Гејтс повторно размислува како се создава нуклеарната енергија и верува дека централата „Натриум“ ќе го револуционизира енергетскиот пејзаж во САД и во светот. Фабриката, дизајнирана од „Тера пауер“, компанија што тој ја основа во 2008 година, се очекува да започне со работа до 2030 година
МАЛ ГРАД СО (КОНТРОВЕРЗЕН) МЕГАПРОЕКТ
Бил Гејтс прави големи промени во малиот град Кемерер, во американската сојузна држава Вајоминг, со население од околу 2.400 жители. Компанијата на Гејтс, „Тера пауер“, започна да го гради, како што тој го нарекува, „најнапредниот нуклеарен објект во светот“ во оваа мала заедница.
Ова ќе биде првата од таканаречените централи „Натриум“, за кои се ветува дека ќе бидат побезбедни, поевтини и поефикасни од традиционалните нуклеарни централи. Тоа е револуционерен проект што се очекува да обезбеди чиста енергија со нула емисија јаглерод.
Кемерер, град некогаш познат по фабриката за јаглен, се трансформира во центар за нуклеарна технологија од следната генерација. Проектот ќе обезбеди работа за 1.600 квалификувани работници и ќе ја поттикне локалната економија, со нови бизниси и станбени објекти што ќе се појават за поддршка на растечката заедница. Тоа е огромна трансформација за град што толку долго се потпираше на јаглен. Како што наведе Гејтс на својот блог: „Тоа е огромна пресвртница за локалната економија, енергетската независност на Америка и борбата против климатските промени“.
Гејтс повторно размислува како се создава нуклеарната енергија и верува дека централата „Натриум“ ќе го револуционизира енергетскиот пејзаж во САД и во светот. Фабриката, дизајнирана од „Тера пауер“, компанија што тој ја основа во 2008 година, се очекува да започне со работа до 2030 година.
Проектот „Тера пауер“ во Кемерер е познат по својата напредна технологија и економичност во споредба со неодамнешните проекти. На пример, централата „Фогтл“ во сојузната држава Џорџија, која неодамна се прошири од два на четири реактори, чинеше речиси 35 милијарди долари, вклучувајќи и 11 милијарди долари пречекорување. Спротивно на тоа, проектот „Тера пауер“ се очекува да чини до четири милијарди долари, а половина ќе биде финансирана од Министерството за енергетика на САД.
Но, Гејтс не застанува на нуклеарната енергија. Неговата енергетска инвестициска фирма „Брејктру енерџи венчрс“, поддржана од други големи имиња како Џеф Безос, Мајкл Блумберг и Ричард Бренсон, штотуку собра 839 милиони долари за новиот климатски фонд наречен БЕВ III. Овој фонд е дел од поголемиот план на Гејтс да инвестира во технологии што можат драстично да ги намалат емисиите на стакленички гасови. Фондот ќе се фокусира на пет главни области: електрична енергија, транспорт, производство, згради и храна и земјоделство.
Гејтс, кој беше најбогатиот човек во светот од 1995 до 2017 година, се фокусираше на филантропијата, особено на вакцините, чистата вода и одржливоста. Поради овие и други иницијативи, тој често е во центарот на вниманието и повремено во центарот на контроверзии.