Цените на станбените недвижности во Германија ја продолжија надолната траекторија и паднаа за 10,2 отсто во третиот квартал, во однос на истиот период минатата година, покажуваат податоците на Дестатис, што е последен удар за секторот на недвижности на најголемата европска економија.
Тоа значи дека цените паѓаат четврти квартал по ред и со највисока стапка во споредба со кварталот претходната година, откако германската канцеларија за статистика почна да води евиденција во 2000 година, што ја нагласува најтешката имотна криза во Германија во последните децении.
Во вториот квартал од 2023 година, цените на станбените недвижности паднаа за 9,6 отсто, во споредба со истиот период минатата година, покажуваат податоците на Дестатис. Во периодот од јули до септември тие се пониски за 1,4 отсто во однос на претходните три месеци.
„Меурот пукна“
– Имаше шпекулативен ценовен меур во Германија до 2022 година, меѓу најголемите во последните 50 години. Цените оттогаш паѓаат. Меурот пукна – рече Константин Холодилин од Одделот за макроекономија на Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ).
Со години, секторот на недвижности во Германија и на други места во Европа доживуваше бум бидејќи каматните стапки беа ниски, а побарувачката беше висока. Но наглото зголемување на каматните стапки и трошоците го запре тоа полетување, туркајќи ги градежните изведувачи во банкрот бидејќи банкарското финансирање пресушува и зделките се замрзнуваат.
Во третиот квартал особено е изразен падот на цените на семејните куќи во поголемите германски градови, за дури 12,7 отсто, додека цените на становите таму паднале за 9,1 отсто во однос на истиот квартал лани.
Исто така, Заводот за статистика во петокот објави дека нарачките во градежната индустрија паднале за 6,3 отсто во октомври во однос на еден месец порано, според сезонски приспособените податоци.
Германската асоцијација на градежната индустрија објави дека секторот за изградба на станбени објекти оди во насока на натамошно намалување на работните места.
Австрискиот гигант за недвижности „Сигна“, кој има значително присуство во Германија, минатиот месец поднесе барање за стечај, што е најголемата жртва на кризата со недвижностите во регионот досега, потсетува „Ројтерс“.