Германија го забрани палењето на знамињата на другите земји, а вицеканцеларот ги потсети Германците дека палењето на израелското знаме или фалењето на акциите на Хамас се злосторства
Германскиот заменик-канцелар Роберт Хабек вети остар политички одговор на зголемениот антисемитизам. Во видеото, кое за краток период забележа осум милиони прегледи, тој го критикуваше антисемитизмот од исламистите, екстремната десница и „деловите од политичката левица“.
Германија забележа неодамнешен пораст на антисемитски и антиизраелски инциденти. Тие започнаа по нападите на 7 октомври во Израел, за време на кои палестинските милитанти на Хамас убија 1.400 Израелци и зедоа повеќе од 230 заложници. Израел потоа започна војна за која вели дека има цел да го уништи Хамас. Министерството за здравство управувано од Хамас соопшти дека оттогаш се убиени повеќе од 9.000 луѓе.
Долгото и емотивно видео на г. Хабек имаше големо влијание во Германија. Тој истакна дека речиси 80 години по холокаустот, еврејските заедници морале да им кажат на своите членови да се оддалечат од одредени места.
Некои политички фигури го пофалија за обраќањето што звучеше како состојба на нацијата. Комесарот за антисемитизам Феликс Клајн рече дека упатил јасен и разумен апел до одговорноста на сите во Германија да се залагаат за безбедноста на жените и мажите Евреи.
Германија го забрани палењето на знамињата на другите земји, а вицеканцеларот ги потсети Германците дека палењето на израелското знаме или фалењето на акциите на Хамас се злосторства.
– Секој што е Германец ќе мора да одговара за ова на суд – рече Хабек во својата порака. „Секој што не е Германец исто така ризикува да го изгуби статусот на престој“.
Хабек рече дека некои муслимански групи биле „премногу колебливи“ во оградувањето од Хамас или антисемитизмот и зборуваше за својата загриженост што младите активисти од левицата зборуваат за „антиколонијализам“.
Не сите беа импресионирани. Една поранешна сопартијка рече дека е згрозена што тој имплицирал дека муслиманските мигранти и бегалци донеле антисемитизам во Европа.
Шефот на германскиот Централен совет на муслиманите, Аиман Мазиек, претходно го осуди антисемитизмот како грев, нагласувајќи дека петте милиони муслимани во Германија не треба да се соберат сите заедно. Тој продолжи да го осудува израелското бомбардирање на Газа како воено злосторство.
Кога вооружени лица на Хамас ги нападнаа израелските заедници на 7 октомври, активистите славеа на улиците на берлинскиот кварт Нојколн, делејќи им колачи на минувачите, што предизвика бес во поголемиот дел од Германија.
Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер, во четвртокот објави дека сите активности поврзани со Хамас во Германија ќе бидат забранети, заедно со пропалестинската мрежа наречена Самидун, која ги раздавала колачите.
Таа рече дека „терористичката организација Хамас ја следи целта да ја уништи државата Израел“, додека Самидун шири пропаганда против Израел и Евреите под изговор дека дејствува како „солидарна организација“ за ослободување затвореници во различни земји.
Хамас е забранет како терористичка група во ЕУ, САД и во Велика Британија, па затоа веќе беше забранет во Германија. Но Фезер рече дека нејзините незаконски активности им овозможиле на властите да ја прошират забраната и ќе го олеснат интервенирањето во собири на поддржувачи.
Разузнавачките претставници проценуваат дека Хамас има 450 члена во Германија, од кои многумина германски државјани.
Една недела по нападите на Хамас, антисемитските инциденти во Германија се зголемија за 240 отсто, во споредба со истиот период во 2022 година. Молотови коктели беа фрлени во центарот на еврејската заедница во Берлин, а домовите во сопственост на Евреи беа намачкани со слогани.
Шефот на германскиот Централен совет на Евреите, Јозеф Шустер, ги поздрави забраните и повика на акција против „другите организации на омраза“.
Соседна Австрија, исто така, забележа нагло зголемување на пријавените антисемитски инциденти. Во вторникот вечерта, еврејски дел од централните гробишта во Виена беше нападнат. На ѕидот беше нацртана свастика и избувна пожар во свечена сала. Иако причината за пожарот е нејасна, шефот на еврејската заедница, Оскар Дојч, на социјалните мрежи напиша дека пожарот уништил вредни стари книги и ковчег на Тора.
Во одделен развој на настаните, полицијата во Франција соопшти дека брачна двојка од Молдавија е приведена под сомнение дека со спреј ги насликала ѕвездите на Давид на ѕидовите во Париз. Тие беа уапсени на 27 октомври, неколку дена пред да се појават десетици ознаки на Давидовите ѕвезди на зградите поврзани со еврејската заедница во 14-та област на главниот град. Обвинителите изјавија дека не им е јасно дали ознаките биле наменети како навреда за еврејскиот народ или не. Сепак, непотврдени извештаи велат дека се бара друга двојка во врска со другите инциденти.