Поддршката за Киев е морално потребна и е во најдобар интерес на Европската Унија. Европејците треба да го искористат овој момент на единство за да решат неколку долгорочни предизвици што се поврзани со конфликтот, смета Мари Думулин од ЕЦФР
Откако Русија ја започна својата специјална воена операција во Украина, медиумите и социјалните мрежи беа преплавени со полемики за декларираните цели на лидерите на Европската Унија (ЕУ) во конфликтот. Но ниту ЕУ ниту нејзините членки всушност не го водат овој конфликт, што значи дека тие ќе имаат мало право на збор за нејзиниот исход. Иако повеќето европски лидери признаваат дека само Украина треба да одлучи како и кога ќе води преговори со Русија, тие може да не бидат задоволни или да не се согласат меѓусебно околу нејзиниот евентуален исход.
Ова прашање е во центарот на тековните дискусии на лидерите на ЕУ. Некои од нив се залагаат за безусловна поддршка за Украина додека не постигне целосна победа над Русија, иако не постои нужно дефинирање како би изгледала таквата победа. Други се загрижени дека Русија ќе го ескалира конфликтот користејќи неконвенционални средства. Украинската победа би била најдобриот исход за европските лидери, но многу од нив се свесни дека Русија, веројатно, нема да го прифати поразот. Поставувањето рамнотежа помеѓу ова морално правилно најдобро сценарио и егзистенцијалната закана е еден од клучните предизвици со кои сега се соочуваат европските лидери.
Со фокусирање на напорите на руската војска на Донбас, конфликтот влезе во нова фаза, која, веројатно, ќе трае долго. Во одреден момент, исцрпени од воените напори, двете страни може да се согласат на прекин на огнот без вистински крај на конфликтот. Овој исход би можел да биде проследен со преговори што би резултирале со договор сличен на договорот од Минск, иако би имало многу попредизвикувачки политички прашања за дискусија или би имало обична пауза во борбите, кои би можеле да продолжат во секое време. За ЕУ, двата исхода би биле главно исти: Европа би била нестабилна, додека членките би биле поделени околу нивните потенцијални безбедносни обврски кон Украина и дали да имаат контакти со Русија.
Оваа идеја во последните месеци налути многу Европејци. Нивните реакции на неодамнешниот говор на Хенри Кисинџер на Светскиот економски форум во Давос, во кој тој предложи Украина да ѝ дозволи на Русија да анектира дел од нејзината територија, ја покажува чувствителноста на ова прашање. Неодамнешната анкета на Меѓународниот институт за социологија во Киев покажа дека повеќе од 80 отсто од Украинците ја отфрлаат идејата за територијални отстапки за мир. Сепак, може да дојде момент кога, за да се избегнат дополнителни жртви и уништувања, Украинците ќе бидат принудени да прифатат договор што вклучува такви отстапки. Исто така, се чини малку веројатно дека Русија ќе ги врати териториите што ги освои. Во ова сценарио, дебатата меѓу Европејците би станала уште поитна и поделена: ако украинската влада потпише договор со кој ѝ отстапува територија на Русија, дали ЕУ треба да го прифати и да продолжи понатаму? Различни европски членки, вклучувајќи ги и оние што во моментов се смета дека сакаат да ја смират топката со Русија, би го отфрлиле договорот што ја наградува употребата на сила со територијални придобивки. Овој тип договор би поставил опасен преседан за меѓународниот поредок заснован на правила.
Европскиот безбедносен поредок по крајот на конфликтот
Ова прашање ќе продолжи да ги дели Европејците без оглед на исходот од конфликтот. Повеќето европски членки сакаат да покажат единство во осудувањето на руските постапки и поддршката на Украина, но тие можеби имаат поизразена позиција во размислувањето за европскиот безбедносен поредок на долг рок. Некои би сакале да го градат поредокот исклучиво околу одбраната од Русија, додека други веруваат дека стратегиската стабилност во Европа ќе бара таа да ја вклучи Русија преку некаква форма на обврзувачки договор. Тековната дебата не се фокусира на можноста за преговарање со Москва за ова прашање во овој момент, бидејќи сите членки се согласуваат дека тоа би било невозможно. Наместо тоа, дебатата се однесува на тоа дали да се задржи простор за таква дискусија кога ќе дојде време или да се изградат воени капацитети доволно силни за да се неутрализира заканата од руска воена акција.
Денес, поддршката за Украина е морално коректна и во најдобар интерес на ЕУ и нејзините членки, бидејќи таа треба да помогне да се создаде поволна рамнотежа на силите, да доведе до решение што ќе ги зачувува суверенитетот и територијалниот интегритет на земјата и ќе ја штити европската безбедност. Но Европејците треба малку да размислат за нивните долгорочни цели и нивната дефиниција за победа, со оглед на тоа што не е сигурно дали тие ќе бидат толку обединети во подоцнежна фаза или ќе бидат во позиција да влијаат на идното решение. Бидејќи ова ќе биде тешка дискусија, Европејците треба да ја започнат сега, ако сакаат да избегнат разочарување.