Велосипедот одамна има централно место во холандскиот начин на живот, а сега и други европски градови почнаа да го следат тој пример. Но потегот за оддалечување од употребата на автомобили наидува на отпор
Градови што се рај за велосипедисти и пешаци
Гронинген е рај за велосипедистите. Многу малку автомобили се движат по улиците на северниот холандски град, кој има речиси 240.000 жители. Наместо тоа, многу жители ја користат широката мрежа на велосипедски патеки и автопатишта за брзо и мирно да стигнат до својата дестинација. Градот во минатото избра да направи сообраќаен план, при што центарот беше поделен на четири дела, така што луѓето не можат да се движат од еден до друг дел со автомобил, туку само пеш или со велосипед.
Гронинген беше еден од првите градови во Европа што ја преиспитаа употребата на центарот на градот и го фокусираа градското планирање според човекот. Денес градот е рангиран како еден од најсреќните во светот. Бидејќи велосипедите добија право на првенство во Гронинген, несреќите се ретки, а децата честопати сами возат велосипед до училиште. Благодарение на бесплатниот паркинг за велосипеди и прифатливото изнајмување велосипеди, многу патници од околниот регион исто така избраа да патуваат со воз во градот и, оттаму, со велосипед да стигнат до своите работни места.
Барселона прави простор за поинакво движење
Другите европски градови сè повеќе црпат инспирација од концептот на Гронинген. Во Барселона, на пример, градот затвори за автомобилски сообраќај одредени области познати како „суперблокови“, а беа направени исклучоци за локалните жители и испораките. Раскрсниците во кои некогаш доминираа автомобили сега се трансформирани во ревитализирани зелени плоштади, со клупи и безбедни места за играње на децата. Локалните жители со задоволство уживаат во просторот без преголемата бучава од сообраќајот.
До 2030 година, шпанската метропола сака да трансформира вкупно 500 населби и да ја затвори секоја трета улица во сообраќајот.
– Тоа ќе ги намали бучавата и загадувањето на воздухот, особено емисиите на јаглерод диоксид, и ќе ги подобри здравјето и квалитетот на животот на речиси шест милиони жители на градот – рече Џенет Санз, заменик-градоначалничка одговорна за екологија, урбанизам и мобилност.
Париските велосипедски планови „го враќаат животот“ во градот
Париз исто така воведе планови за поддршка на климата, одржливиот транспорт и подобрувањето на квалитетот на животот, давајќи им простор, кој порано беше резервиран за автомобилски сообраќај, на пешаците и велосипедистите. Во исто време, градот ја удвои градската метро-мрежа за да покрие околу 450 километри. Со повеќе од 12 милиони луѓе, париската урбана област е една од најгусто населените во Европа.
Онаму каде што некогаш автомобилите беа заглавени во сообраќајот, сега луѓето џогираат, пешачат и возат велосипед покрај бреговите на Сена во област целосно ослободена од возила. Плановите беа спроведени од страна на градоначалничката на Париз, Ана Идалго, која откако ја презеде функцијата во 2014 година, ја надгледуваше изградбата на повеќе од 1.000 километри велосипедски патеки и го намали општото ограничување на брзината низ градот на 30 километри на час. За да се подобри квалитетот на воздухот во градот, од следната година ќе бидат забранети автомобилите со дизел-погон, а од 2030 година ќе бидат дозволени само електрични возила во рамките на градот.
Критичарите на велосипедските патеки треба да бидат сфатени сериозно
Сè повеќе градови го следат примерот на Гронинген, Барселона и Париз, но многу возачи на автомобили се критички настроени. Тие не се задоволни од плановите да се одземе просторот на патот за да се создаде поголем простор за велосипеди и пешаци, особено кога плановите се за првпат воведени. На Олга Ибан, која раководи со гаража на „Порше“ во центарот на Барселона, ѝ недостига стариот градски план за движење, бидејќи порано движењето низ Барселона изнесувало максимум 35 минути, а сега за истата дестинација биле потребни еден час и 45 минути.
Нурија Парисио, шефица на туристичката асоцијација на Барселона, е загрижена за тоа какво влијание ќе имаат велосипедистите на локалната економија. Марко те Бромелстрет, професор по урбана мобилност на Универзитетот во Амстердам, предупреди дека луѓето се спротивставуваат на овие планови и тоа мора сериозно да се сфати, бидејќи некои луѓе ќе изгубат нешто.
ЕУ се залага за поддршка на велосипедската „револуција“
Франс Тимерманс, шефот за климатска политика на Европската Унија, зборуваше за велосипедската „револуција“ во Европа во јуни 2022 година, што беше делумно поттикната од пандемијата. Со оглед на тоа што многу луѓе почнаа да работат од дома, градовите низ светот им препуштија дел од празните сообраќајни ленти на други форми на транспорт и на многу места тој потег стана траен. Во февруари, Европскиот парламент речиси едногласно гласаше за двојно зголемување на бројот на велосипедски патеки во Европа до 2030 година. Европската комисија сега сака да развие велосипедска стратегија за блокот и да ја прогласи 2024 година за европска година на велосипедизмот.
– Трендот на велосипедизмот се зголеми не само во Европа туку и насекаде низ светот – истакна Ангела Франке, професорка специјализирана за велосипедизам и локална мобилност на Универзитетот во Касел, во централна Германија.
Електронските велосипеди ја поттикнаа транзицијата кон возење велосипед за многу луѓе и помогнаа до многу урбани дестинации полесно да се стигне со велосипед отколку со автомобил. Франке додаде дека покрај тоа што е еколошки и ги одржува луѓето во форма, возењето велосипед има позитивни придобивки за менталното здравје.