Електричните возила се сметаат за клучни во транзицијата кон економија со ниска јаглеродна емисија, но како може новата технологија да помогне во нивната алтернативна употреба, прашува Оливер Балч од „Гардијан“
Додека е во тек транзицијата кон зелената економија, „чистата“ технологија ќе игра клучна улога, особено во однос на транспортот. За да се намалат емисиите на возилата, потребна е алтернатива на моторот со внатрешно согорување. Со развојот на зелениот водород, голем дел од раниот напредок е постигнат во сферата на електрични возила. Батериите се еден проблем, затоа што можат да ја зголемат тежината на автомобилот до речиси три тона. Тие содржат ретки метали, а многу од нив се добиени од најсиромашните и еколошки најчувствителните места на планетата. Меѓутоа веќе се работи на неколку еколошки иновации што се во рана фаза што ќе ги подобрат еколошките карактеристики на батериите за електрични возила во разни фази од нивниот животен век. Првата иновација се однесува во однос на воденонепроустливиот слој од кој се екстрахира литиумот, кој е главен елемент во батериите. Француската компанија „Ерамет“ експериментира со алтернативна технологија заснована на „нанофилтрација“. Фирмата инвестира 200 милиони евра во проектот, вклучувајќи ја и изградбата на пробна постројка во Салта, Аргентина. Оттаму неодамна објавија почеток на изградбата на нова фабрика за литиум во Аргентина, за која тврдат дека ќе задоволи 15 отсто од европските потреби за литиум. Поради преминот кон електрична енергија се предвидува да се создадат 12 милиони тони отпад од батерии до 2030 година. Поради тоа, британскиот стартап „Акселерон“ се надева да го примени модуларното разградување на автомобилските батерии. Оваа иновација ќе користи компресија за да ја намали потребата за поврзување на батериските елементи, што го олеснува расклопувањето на батерискиот пакет за поправки, сервисирање или пренамена.
Меѓутоа во одредена фаза, перформансите на батеријата опаѓаат, па затоа компанијата „Конектед енерџи“ од Њукасл зема стари автомобилски батерии и ги комбинира во стационарни единици за складирање енергија.
Во меѓувреме рециклирањето на автомобилските литиумјонски батерии е најдобра опција, кога тие веќе ги губат својствата и за повторна употреба. Белгиската фирма „Умико“ разви врвен систем за рециклирање, кој ги топи основните компоненти во метална легура и концентрат. Фирмата има капацитет да рециклира еквивалент на 35.000 батерии годишно, што ја прави една од најголемите во светот. Петта иновација е амбициозниот проект на Глобалната алијанса за батерии координирана од Светскиот економски форум, за воведување на батерискиот „пасош“ на крајот на следната година. Дигиталната алатка ќе го следи управувањето со социјалните и еколошките ризици во траењето на батеријата, од можни прекршувања на човековите права при екстракција на минерали до употребата на енергија во неговото производство.