Администрацијата на Џо Бајден се наоѓа пред нов предизвик дали да ја примени старата тактика на „раздели, па владеј“ во налетот на Кина и Русија, пишуваат Андреа Кендал-Тејлор и Дејвид Шулман од „Форин полиси“
Западот пред нови главоболки со подемот на нови сојузи
На крајот на март, кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји и неговиот руски колега Сергеј Лавров остварија средба на која не ги прифатија критиките на Западот и излегоа со заедничка изјава, во која понудија алтернативна визија за светот. Според Лавров, меѓународниот поредок предводен од САД „не ја одразува волјата на меѓународната заедница“. Што се однесува до САД, соочувањето со овие два сосема различни противници ќе биде огромен предизвик, а двете држави несомнено ќе ги поделат вниманието, капацитетите и ресурсите на Вашингтон. Развојот на досегашните настани покажува дека администрацијата на претседателот Џо Бајден може да се најде пред нови главоболки во справувањето со Кина, без притоа прво да ја ослаби поддршката на Москва за Пекинг. Вашингтон сега мора да калкулира како неговиот одговор кон еден противник ќе се одрази на пресметките со другиот.
Нови врски
Администрацијата на Бајден сигнализира дека Кина е приоритет во американската надворешна политика, со тоа што претседателот го нарече Пекинг „најсериозен конкурент“ и закана за американските интереси и вредности, но колку и да е Русија во втор план, сепак Вашингтон не ја потценува. За да не биде ставен во втор план, Путин бара начини да ги седне САД на преговарачката маса со Москва, а неговата врска со Пекинг најверојатно ја гледа како алатка да ја зајакне својата карта. Русија ги изгради токму тие врски делумно преку продажбата на софистицирано оружје на кинеската војска. Руските системи ја зајакнаа воздушната одбрана, антибродските и подморничките капацитети на Кина, кои служат да ја зацврстат нејзината позиција наспроти САД во Индо-Пацификот. Русија и Кина изведуваа заеднички воени вежби во регионот и поморски воени вежби со Иран во Индиски Океан. Ваквите активности им сигнализираат на другите земји дека Пекинг и Москва се подготвени да ја предизвикаат американската доминација. Покрај тоа, двете држави развија технолошка соработка, која постепено може да им овозможи да остварат побрз заеднички напредок отколку што можат САД.
Врската меѓу двете држави не е само стратегиска. Москва соработува со Пекинг за да ги ублажи ефектите од американските и европските санкции, а најпосле и да ја намали централната улога на Вашингтон во светскиот економски систем, што ќе ја ослаби ефикасноста на американските економски алатки. Кремљ се сврти кон Пекинг за капиталните инвестиции, пазарот за извоз на оружјето и одбранбените компоненти до кои Русија повеќе нема пристап на Западот.
Каков одговор треба да следува
Сепак, САД не можат да ја базираат нивната стратегија само на потврда на нивното лидерство и заштита на демократијата, затоа што Кина и Русија не ги врзуваат само заедничките ставови, туку и комплементарноста на нивните ресурси и капацитети. Кремљ не верува дека има економска иднина на Западот, а со растењето на финансиската стагнација и ризикот од домашна нестабилност, Кина станува сè позначаен партнер. За да се нарушат темелите на таа врска, Вашингтон ќе треба да ѝ понуди на Москва одреден степен на соработка. На овој начин нема целосно да се спречи кинеско-руското партнерство, но барем ќе се ограничат штетните ефекти. Некои политичари и аналитичари предлагаат „спротивна стратегија“ на привлекување на Русија за да се оттргне од Кина, со тоа што на соработниците на Путин би им се покажале предностите на поурамнотежена и независна руска надворешна политика. Добар почеток е продолжувањето на важноста на договорот „Нов старт“. САД исто така би можеле дополнително да соработуваат со Москва во однос на враќањето на Иранскиот нуклеарен договор и овозможувањето стабилност и мир во Авганистан. На Арктикот, Вашингтон би можел да покаже иницијатива со враќањето на форумот на лидерите во арктичката одбрана, кој би подготвил воени насоки за избегнување конфликт меѓу засегнатите страни. Таквите напори не само што ќе спречат опасна ескалација туку може да бидат отскочна штица за дополнителна американско-руска соработка.
Дали ќе успее тактиката „раздели, па владеј“?
Постојаните напори за соработка со Москва што ќе ги унапреди американските интереси може да му дадат нова алтернатива на кругот околу Путин. Вашингтон ќе треба да насочи повеќе ресурси за следење и спречување на ефектите од соработката меѓу Пекинг и Москва. Администрацијата на Бајден треба да ги зачести воените вежби на американската војска и сојузниците од НАТО. Вашингтон треба да се подготви да спречи координирани кампањи за внатрешно мешање што може да манипулираат со јавниот дискурс и да ја поткопаат довербата во американскиот изборен систем. Кина и Русија најверојатно ги зајакнаа меѓусебното разузнавање и напорите да ги осуетат американските разузнавачки операции со двете земји. Но кинеско-руската врска не е непробојна, а САД не треба да бегаат од проактивни мерки што ќе ги пополнат празнините. Но дури и најмалите јаболка на раздорот меѓу партнерите може да придонесат за недоверба и тензии што би ја нарушиле соработката.
На Арктикот, Русија сака да ја ограничи улогата на надворешните земји, особено на Кина. САД треба да ја поддржат Москва, затоа што делат сличен интерес. Од друга страна, Русија е главен извозник на оружје за земјите што имаат територијални спорови со Кина. Долгогодишен принцип на руската надворешна политика е да ја етаблира Москва како независен актер во мултиполарен свет.
Администрацијата на Бајден веќе има долга листа на итни приоритети во однос на политиките кон Кина и Русија, а токму тука спаѓаат и напорите да се ограничи партнерството на тие две држави. Од клучно значење за заштитата на американските интереси и либералните демократии во иднина ќе бидат креативните решенија за ограничување на соработката меѓу Пекинг и Москва додека се избегнуваат дејства што би го зајакнале тој сојуз.