Членките треба да се спротивстават на секој обид за суштинско преориентирање на Алијансата кон судир со Кина, смета американскиот аналитичар Гил Брандолар
Дали наскоро треба да очекуваме северноатлантска пролет? По четири години тешко американско сојузништво, европските министри за надворешни работи и одбрана изгледаат охрабрени од можната обнова на надворешната политика под водство на новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден. Сепак, „мозочната смрт“ на седумдесет и едногодишниот сојуз, ако го цитираме францускиот претседател Емануел Макрон, има потреба од посилен лек отколку само враќање на состојбата пред Доналд Трамп. Една нова студија, нарачана од генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, бара и обнова и реформи, нагласени од новиот фокус на предизвикот наречен Кина.
Со 138 специфични препораки на помалку од 70 страници, извештајот со наслов „НАТО 2030: Обединети за нова ера“ не изобилува со детални планови за спроведување на стратегијата. Препораките против Кина се движат од спротивставување на дезинформациите до јакнење на врските со азиските партнери.
Некои од овие препораки се директни, а некои се предвидливо нејасни. Но членките на НАТО треба да се спротивстават на секој обид за суштинско преориентирање на Алијансата за спротивставување на Кина. На НАТО му недостигаат воени средства, општествена волја и стратегиски императив да го фрли погледот источно од Суец.
Морнарицата на НАТО не е на висина на задачата.
Точно, Велика Британија потроши огромен дел од својот буџет на конвенционални носачи на авиони и на „ф-35б“, иако некои тврдат непотребно. Германската морнарица можеби е во скандалозна форма, но многу други морнарици на НАТО имаат високи стандарди и углед поради одличните поморски стратегии и способните, но ефикасни бродови.
За жал, вештина има, но капацитети нема. Кралската морнарица може да се пофали со само 23 пловила и не може да обезбеди персонал дури ни за оваа мала флота. Во критичниот Северен Атлантик, НАТО може да обезбеди само шест офанзивни подморници. Иако во меѓувреме ситуацијата е малку подобрена, во 2018 година Алијансата можеше да смета на само еден постојан авион за поморска патрола над Северен Атлантик. Ова е несоодветно за да се задржи руската воена морнарица што е во опаѓање, без разлика каков и да е планот.
НАТО, исто така, постојано покажува дека не работи добро во мисиите надвор од својот делокруг. Дваесетгодишниот ангажман во Авганистан е конкретен пример. Иако некои сили на НАТО (Британците, Канаѓаните, Данците и Французите меѓу нив) храбро се бореа на боиштата, тие беа соочени со локални и со домашни пречки за успешно да ги завршат мисиите. Лондонски „Тајмс“ во 2009 година објави дека Италија всушност им платила на талибанците да не ги напаѓаат нејзините сили.
Дури и во Либија, НАТО се мачеше да извојува победа во ограничена воздушна војна. Само осум од тогашните 28 земји-членки во 2011 година избраа да учествуваат и повеќето од нив останаа без муниција или резервни делови. Членките на НАТО одбија да ја извршат напорната миротворна задача по соборувањето на Моамер Гадафи. Либија сега е во граѓанска војна и е безбедносен проблем на прагот на Европа.
Другиот слон во собата е уште поголем, а тоа е недостигот од европска волја за спротивставување на Кина. Лидерите како Столтенберг може да тврдат дека „Кина не ги споделува нашите вредности“, но освен таквата реторика, малку има докази дека европските членки на НАТО имаат ентузијазам за судир со Пекинг.
Италија е учесник во иницијативата „Појас и пат“ на Кина, додека неколку членки на Алијансата имаат корист од инвестициите во кинеската инфраструктура на Балканот. Анкетата од Европскиот совет за надворешни односи во септември 2019 година покажа дека само десет проценти од Германците сметаат дека нивната земја треба да застане на страната на Америка во случај на војна меѓу САД и Кина. Над 70 проценти сметаа дека Германија треба да остане неутрална. Тринаесет други анкетирани европски земји изразија слични ставови.
Европа задоцнето се разбуди од опасностите од потпирање на 5Г-мрежата на „Хуавеи“, а коронавирусот го зголеми европскиот сомнеж за Кина. Но ниту едниот ниту другиот развој, веројатно, нема да генерира значително поголем ентузијазам за конфронтација.
