Строгите рестриктивни мерки што беа наметнати им понудија нови видици на граѓаните за иднина со почист воздух, поради што се зголеми притисокот врз градоначалниците, велат Карл Матајсен и Сара Тајсир-Бенхариф за „Политико“
Пандемијата им отвори нови можности на градовите
Карантините низ Европа во почетокот на пандемијата на коронавирусот го запреа сообраќајот, го исчистија воздухот, спасија стотици луѓе да умрат од загадување и направија притисок врз градските лидери за поодржлив транспорт. Со привремено и делумно намалување на вообичаените смртоносни загадувачи во првата половина на 2020 година, се проценува дека се спасени 832 животи, според истражувачите во студијата објавена во научното списание „Нејчр“. Станува збор за смртни случаи што би се должеле на краткорочна, а не хронична изложеност на загадување на воздухот. Истражувачите во нивните наоди, кои дефинитивно ги поврзаа специфичните карантински мерки со намалувањето на загадувањето на воздухот, понудија поглед на придобивките од градовите без употребата на возила со мотори со внатрешно согорување.
Во условите на пандемијата, жителите имаа можност за увид како би можела да изгледа иднината на движењето и им се допадна она што го видоа – смета градоначалникот на Брисел, Филип Клоз.
Токму во Брисел, тоа им помогна на луѓето да се преиспитаат како се движат, со тоа што повеќе се занимаваат со пешачење и возење велосипед наместо да возат. Клоз рече дека градот ги зголемил велосипедските патеки и зоните само за пешаци, го проширил јавниот превоз и применил ограничување на брзината од 30 километри на час за целиот град.
Истражувачите ги користеа стапките на смртност за 47 европски градови, со исклучок на несреќите и оние пред појавата на пандемијата, како и познатата врска помеѓу краткорочната изложеност на загаден воздух и смртта, за да ги пресметаат смртните случаи поради загадениот воздух во две сценарија: карантин и нормално функционирање. Метеоролошките услови во секој модел ги одразуваа условите во реално време од февруари до јули 2020 година. Антонио Гаспарини, главен истражувач на студијата и професор по биостатистика и епидемиологија на Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, вели дека во двете сценарија сè е идентично освен нивото на загаденост на воздухот поради воведените карантини во пандемијата. Истражувачите ги издвоија смртните случаи поврзани со долготрајна и краткорочна изложеност на загаден воздух, бидејќи тие имаат различни скриени механизми во телото.
Студијата не го зема предвид долгорочното влијание на изложеноста врз здравјето, што може да предизвика срцеви заболувања, мозочни удари, рак на белите дробови и други респираторни заболувања. Претходните студии проценуваа дека почистиот воздух низ Европа за време на пандемијата можеше да доведе до избегнување десетици илјади предвремени смртни случаи. Пандемијата даде можност да се преиспита начинот на проучување на загадувањето на воздухот.
Загадувањето на воздухот е најголемиот убиец во Европа. Околу 400.000 луѓе годишно умираат предвреме од лошиот воздух. Низ континентот, градските власти се под притисок да го намалат сообраќајот, да ги промовираат возењето велосипед и пешачењето, како и да изградат инфраструктура што ги поттикнува возилата без штетни емисии.
Подготвиле: Марјан Велевски; Билјана Здравковска