Воената парада што секоја година на 9 мај се одржува во Москва, со која се одбележува советската победа над фашизмот, и годинава ќе биде шанса за Кремљ да ги покаже своите најнови оружја пред светот и можните купувачи, смета Марк Епископос од „Нешенел интерест“
Годишната Парада на победата со која се одбележува триумфот на Црвената армија над нацистичка Германија е меѓу најважните политички и културни прослави во Русија. Таа исто така е една од најголемите јавни изложби на воен арсенал во светот, на која може да се видат најновите руски ракетни системи, тешко вооружените возила, авиони и многу повеќе. На годинашната воена парада за Денот на победата над фашизмот, која ќе се одржи следниот месец на 9 мај се очекува да бидат прикажани следните оружја што ќе привлечат најголемо внимание.
Борбен тенк „Т-14 армата“
Новиот руски скап и високотехнолошки главен борбен тенк беше главна ѕвезда на последните прослави на Денот на победата над фашизмот и нема причина зошто оваа година да биде изоставен од централното место. Најнапредната борбена тенковска платформа на Русија, „т-14 армата“, може да се пофали со најефикасен експлозивен реактивен оклоп, нов автоматски топ од 125 милиметри, интегрирана ракета со ласерско водење, софистициран систем за контрамерки и голем број други дополнителни атрактивни карактеристики од нелизгав слој и вграден тоалет. Покрај сегашната загриженост околу трошоците и развојот, „т-14 армата“ полека прераснува во борбен тенк што може многу повеќе да понуди од најсилниот ваков негов пандан во рамките на НАТО.
Борбен авион „сухој-57“
Секако не може, а да не се забележи главниот руски борбен авион од петтата генерација што ќе биде претставен на годинашната прослава. Со тоа што Русија ги зголемува напорите на заинтересираните страни да им ја продаде странската верзија на „сухој-57“, дефилето на парадата на Денот на победата е премногу добра реклама што не може да се пропушти. Четири ексадрони на „сухој-57“ летаа на небото над Кремљ за време на ланската парада.
Противракетен систем „с-400“
Едно од најплодните руски современи оружја, системот за ракетна одбрана „с-400 триумф“ е меѓу најбараните оружја со светска слава и не изостанува од договорите за набавка на оружје со Кина, Турција и Индија. Системот „с-400“ не само што има голем скок во перформансите од „с-300“ од 1970-тите години туку и е значително поразновиден од неговиот претходник. Компатибилен со четири различни ракетни типови, „с-400“ може ефикасно да оперира на краток и долг дострел и истовремено може да вклучи дури до осум цели. Системот „с-400“ несомнено ја заработи титулата на рускиот најнапреден систем за ракетна одбрана, барем додека не биде официјално претставен неговиот наследник „с-500“.
Нуклеарна балистичка ракета „к-47м2 кинжал“
Кремљ нема да ја пропушти шансата да ја претстави „к-47м2 кинжал“, воздушно лансираната, хиперсонична, нуклеарна балистичка ракета, која првпат беше претставена во 2018 година за време на годишното обраќање пред нацијата на рускиот претседател Владимир Путин. Ракетата „кинжал“ може да се пофали со огромен максимален дострел од 3.000 километри и врвна брзина од 12 маха кога ќе се лансира од бомбардерот „ту-22м3“. Ракетата „к-47м2 кинжал“ дебитираше на парадата во 2018 година, како дел од специјално модифицираната варијанта на пресретнувачот „миг-31“.
Тенк „т-90с“
Најновата верзија на рускиот борбен тенк „т-90с“ од 1990-тите години располага со цела низа надградби и нови функции што го вклучуваат најновиот топ „2а46м-5“, новиот експлозивен реактивен оклоп „реликт“ и подобрен дизајн на високоавтоматизиран систем за контрола на оган наречен „калина“. Моделот „т-90м“ дебитираше на ланската парада откако ги заврши последните фази од тестирањето истата година. Руската војска ќе се посвети на усовршување на постојниот ескадрон на борбени топови „т-90“ и „т-90а“ во стандардни „т-90м“ до средината на оваа деценија.