Германките фирми добија повеќе од половина од државната помош заради кризата од коронавирусот, одобрена од извршната власт на ЕУ што предизвика загриженост дека земјите со најдлабоки џебови би можеле да добијат неправедна предност на единствениот пазар на блокот
Германија доби повеќе од половина од државната помош поради кризата од коронавирусот, одобрена од извршната власт на ЕУ, што предизвика загриженост дека земјите со најдлабоки џебови би можеле да добијат неправедна предност на единствениот пазар на блокот.
Обезбедувањето конкурентност во рамките на својот единствен пазар од околу 450 милиони луѓе е главен принцип на ЕУ и одамна е клучен услов за отворање кон странски играчи од Кина и од неодамна Британија, по излезот од Унијата.
Но извршната Европска комисија ги прекина строгите ограничувања на државната помош кон средината на март, дозволувајќи им на 27 држави на ЕУ да испумпуваат пари во своите економии и компании зафатени од коронавирусот, со национални шеми вредни повеќе од 1,9 милијарда евра одобрени средства досега. Сепак, тоа не е рамномерна игра, бидејќи побогатите или помалку задолжените држави имаат поголем обем да ги канализираат овие средства.
Според податоците на ЕК, Германија сочинува околу една четвртина од БДП на ЕУ, а таа опфаќа околу 52 отсто од вкупната вредност на досега распределената помош за итни случаи од коронавирусот. Франција и Италија го делат второто место, со околу 17 отсто од вкупната вредност. Ваквиот пристап Комисијата планира да го задржи барем до крајот на 2020 година.
– Јасно е дека постои ризик од нарушување на внатрешниот пазар во Европа. Пристап до оваа ликвидност немаат сите земји на внатрешниот пазар. Германија има длабоки џебови и може да си го дозволи тоа – рече висок официјален претставник на шпанската влада.
Германија во меѓувреме му додели заем од 3 милијарди евра на трговскиот гигант „Адидас“. Понатаму, земјата исто така одобри заем од 1,8 милијарда евра, пари што му беа доделени на операторот за одмори ТУИ, а Владата деновиве паралелно разговара со компанијата за летање „Луфтханза“, за да ѝ додели финансиски пакет за спас за време на пандемијата во висина од 9 милијарди евра.
– Со државната помош што некои европски земји преговараат да им ја доделат на авиокомпаниите се ризикува да се нарушат конкуренцијата и да се создадат придобивки за некои фирми кога секторот ќе започне да работи нормално – вели Карло Амати од италијанската унија на придружните летачки екипажи АНПАВ. Тој додаде дека треба да се одбранат пазарните вредности што постоеја пред ковид-19.
Од друга страна, најавувајќи планови за намалување на 3.000 работни места, минатата недела главниот извршен директор на „Рајан ер“, Мајкл О’Лари, рече дека ќе ги предизвика сите влади низ ЕУ во европските судови што досега им дале повеќе од 30 милијарди евра државна помош на конкурентите на неговата авиокомпанија како помош од пандемијата.
Шефицата на конкуренцијата на ЕК, Маргарета Вестагер, неделава изјави дека суспендирањето на вообичаените правила за државна помош е „целосно легитимно“ за да се зачуваат работните места и бизниси и дека искривувањата на конкуренцијата се сведени на минимум.
– Постојат разлики во тоа колку земји-членки може да поминат во зависност од нивниот фискален простор – изјави таа на виртуелна дебата одржана во средата.
Инаку, првичните податоци во еврозоната за првиот квартал на 2020 година покажуваат економска контракција од 3,8 отсто. ЕУ дополнително размислува за издавање нов заем од страна на Комисијата за да собере повеќе средства за да им помогне на земјите-членки да започнат со пораст на своите економии во 2021-2022 година. Гунтрам Волф, член на експертскиот центар „Бругел“, вели дека централното задолжување на ЕУ може да му овозможи на Брисел да направи и барања за тоа како ќе се трошат парите во иднина.
Во меѓувреме, Шпанија во белешката пред разговорите на лидерите на ЕУ минатата недела истакна дека иако е потребна и добредојдена зголемена флексибилност на националните финансиски помагања за коронавирусот, во исто време е неопходно да се избегнат ваквите неправедни работи, како што прави Германија, за да не дојде до нееднаквост внатре во Унијата.
За да се врати рамнотежата помеѓу земјите и компаниите, официјален Мадрид соопшти дека на земјите како Шпанија сега им треба финансиски надомест, додека ЕУ гледа на својот следен долгорочен буџет и е насочена да им помогне на земјите-членки во нивното повторно економско воздигнување.
– На Европа ѝ треба поголема фискална моќ, а таа е потребна сега – рече Ана Ботин, шефица на банкарскиот гигант „Сантандер“.