според експертите, таквиот потег нема да влијае на решеноста на Русија да ја заврши својата воена операција.

Џанг Хонг, вонреден научен соработник на Институтот за руски, источноевропски и централноазиски студии на Кинеската академија за општествени науки, изјави за „Глобал тајмс“ дека „иако Украина доби воена помош од НАТО, таа сè уште е многу далеку од тоа да стане вистинска членка. Може да се каже дека Украина во моментов е само сојузник на НАТО“.

Ако Русија влезе во конфликт со вистинска членка на НАТО, тоа ќе го активира нивниот колективен одбранбен механизам и всушност ќе води војна со сите членки на НАТО. Меѓутоа, сојузник на НАТО и членка на НАТО се две различни нешта, а според експертите, можеби и затоа Зеленски очајно го сакаше членство во НАТО, бидејќи сака да ја принуди целата Алијанса да се вклучи во конфликтот и да ѝ помогне на Украина да го врати она што го изгуби.

Имајќи ја предвид актуелната состојба, конфликтот најверојатно дополнително ќе ескалира, како што смета кинескиот воен експерт Сонг Џонгпинг. Клучот за можните преговори сега е како ќе реагира Вашингтон, бидејќи САД се мешаа во претходните рунди на разговори, што доведе до нивно завршување без резултати. Сонг истакна дека колку порано може да се обноват преговорите, толку помала загуба ќе претрпат двете страни.

Веројатно конфликтот меѓу Русија и Украина во источниот дел на Украина ќе продолжи и ќе остане на ниво на конвенционален конфликт, како што е моменталната состојба на теренот. Делумната мобилизација на Русија ќе го зголеми интензитетот на конфликтот и ќе ги консолидира источните региони во Украина што моментално ги контролира. Конфликтот ќе продолжи да одржува таква воена состојба на исцрпување и ќор-сокак.

Наместо да создаваат услови за намалување на тензијата, САД продолжија да го разгоруваат пламенот. Неодамна, Претставничкиот дом на САД усвои нацрт-закон што вклучува дополнителни 12,3 милијарди долари воена и економска помош за Украина. Истовремено, САД воведоа широки санкции кон Русија поради нејзиното официјално признавање на четирите украински региони што ѝ се приклучија на Русија, насочени кон стотици луѓе и компании.

Кина апелира за мир

Освен во борбените зони во Украина, борбите меѓу Западот и Русија се интензивираат и во ОН. Русија стави вето на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, која нејзините обиди да држи четири региони на Украина под руска контрола ги опиша како „закана за меѓународниот мир и безбедност“, барајќи одлуката да биде веднаш и безусловно обратно. Нацрт-резолуцијата, која ја споделија САД и Албанија, беше поддржана од десет од петнаесетте членки на Советот за безбедност, вклучувајќи ги и САД, Франција и Велика Британија, а Русија гласаше против. Четири членки беа воздржани, Бразил, Кина, Габон и Индија, според веб-страницата на ООН.

Џанг Јун, постојан претставник на Кина во ООН, во своето објаснување за гласањето на Кина за Советот за безбедност за нацрт-резолуција за Украина, рече дека „Кина ги повикува сите засегнати страни да покажат воздржаност, да се воздржат од активности што ги влошуваат тензиите и да остават простор за решавање преку дипломатски преговори“. Позицијата на Кина за прашањето за Украина е „конзистентна и јасна“. Според Џанг, треба да се зачуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на сите земји, да се почитуваат целите и принципите на Повелбата на ООН, треба да се сфатат сериозно легитимните безбедносни грижи на сите страни и треба да бидат поддржани сите актери што придонесуваат за мирно решавање на кризата.

Кина верува дека итниот приоритет е да се вложат сите напори за деескалација на состојбата и да се насочат страните да ги обноват дипломатските преговори што е можно поскоро, за да се отвори вратата за политичко решение со легитимни грижи внесени во преговорите и ставени одржливи опции на маса, во обид да се постигне предвремен прекин на огнот.