Ограничувањата на руската трговија со нафта ги зголемуваат влоговите во долготрајниот економски ќор-сокак што го преобликува глобалниот енергетски пазар
Кој е реалниот ефект од западните санкции врз Москва
Откако лани Западот ѝ го сврте грбот, Русија успеа да го пренасочи својот моќен извоз на нафта во Азија, да го промени курсот на флотата на танкери неоптоварена со западните санкции и да ги приспособи плановите за нивно избегнување. Стратегијата даде резултати. Рускиот претседател Владимир Путин не само што ги задржа туку и ги зголеми приходите од извозот на енергија, според официјалните податоци, и можеби се слеа уште повеќе готовина, што би можело да им помогне на руските воените напори.
Но не е јасно дали Русија може да продолжи да маневрира со напорите за намалување на приходите од нафтата. Има знаци дека западните контроли што стапија во сила во декември, како што се ембаргото за повеќето продажби во Европа и ограничувањето на цената на земјите од Г7 за руската сурова нафта што се продава на други земји, почнуваат да имаат длабоко влијание врз заработката од енергијата.
И уште една рунда санкции за да му се нанесе удар на воениот буџет на Русија беа воведени неодамна, кога стапи во сила ембаргото на Европската Унија (ЕУ) за рускиот дизел, бензин и други рафинирани нафтени производи. Како и санкциите за сурова нафта, тоа е придружено со ограничувања на цените на Г7 на рускиот дизел и другите нафтени производи што се продаваат на друго место. Постепеното засилување на нафтените санкции, кои имаат цел да ги намалат приходите од извозот на нафта на Русија без да го згаснат кревкото закрепнување на глобалната економија по пандемијата, е политика за која аналитичарите велат дека може да потрае со години за да даде плод.
Русија остварува заработка и покрај санкциите
Меѓутоа, една година од почетокот на конфликтот во Украина, Русија успеа да го одржува протокот на нафта. За цела 2022 година, Русија успеа да го зголеми своето производство на нафта за два отсто и да ја зголеми заработката од извозот на нафта за 20 отсто, на 218 милијарди долари, според процените на руската влада и Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), група што ги претставува главните потрошувачи на енергија во светот. Заработката на Русија беше помогната од севкупниот пораст на цените на нафтата по почетокот на конфликтот и од зголемената побарувачка по укинувањето на строгите заштитни мерки во пандемијата. Тие трендови исто така беа од корист за западните нафтени гиганти, како „Ексон мобил“ и „Шел“, кои забележаа рекордна заработка за 2022 година. Русија исто така собра 138 милијарди долари од продажба на природен гас, што е речиси 80 отсто пораст во однос на 2021 година, бидејќи рекордните цени ги надоместија намалувањата на протокот кон Европа.
Обемот на извозот на главниот тип на руска сурова нафта исто така закрепна по падот во декември предизвикан од наметнувањето на ценовната граница на Г7 и ембаргото на Западот на руската сурова нафта преку море, според ИЕА.
Неодамна Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) рече дека ограничувањето на цената на нафтата, моментално на 60 долари за барел, веројатно нема да влијае на обемот на извозот на руската нафта и дека очекува руската економија да порасне за 0,3 отсто оваа година, откако се намали за 2,2 процента во 2022 година. Таа проекција ги надминува прогнозите на фондот за британската и германската економија.
Пренасочување на извозот кон Азија
Русија го ублажи влијанието на западните мерки со пренасочување на извозот на сурова нафта во Кина, Индија и Турција, искористувајќи ги својот пристап до нафтените пристаништа на три различни мориња, обемните нафтоводи, големата флота танкери и значителниот домашен пазар на капитал, кој е заштитен од западните санкции. Во тој процес, Кремљ беше во можност за неколку месеци да ги преструктурира досегашните глобални модели на трговија со нафта. Извозот на нафта на Русија во Индија, на пример, порасна за шеснаесет пати од почетокот на војната, во просек од 1,6 милион барели дневно во декември, според ИЕА.
