Предраг Васиљевиќ
Кога Црна Гора влезе во НАТО, неофицијално, стана Монтенегро. Македонија за да влезе во Алијансата беше преименувана во Северна Македонија. Какво ли само име се подготвува за Србија, бидејќи со своето име никогаш нема да влезе во сојуз што ја уништи. Сепак не оди така работата. Македонија, и пред официјално да стане Северна Македонија, го потпиша протоколот за влез во НАТО и го призна за легитимен самопрогласениот претседател на Венецуела, Хуан Гуаидо. Скопје исто така како вистинско послушно учениче покажа целосна посветеност на северноатлантските демократски вредности, така што поддржа човек што не победи на изборите туку народот на улица го постави на функцијата.
Така земјата со ново име, кое граѓаните на Македонија демократски го отфрлија на референдум, не го признава венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кого граѓаните легитимно го изгласаа на изборите.
Северна Македонија, која не ја доби поддршката од народот, го призна претседателот Гуаидо, кој исто така нема никаков легитимитет. Сè се совпаѓа. Сè е сосема логично.
По докажаните демократски подвизи, Северна Македонија, која влегува во НАТО, најдобро знае што е најефикасно и најдемократско решение за една држава во Јужна Америка. Постои ли некој што попрецизно, подобронамерно и со поголем авторитет од главниот фаворит за Нобелова награда за мир, Зоран Заев, знае што е визионерска и најмирољубива опција за Венецуела.
Едноставно, за да влезете во НАТО и да станете негова членка, не само што мора да ја почитувате волјата на сопствените граѓани туку и треба да го имате луксузот да ја поништите волјата на кој било народ на планетата Земја. Доволно е САД и водечките држави во Алијансата да утврдат кое е најправедното решение за некоја држава, денес можеби Венецуела, а утре некоја друга, и токму таа демократска одлука едноставно, но одлучно да се прифати.
Каква поука може Србија да извлече од сето ова?
Ако некогаш во иднина оваа држава сака да влезе во НАТО, може просто само едно пенкало да ја погази волјата на речиси 90 отсто од граѓаните што се против членството во Алијансата. Пред Србија дури и воопшто да добие покана да стане дел од семејството на НАТО, мора да го положи главниот тест на вредности, а тоа е целосно да се откаже од Косово и Метохија и од апсолутната волја на српскиот народ и да ја признае самопрогласената независност на Косово. На крајот, бидејќи Србија без Косово и Србија како дел од воениот блок што ја распарчи и уништи ќе престане да биде заостаната држава што се држи до духот на минатото, со чинот на пристапување во НАТО ќе мора да го промени името.
Новото име што би потекнало од северноатлантските лаборатории, кое нема да го поддржат мнозинството граѓани на Србија, ќе биде одлично за идниот демократски напредок, брзиот економски развој и создавањето услови за странски инвестиции. Нормално, новоосвестената земја со огромно задоволство ќе се откаже од својата надворешна политика, партнерите што го поддржуваат српскиот народ, а сојузниците би ги избирала исклучиво по угледот на НАТО.
На пример, таа поранешна југословенска Република Србија би можела да одбере и да ги признае претседателите на сите континенти, без да го почитува избраниот Мадуро, туку би го поддржала самопрогласениот Гуаидо.
Ова е веројатно одлично чувство за постмодернистичкиот суверенитет, односно да не одлучуваш ништо за сопствената земја, но затоа да се „интересираш“ за најдалечната држава на планетата. Многу можеме да научиме од јужниот сосед Северна Македонија, кој го потпиша протоколот за членство во северноатлантската воена алијанса. Најважно е само да сме послушни ученици.