Социјалните медиуми го немаат трансформативниот ефект на промовирање вистинска разновидност на идеи како што тврдат интернет-проповедниците
Наспроти изјавите на основачот и извршен директор на „Фејсбук“, Марк Закерберг, дека ја менува мисијата на неговата компанија „за да го зближи светот“, податоците на едно неодамнешно истражување на Американскиот претприемачки институт (АЕИ) јасно покажуваат дека социјалните медиуми го немаат трансформативниот ефект во промовирањето разновидност на идеите, како што тврдат толку многу интернет-проповедници.
– Треба да останеме поврзани со луѓето што веќе ги знаеме и за кои се грижиме, но исто така треба да запознаеме нови луѓе, со нови перспективи. Ние сами нема да ја завршиме оваа мисија. Тоа може да се постигне само преку поттикнување на луѓето во светот да градат заедници и да се зближуваат – вели Закерберг.
Целите на Закерберг се за пофалба, но ако навистина се грижиме за различностите на гледиштата и за клучната улога што различните идеи ја имаат во создавањето уште посилно општество, тогаш реалноста е дека социјалните медиуми не ги прошируваат политичките погледи на граѓаните воопшто, и особено не на припадниците на генерацијата зед. Податоците на АЕИ откриваат дека социјалните медиуми помогнале во создавање своевидна комора околу екстремните погледи.
Генерацијата зед, односно граѓаните што сега имаат меѓу 18 и 22 години и кои првпат влегуваат во изборниот циклус, речиси воопшто не е изложена на социополитички дискурс во социјалните медиуми. Многу студенти, всушност, велат дека навистина не сакаат да разговараат за политика на социјалните медиуми и да споделуваат нешто повеќе од поп-култура. Студентите признаваат дека нивното однесување на интернет не е изложено на различни гледишта.
Во истражувањето на АЕИ, како одговор на прашањето за подготвеноста на испитаниците јавно да искажат ставови за политички кампањи преку интернет, само околу една четвртина (24 отсто) од припадниците на генерацијата зед велат дека споделувале политички содржини преку интернет, додека една третина од постарите генерации (икс и ипсилон) признава дека објавувале политички содржини на интернет. Иако постојат добро познати разлики во ангажманот на интернет во зависност од идеологијата, ова се просечни проценти за групите и тие се неверојатно ниски за една дигитална генерација, која е постојано на интернет во одредена форма. Всушност, ова занемарливо ниво на политички активизам на интернет следи еден поголем тренд, според кој се чини дека нормата за генерацијата зед претставува минимален политички ангажман.
Податоците откриваат минимални ефекти за влијанието на социјалните медиуми во поттикнувањето интеракции меѓу луѓето што „споделуваат слични погледи или интереси“ или „луѓе или групи што споделуваат различни погледи или интереси“. Помалку од една петтина од генерацијата зед (и постарите генерации) изјавуваат дека социјалните медиуми им помогнале да се „поврзат“ многу со оние што имаат слични интереси и погледи. Во меѓувреме, 44 отсто од генерацијата зед, 38 отсто од генерацијата икс и 39 отсто од генерацијата ипсилон, тврдат дека социјалните медиуми им помогнале само „малку“ или „воопшто“ не им помогнале да се поврзат со луѓе што имаат слични интереси, наспроти фактот дека генерацијата зед во суштина е постојано присутна онлајн. Така, влијанието на социјалните медиуми во промовирање разновидност на гледишта е тривијално.
Само осум отсто од генерацијата зед тврдат дека дигиталниот свет им помогнал многу да комуницираат со луѓето што имаат различни погледи. Иако се чести корисници на социјални медиуми, 35 отсто од генерацијата зед одговориле дека социјалните медиуми им помогнале „само малку“ или „воопшто“ не им помогнале да комуницираат со различни луѓе и групи.
Сличен наратив важи и за постарите генерации, каде што само 11 отсто од генерацијата ипсилон и од генерацијата икс веруваат дека социјалните медиуми им помогнале да се поврзат „многу“ со оние што споделуваат различни ставови, а 48 отсто од генерацијата икс и 49 отсто од генерацијата ипсилон сметаат дека социјалните медиуми им помогнале „само малку“ или „воопшто не им помогнале“ да ги изложат на различни погледи за светот. Како и досега, влијанието на социјалните медиуми во запознавањето на луѓето со реалните и значајни разлики меѓу идеите е мошне незначително кај најмладите и постарите генерации.
Податоците на АЕИ јасно покажуваат оти социјалните медиуми не промовираат вистинска разновидност на идеи, наспроти тврдењата на интернет-гуруата. Интересно е што иако социјалните медиуми се нераскинливи од генерацијата зед, тие за нив не претставуваат свет на длабоки идеи. Социјални медиуми не прават многу за да помогнат во зголемување на разновидноста на граѓанскиот и политичкиот дискурс на нацијата, а гледањето популарни видеа или фотографии, ретко ја изложува оваа нова група на разновидни погледи. Наодите на АЕИ покажуваат дека треба да бидеме претпазливи кон тврдењата од технолошкиот свет дека социјалните медиуми се добри за демократски дијалог. Разновидноста на гледиштата не просперира во дигиталниот свет.