Администрацијата на американскиот претседател направи клучни грешки во претстојната криза и сосема е неизвесно дали инвазијата можеше да се спречи. Но јасно е дека не успеа дипломатијата, ослободена од сенката на цврстата моќ, велат Остин Дамер и Закари Вотсон за „Нешенел интерест“
Кога руските оклопни колони влегоа во Украина, многумина во западната надворешнополитичка интелигенција беа шокирани, што воопшто не изненади. Покрај тоа што последниот чин во трагедијата на политиката на големите сили е секако поразителен, поплаките и гневот во Вашингтон и европските земји ќе беа комични ако не беа толку патетични. Некои се жалеа дека историјата се повторувала, но всушност, таа никогаш не отиде напред. Западните лидери влегоа во оваа криза без да помислат на последиците. Нивната стратегија беше заснована на погрешни теоретски претпоставки, а нејзиниот неуспех носи важни импликации за политиката на САД во иднина.
Идејата дека светот на некој начин ја надминал употребата на силата во меѓународната политика сама по себе не е нова, но светогледот на западните функционери во пресрет на руската интервенција е поттикнат од неолибералниот институционализам. Сепак, неолибералниот институционализам е особено погубен за политичарите затоа што не признава дека конфликтот постои во човековата природа, ги потценува моќта и безбедноста како двигатели на однесувањето на државата и претерано ја нагласува улогата на меѓународните организации и кооперативните перспективи на геополитиката.
Може ли да се сфати другата страна?
Додека реалистите од разни сфери беа многу помалку запрепастени од руската отворена примена на воена сила, многумина беа збунети од очигледната ирационалност на одлучувањето на Владимир Путин. Секој што даваше широки изјави за намерите на Русија само врз основа на нивниот личен став за тоа што претставува рационалност, беа еднакво наивни како и оние што мислеа дека човечката раса (или барем Европејците) ја надраснала војната. Државите и нивните лидери дејствуваат за да го унапредат она што тие го оценуваат дека се нивните интереси, одредени со нивните соодветни правила на рационалност. Нивните процени за овие интереси може да бидат (и често се) сосема различни од оние на другите. Резултатот може да биде војна, но тоа не значи дека тој е нерационален. Овој недостиг од стратегиска емпатија, способноста да се проценат интересите на другите држави преку нивните правила и да се признае дејствувањето на други актери независни од нечија сопствена политика, е критична ранливост на многу аналитичари и политичари. Прекумерната зависност од либералните претпоставки доведе до фетишизација на дипломатијата за сметка на повеќето други елементи на националната моќ. Дипломатијата без закана од насилство е безвредна. Западната дипломатија во зимската криза 2021-2022 година беше неефикасна токму затоа што западните лидери погрешно мислеа дека дипломатијата сама по себе е способна да ги реши глобалните проблеми.
Џон Кери, поранешниот американски државен секретар, даде хаотично интервју, кое беше емитувано вечерта кога руските сили влегоа во Украина. Тој го осуди одвлекувањето на вниманието од климатските промени и ги критикуваше ефектите од емисиите што би ги имала Руско-украинската војна. Иако мора да се признае дека интервјуто беше претходно снимено, тоа што вниманието на главниот член на надворешната политика на администрациите на Обама и на Бајден не беше насочено кон последиците од територијалниот реваншизам на Русија (против демократијата што, наводно, е основата на надворешната политика на оваа администрација) е показател за глобалистичката деменција што провејува премногу во естаблишментот во Вашингтон. Нивните погрешни убедувања дека иднината ќе се карактеризира со транснационална соработка околу нивните посакувани кризи, во најдобар случај се игнорантски, а во најлош се предавнички.
Санкциите на прво место
Стратегијата на американската администрација беше „Дипломатијата на прво место“, но не „само дипломатија“. Нејзиниот првичен концепт на „интегрирано одвраќање“ тврди дека САД можат да ги одвратат безбедносните закани со невоени алатки. Откако Бајден еднострано ја отфрли употребата на сила, стратегијата на Белата куќа стана главно заснована на ефектот на економските санкции. Меѓутоа, во првите забелешки на Бајден по инвазијата, тој бизарно тврдеше дека „никој не очекуваше дека санкциите ќе спречат нешто да се случи“ и тоа токму така им беше пренесено на американскиот народ, на сојузниците на САД и на Русија. Се чини дека Советот за национална безбедност одбива да верува дека нивната стратегија за одвраќање не функционира според планираното, не сфаќајќи дека доколку Путин нападне, заканата од економски проблеми веќе е вклучена во неговите пресметки и затоа не е доволна. Во критичкиот емпириски тест на концептот на административниот врв за „интегрирано одвраќање“, економските санкции не успеаја да покажат својата вредност.
Во секој случај, администрацијата на Бајден донесе правилна одлука со тоа што не испрати конвенционални американски сили во Украина. САД немаат формален сојуз со Украина и на крајот не е нивна одговорност да го бранат суверенитетот на секоја друга држава. Мора да се признае дека само меѓународното незадоволство нема да ги одврати противниците да се обидат да употребат воена сила за да ги постигнат нивните цели. Вашингтон треба да ѝ помогне на Украина без директна конвенционална воена конфронтација. Продажбата на оружје на Западот пред воените дејства, особено критичната муниција како што се противтенковски и насочувачки ракети земја – воздух, беа неопходни, но недоволни. Дополнителното обезбедување оружје мора да продолжи, дури и ако се влоши конвенционалната одбрана на Украина.
Промена на безбедносните одредби
Пошироко, актуелната криза во Украина претставува ретка можност за САД да променат некои основни безбедносни договори. Вашингтон најпрво треба да ги зголеми сопствените трошоци за одбрана на четири отсто од БДП со донесување дополнителни средства за одбрана. Конгресот не треба да го чека следниот буџет на претседателот. Јасно е дека САД не можат да ја игнорираат Русија додека се фокусираат исклучиво на Кина, нивниот главен геополитички конкурент. Америка мора истовремено да се бори со две големи сили, кои претставуваат сосема различни закани.
И другите држави ги менуваат своите безбедносни одредби. Бајден треба да ги искористи зголемените одбранбени инвестиции на Германија и на Јапонија, барајќи од сојузниците во НАТО да ги зголемат и зајакнат одбранбените трошоци и да преземат поголема одговорност за европската безбедност. САД не треба целосно да ја напуштат својата воена положба во Европа, туку треба да го фокусираат најголемиот дел од своите ограничени ресурси во Индопацификот и да ја прераспределат својата борбена моќ во Европа со државите од првата линија, особено Полска, Летонија, Литванија и Естонија. Дополнително, приоритет треба да биде одржувањето на динамиката на Квадрилатералниот безбедносен дијалог и АУКУС при финансирање на Иницијативата за одвраќање на Пацификот.
Руско-украинската војна ќе ги промени глобалните безбедносни пресметки на непредвидливи начини. Администрацијата на Бајден направи критични грешки во претстојната криза и сосема е неизвесно дали инвазијата можела да се спречи. Но јасно е дека не успеа дипломатијата, ослободена од сенката на цврстата моќ.
Подготвиле: Марјан Велевски, Билјана Здравковска