Сергеј Вакуленко, енергетски научник во фондацијата за меѓународен мир „Карнеги“, вели дека Русија останува да биде застрашувачка сила на глобалниот енергетски пазар и додаде дека спротивставувањето на таков голем играч воопшто не е лесно и нема да се случи за еден ден.
Кратење на приходите од извозот
И покрај тоа што Русија продолжува да произведува околу 10 милиони барели нафта дневно, што ја прави трет по големина производител во светот, по САД и Саудиска Арабија, европската забрана за нафта и ценовната граница, усвоени на 5 декември, неодамна ги скратија приходите во нејзината каса од извозот. Во декември приходите од руската нафта од извозот изнесуваа 12,6 милијарди долари, што е речиси четири милијарди долари помалку од една година порано, според процените на ИЕА. Тоа во голема мера се должи на тоа што руските нафтени компании треба да понудат сè поголеми попусти на сè помалиот куп купувачи.
Трендот на попусти се чини дека опстојува. Приходите на руската влада од производството и извозот на нафта и гас се намалени во јануари за 46 отсто во однос на истиот месец минатата година, соопшти Министерството за финансии. Разликата меѓу цените на брент, глобален репер за нафта, и урал, главниот тип на извезена руска сурова нафта, се зголеми на околу 40 долари за барел во јануари, според компанијата за енергетски податоци „Аргус медија“. Таа разлика изнесува само неколку долари од пред конфликтот. Руското министерство за финансии го призна падот на приходите од нафтата, велејќи дека просечната цена на урал во јануари била 49,50 долари за барел, што е речиси половина од цената од претходната година.
Главниот адут на Кремљ
За поддржувачите на руските нафтени санкции, способноста на Кремљ да продолжи да продава нафта за помалку пари е предвидениот исход од ограничувањето на цената. Идејата е да се избегне недостиг што може да ги натера цените да се зголемат. Некои експерти за нафта велат дека, сепак, големите попусти за руската нафта делумно би можеле да бидат илузија. Користејќи ги царинските податоци од Индија, рускиот експерт за нафта Вакуленко покажа дека локалните увозници на руска сурова нафта плаќаат речиси иста цена како и суровата нафта од типот брент. Анализата на „Њујорк тајмс“ на истите податоци даде слични резултати. Овој приход нема директно да се инкасира во руската влада во даноци, според Татјана Митрова, руска експертка за нафта во центарот за глобална енергетска политика на универзитетот „Колумбија“.
Експертите се согласуваат дека на подолг рок, иднината на приходите од руската нафта ќе ја решаваат глобалните економски сили надвор од контролата на западните спроведувачи на санкции и руските затајувачи. Тие велат дека глобалните цени на нафтата ќе останат единствената најголема детерминанта за тоа колку пари ќе собере Кремљ од барел извезена сурова нафта, и покрај зголемената нетранспарентност во неговата трговија. И судбината на таа цена во голема мера се должи на сојузникот на Русија, Кина, чија економија штотуку почнува да излегува од годините на строги ограничувања поради пандемијата на ковид-19.
Русија има стратегија како да се заштити
По една година подготовки, Русија изгледа способно да го амортизира непосредното влијание на западните нафтени санкции врз производството, според Феликс Тод, аналитичар во „Аргус медија“. Експертите велат дека Русија може да ги покрие сите празнини во финансирањето на нафтата во следните неколку години со користење на својот национален фонд за богатство, кој го собра од минатите неочекувани енергетски профити и вреди околу 150 милијарди долари.
– Руската влада исто така ги заштити своите одбранбени и социјални трошоци од буџетски кратења, што значи дека дури и драстичното намалување на приходите од нафта нема да им наштети на нејзините воени напори во блиска иднина – рече Александра Прокопенко, руска економска аналитичарка и поранешна советничка во руската централна банка.