Нападот на американскиот конгрес очигледно не беше чин на патриотизам, оценува Кејтлин Фланаган од „Атлантик“
Нападот на Капитол Хил фрли дамка врз светилникот на западната демократија
Пред очите на американската јавност се формира коалицијата на ревносните, сочинета од неприсутните татковци, љубителите на порнографски содржини, слабите студенти и обожавателите на боречки спортови. Тие го слушнаа револуционерниот повик, ги зедоа знамињата на конфедерацијата и плакатите за поддршка на Трамп и веднаш се упатија кон Вашингтон, користејќи ги модерните инструменти за навигација. По неколку погрешни свртувања, тие ја пронајдоа толпата, која ги преплави со еуфорија нивните стомаци полни со пиво и брза храна, а чувствата можеби малку им беа помешани и од малата доза антидепресиви. Подготвени да сторат сè, влегоа во потрага на своите претседателски ордени за слобода, а како и самиот Доналд Трамп, беа подготвени да ја истрошат целата своја енергија врз ослабената душа на нацијата и мермерот во величествениот објект на Капитол Хил. Се родивме од темнина и во неа се вративме.
Ако ги водеше некаква идеја, тоа сигурно беше дека Америка застранила од својот пат. Поврзаност имаше со феминизмот, обамаизмот, „глобализмот“ и „марксизмот“, а поинаку кажано „повторно Евреите беа виновни“. Нели Трамп помина низ облак со солзавец додека во рацете ја држеше Библијата кога настана хаос во Вашингтон? Нели тој беше единствениот што не се предаваше пред Евреите, Афроамериканците, сатанистичките педофили што сакаат да ја преземат државата?
Поттикнати од големиот говорник, тие влетаа низ вратите на Конгресот, како тие да беа од хартија. Првичната цел на акција на толпата беше да се влезе во објектот и да се запре утврдувањето на гласовите од Изборниот колеџ, за да може Трамп да дојде до изборната победа. На една видеоснимка што се рашири на интернет, полицајците со штитови се обидоа да го блокираат влезот на една од групите на демонстранти, кои им извикуваа дека се „кукавици“. Тоа беше првиот знак на некаква можна некохерентност во срцето на револуцијата. Какви опции имаа полицајците? Дали требаше да пукаат во демонстрантите? Нели оваа толпа беше токму таа што даваше силна поддршка за полицијата и за одржувањето на законот и редот?
Кога толпата влезе во просториите на Конгресот, мораше да се покаже дека е жестока и застрашувачка и всушност тоа и се случи. Но кога упаднаа во Националната сала за скулптури на вториот кат, каде што кадифените јажиња ја означуваат патеката на движење за туристите, тие веднаш се подредија во линија и така поминаа низ неа. Поинаку кажано, тие покажаа послушност и почит. Имаше мажи, како и жени, изгубени во современиот свет во кој веќе не претпоставуваа дека се на прво место. Бараа некој да им каже што да прават. Трамп веќе им кажа што да прават, како и кадифените јажиња. Воопшто не е тешко за еден тиранин да ги натера овие мажи да се свртат кон насилство. Како и првите патриоти, тие беа подготвени да газат сè пред себе и беа убедени дека плаќаат премногу даноци.
Се чинеше дека толпата не очекуваше толку лесно да влезе, што стана многу сомнително како што поминуваше времето, а кога им се отворија вратите, воопшто не знаеја како да постапат. Еден патриот успеа да влезе во кабинетот на Ненси Пелоси, каде што седна на нејзиното биро, вулгарно се почеша, ѝ напиша порака „Ненси, кучко, те поздрави Биго“, а како трофеј си зеде плик со нејзиниот потпис. Потоа замина од кабинетот за да се покаже пред сите со своето достигнување. Човекот со пликот в раце живее во свет на електронска пошта, но одеднаш почувствува дека во своите раце ја држи својата судбина.
Другиот препознатлив лик од упадот беше таканаречениот „викинг“, чие лице беше бојадисано во боите на американското знаме, што е типичен потег кога се следат спортски натпревари, а во рацете држеше плакат со написот „Патриоти, не предавајте се!“, поради што изгледаше како изгубен обожавател на тимот Њу ингланд. Внатре трчаше разулавено, викаше на глас, се качуваше по мебелот, како никогаш претходно да не видел цивилизација, и мораше да ја докаже својата машкост. Ова не беше група што има проблеми со машкоста или е навредена од страна на радикалниот феминизам. Тие го покажаа тоа со вршење нужда на подовите, која потоа ја разнесуваа по ходниците. Беа заслепени од моќта, но ограничени во идејата како да ја искористат.
Некои од демонстрантите го напуштија објектот со силна возбуда како деца што си поминале незаборавно во забавен парк и целосно беа збунети од возбуда. Потоа им се разгоре желбата за пиво и брза храна и ревносно го прославуваа триумфот.
Викингот влеваше страв додека не се покажа дека е препознатливиот лик од теориите на заговор и актер што редовно присуствува на настаните на Трамп и го обожува публицитетот. Лани во мај во Феникс на еден од митинзите, познатиот шаман од „Кјуанон“ искажуваше благодарност кон претседателот Трамп и таканаречениот „Кју“ додека удираше на својот тапан. Како и во секој добар филм со суперхерои, главниот лик има своја десна рака, па така и викингот Анџели. Помошникот на Анџели беше извесен Арон Мостофски, кој беше облечен во кожи, носеше полициски штит и очила, сосема нетипично за еден викинг. Новинарското прашање за тоа која била целта на упадот во Конгресот првично целосно го збуни Мостофски, кому му требаше време да се соземе од возбудата и потоа да објасни дека целта била „да го изрази својот став како слободен Американец и дека претседателските избори биле наместени, а народот бил измамен“. Потоа ги поднамести кожите што ги носеше на себе и додаде дека одредени сојузни држави што ги поддржуваат демократите, како Њујорк, некогаш биле типично републикански, а сега „таквата поддршка била украдена“.
Мостофски, кој во своите раце држеше полициски штит, пред новинарските камери изјави дека „го нашол на подот и сакал да му го врати на некој од полицајците“.
Демонстрантот што влезе во кабинетот на Пелоси не го украде пликот, туку уредно си остави пари на бирото. Помошникот на викингот го остави полицискиот штит каде што обично стојат изгубените предмети, но никој не си го побара назад. Овие лица целиот свој живот го поминаа во ранговите на општеството каде што постојано им се наметнуваа правила, а дури и во целиот хаос што го создадоа, тие повторно ги почитуваа. Уредно ги вратија загубените предмети, го почитуваа протоколот за влез во Националната сала за скулптури, а истовремено изгледаа како исплашени ученици и разулавени адолесценти. Тие упаднаа во институцијата на Капитол Хил затоа што беа прекршени важни правила, но чии беа тие? Се разбира, станува збор за нашите ценети закони, кои се наведени во нашиот ценет Устав.