Наместо да ја вовлече Европа во судир со Кина за кој нема ниту средства ниту мотивација, НАТО најдобро би им служело на сите свои членки, вклучувајќи ги и САД, ако продолжи да се фокусира на безбедносните закани со кои се соочува Европа. Русија е главна меѓу овие предизвици. Многу американски експерти се залагаат за обнова на односите со Русија, за да се намалат тензиите, да се ослободат ресурсите за соочување со Кина и за да им се овозможи на САД да си го средат сопствениот двор. Оваа цел е разбирлива и можеби остварлива, но за танго се потребни двајца. Продолжувањето на новиот СТАРТ, враќањето кон Договорот за отворено небо и другите дипломатски напори може да ги смират тензиите и да вратат одредена мера на доверба. Но Западот сè уште може да биде заглавен, реагирајќи на руски провокации и нарушувања во Европа.
Медитеранските членки на НАТО како Франција и Италија сѐ повеќе се склони да ги стават тероризмот и масовната миграција на повисоко место од рускиот реваншизам на нивната ранг-листа на безбедносни приоритети. Француските сили спроведуваат мисија во Мали, додека голем број земји од НАТО обезбедија сили, авиони и ресурси на сега ограничената кампања за борба против Исламска држава во Ирак и во Сирија.
Аналитичарите го спомнуваат зголеменото присуство на Кина во Африка (и многу помилитаризираниот пристап на Русија кон континентот).
Но ниту поморската база кај Џибути, ниту кинеските капацитети во Египет не се закана за Европа. Навистина, кинеските инвестиции во инфраструктурата и другите комерцијални потфати речиси сигурно ја помагаат најважната европска безбедносна цел во Африка – минимизирање на протокот на бегалци и економски мигранти кон Медитеранот, а потоа и кон Европа. Зголеменото кинеско влијание и моќ во она што се нарекува „југот на НАТО“ е поверојатно да предизвика аплаузи во Европа отколку загриженост.
Европа заборава на историјата. Многу Европејци помислија дека стигнале многу далеку во однос на сериозниот вооружен судир од крајот на Студената војна. Окупацијата на Крим од Русија само делумно ги врати сеќавањата. Шведска, која не е членка на НАТО, повторно воведе воен рок и неодамна ги зголеми трошоците за одбрана за неверојатни 40 проценти, но Германија и другите членки на Алијансата презедоа само слаби обврски да ги зголемат своите трошоци за одбрана.
Европската слабост се манифестира во нешто толку основно како собирањето копнени сили подготвени за борба. Извештајот на РАНД за 2017 година утврди дека европската голема тројка на НАТО – Франција, Велика Британија и Германија – може колективно да мобилизира само еден оклопен баталјон за една недела и помалку од три оклопни бригади за еден месец. За сојуз загрижен за можните достигнувања на Русија, ова е целосно несоодветно.
Наместо да стане американски помошник во Азија, НАТО може најдобро да придонесе за спречувањето на Кина, преку фокусирањето на Русија. Ако Русија и Кина продолжат да се приближуваат и да станат вистински сојузници, САД веројатно нема да имаат ресурси за да се натпреваруваат со двете. Процените на трошоците за одбрана на Русија и Кина честопати се многу пониски отколку што треба. Сево ова остава две опции: големо зголемување на американските сили во Европа или европските членки на НАТО да преземаат поголем товар за одвраќање на руските сили. Првата опција е многу малку веројатна, додека втората опција значително ќе ја подобри способноста на Америка да се натпреварува со Кина. Како што посочи еден американски сенатор, ако САД бидат принудени да изберат, тие попрво ќе ги напуштат европските безбедносни обврски за да можат да се натпреваруваат во Азија.
Експертите се во право кога велат дека европските членки на НАТО треба повторно да се посветат на колективната безбедност и да ги обноват капацитетите. Но Алијансата не треба да гледа подалеку од сопственото соседство. НАТО може најдобро да им служи на своите сојузници и глобалната безбедност со тоа што ќе биде фокусирано на безбедноста на Европа.