Уште еден колосален кинески проект во регионот на Балканот
Министерството за рударство и енергетика на Србија потпиша меморандум за разбирање со кинеските компании „Шангај Фенглинг Рењублс“ и „Србија Циѓин Копер“ за инвестирање две милијарди евра во изградба на ветерна централа со моќност од 1.500 мегавати, соларна централа со моќност од 500 мегавати и постројка за производство на водород. Кинеските претставници поседуваат знаење, искуство и вештини за изградба на вакви колосални објекти, тие и досега покажаа дека во регионот на Балканот, во делот од енергетиката и другата инфраструктура, можат од нешто речиси незамисливо да направат – реалност. Пељешкиот мост во Хрватска е вистински пример за тоа.
– Проектот опфаќа изградба на централа во околината на Бор, со вкупен капацитет од два гигавата, односно ветерен парк од 1.500 мегавати и соларна централа од 500 мегавати, како и фабрика за производство на зелен водород, со капацитет од околу 30.000 тони годишно – изјави Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ, министерка за рударство и енергетика, по потпишувањето на меморандумот во Владата на Србија со претставници на двете компании, во присуство на Ли Минг, кинескиот амбасадор во Србија.
Таа нагласи дека инвеститор е компанијата „Шангај Фенглинг Рењублс“, која има искуство и знаење во областа на обновливите извори на енергија (ОИЕ), како и во производството на опрема за ОИЕ, пред сѐ столбови за генератори на ветер.
Како што изјави министерката, потпишувањето на меморандумот е натамошен чекор во целите на Србија кон декарбонизација на енергетскиот сектор до 2050 година и кон транзиција кон почисти ОИЕ.
– Со меморандумот тргнуваме во реализација на поединечно најголемата инвестиција во ОИЕ во наредниот период во Србија – рече министерката Ѓедовиќ Хандановиќ.
Таа прецизира дека почетокот на изградбата на централата е планиран за првиот квартал од следната година, а првата фаза од 700 мегавати треба да биде завршена до средината на 2026 година.
– До крајот на 2028 година треба да биде завршен целиот проект. Тоа значи сите 2.000 мегавати и достигнување производствен капацитет на зелен водород од 30.000 тони годишно – најави министерката.
Како што истакна таа, се очекува оваа инвестиција да овозможи отворање од 300 до 500 нови работни места, главно поврзани со секторот ОИЕ.