За многумина, овој Божиќ ќе биде одбележан не само со пробно враќање во нормала бидејќи ограничувањата поврзани со ковид-19 низ светот се олеснија, туку и со општото зголемување на цените, што несомнено ќе влијае на набавките и прославите оваа година. Според студијата на „Ипсос“ спроведена во 12 земји, во просек 85 отсто од анкетираните испитаници рекле дека се чувствуваат возбудени поради прославите на крајот на годината, а третина изјавиле дека се уште повозбудени од минатата година. Но во исто време, тој ентузијазам е во спротивност со нивото на стрес што го чувствуваат испитаниците во однос на сегашните нивоа на инфлација. Во просек, речиси девет од десет испитаници изјавиле дека се чувствуваат под стрес поради влијанието на растот на цените, а 55 отсто се под стрес од минатата година.
Како што покажува инфографикот, стресот е најраспространет во Романија, каде што три четвртини (74 отсто) од испитаниците во земјата рекле дека поради зголемувањето на цените се чувствуваат повеќе под стрес оваа година во пресрет на прославите за Нова година и Божиќ отколку во 2021 година. Уделот на луѓето што велат дека се под стрес оваа година сè уште е висок во САД и изнесува околу 50 отсто, додека Бразил има најнизок меѓу анализираните нации, со 28 отсто.
Финансиските грижи несомнено ќе влијаат на тоа како ќе изгледа Божиќ за многумина оваа година, бидејќи, во просек на глобално ниво, половина од анкетираните очекуваат зголемените трошоци да имаат значително влијание врз нивното празнично купување, а 40 отсто го велат истото за нивните прослави.