Прогнозите за големи конфликти за вода не се остварија. Но дали светот е подобар во распределбата на овој ресурс или е нешто друго во прашање?
Прогнозите дека во иднина ќе се водат војни за вода доволно долго беа во центарот на светското внимание, што на крајот станаа здодевни и сомнителни. Побарувачката за вода се зголеми како што се зголеми и светското население, а зголемениот просперитет им овозможи на луѓето да живеат живот во кој трошат поголеми количества вода. Снабдувањето со вода е проблематично и затоа што климатските промени едноставно ги прават сувите места уште посуви.
Сепак, големите конфликти за вода од кои стравувавме, на пример, меѓу Индија и Пакистан, Етиопија и Египет, Бразил и Парагвај или Кина и која било од земјите под Хималаите, не се случија. Можеби, како што тврдат некои оптимисти, светот е навистина подобар во распределбата на овој ресурс отколку што често се претпоставува.
Но овој смирувачки аргумент игнорира две вистини што произлегуваат од последната обнова на хронологијата на војни за вода, односно базата на податоци за конфликти поврзани со вода, што уште од 1980-тите ја одржува Пацифичкиот институт, експертска група во Оукланд, Калифорнија. Прво, од почетокот на човечката историја, водата секогаш играла улога во конфликтите, иако ретко била единствената причина за нив.
Второ, борбите поврзани со водата стануваат сѐ почести. Обновената база на податоци вклучува над 900 случаи и покажува јасно забрзување во изминатите години.
Институтот прави разлика помеѓу три типа насилства. Понекогаш самата вода може да се користи како оружје, како кога Спартанците ја затруеле водата за пиење во Атина во втората година од Пелопонеската војна, во 430 година пр. н.е. Терористичката група Ал шабаб лани ја пренасочи водата од реката Џуба во Сомалија, предизвикувајќи поплави што ги принуди противничките сили да се префрлат на повисоките места, каде што паднале во заседа.
Понекогаш водата е причина за конфликт. Борбите околу пасиштата во централниот дел на Мали годинава предизвикаа масакри и раселувања на 50.000 луѓе. Ариел Шарон, израелскиот командант во Шестдневната војна од 1967 година, кој подоцна стана премиер, напиша дека војната навистина почнала кога Израел бил испровоциран од пренасочувањето на реката Јордан.
Трето, водните капацитети можат да бидат цел на воени операции. Институтот забележува дека големиот број нови примери во неговата хронологија на конфликти за вода делумно е резултат на посеопфатното прибирање податоци. Но тоа исто така е и резултат на зголемувањето на нападите врз цивилните системи за вода. Навистина, речиси во сите конфликти годинава, водоводите беа цел на напади, како на пример во Сирија, Украина и во Јемен.
Повеќето конфликти за вода се водат во рамките на државите. Но една студија од минатата година на Здружениот центар за истражување, експертска група на Европската комисија, користеше компјутерско моделирање за да ги рангира реките каде што, најверојатно, ќе избијат прекугранични спорови поврзани со правата на користење на водата. Неговите научници наведоа пет реки: Колорадо, Ганг-Брамапутра, Инд, Нил и Тигар-Еуфрат. Во сите овие случаи, државите од долниот дел на течението на реките стравуваат или негодуваат од постапките на државите од горниот дел на течението на овие реки.
Што се случи тогаш со војните за вода? Одговорот е дека тие продолжија и дека прогнозите не сторија ништо за да го намалат ризикот од поголеми конфликти.