Откако поминаа повеќе од три години од воведувањето на новиот воен пакт ПЕСКО во ЕУ, уште се чека повеќето програми и воени мисии да дадат плод, пишува Јакопо Баригаци за „Политико“
Разоткриени тајните документи на Европа
Очекуваната инцијатива за пактот за воена соработка на Европа се бори да се разбуди, како што покажува еден извештај за напредок до кој дојде магазинот „Политико“. Програмата, која е позната под името Постојана структурирана соработка (ПЕСКО), спојува 25 членки на Европската Унија (ЕУ), кои работат во помали групи на вкупно 46 заеднички проекти. Проектите ги вклучуваат копното, морето, воздухот, вселената и сајбер-просторот, а опфаќаат широк спектар од одбрана на дронови, преку поморски надзор до разузнавачки обуки. Но три и пол години откако ПЕСКО беше претставен со голема помпа од страна на европските лидери, многу од проектите сè уште се во зародок, а значаен број веќе доцнат, како што се наведува во годишниот извештај.
Одложени рокови
Документот што ги обединува извештаите за напредокот на сите 46 проекти на ПЕСКО е потсетник дека покрај преговорите на некои од европските лидери и претставници за постигнување „стратегиска автономија“, напорите на блокот во воената сфера сè уште треба да надминат многу пречки. Документот на 115 страници, кој го подготви секретаријатот на ПЕСКО и минатиот месец беше испратен до членките на Унијата, покажува дека биле пријавени доцнења на 15 проекти во споредба со нивните првични временски рамки. Во шест случаи, пандемијата на коронавирусот се наведува како причина за доцнењето. Во други случаи не беше наведена специфична причина. Извештајот исто така истакнува дека во 14 случаи, рокот за почеток бил одложен на неколку години, а истото тоа важи за „крајниот рок“ на шест други случаи, но за ниеден проект не се наведува дека ќе биде завршен порано. Европските дипломати признаваат дека ПЕСКО се соочува со проблеми. Но притисокот е во почетните фази и тврдат дека насоката на движење е поважна од брзината. Друг дипломат истакна дека „некои од проектите не биле доволно развиени“.
Зошто токму ПЕСКО?
Долги години ЕУ претпазливо се движеше во воениот домен. Некои членки тврдеа дека одбраната е прашање на националните влади. Други истакнуваа дека ЕУ е мировен проект и не треба да се вклучува во воената сфера. Трети тврдеа дека воените и одбранбените прашања треба да му се препуштат на НАТО. Но поборниците за поголема европска воена соработка сметаа дека Европа не може секогаш да се потпира на САД или на НАТО, но и дека членките можат многу повеќе да постигнат заедно отколку независно да работат на проекти. Излезот на Велика Британија од блокот всушност отстрани еден од скептиците за поголема воена соработка во Унијата.
ПЕСКО е обидот на ЕУ да ги зголеми воените капацитети додека истовремено не ги принудува сите членки да се вклучат и притоа избегнува дуплирање со НАТО, што претставува голема загриженост, особено за земјите од Источна Европа, кои Атлантската алијанса ја гледаат како клучна одбрана од руската агресија. Администрацијата на Бајден е задоволна од овој ограничен модел. На почетокот од оваа година, САД дури и се вклучија во еден од проектите на ПЕСКО, поточно во холандски предводената програма за воена мобилност, која има цел да го олесни побрзото движење на војниците и опремата на територија на Европа.
„Заспаната убавица“ на Јункер
Поранешниот претседател на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, беше главен поборник за ПЕСКО во текот на неговиот мандат. Во еден негов говор од јуни 2017 година, тој истакна дека е време ЕУ да почне да ја користи клаузулата од Лисабонскиот договор, која им „овозможува на група членки истомисленички да ја унапредат европската одбрана“. Тој тогаш свечено порача дека е време да се разбуди „заспаната убавица“.
Но напредокот во извештајот покажува дека во многу случаи заспаната убавица едвај почнува да се буди. Вкупно 21 проект се во фаза на развој на идејата. Други 17 проекти се во фаза на „инкубација“, во која се дефинира опсегот. Само осум се во претпоследната фаза на спроведување, а ниту еден не е во завршна фаза. Во текот на изминатата година, осум проекти влегоа од прва во втора фаза, а четири влегоа од втора во трета фаза. Извештајот истакнува дека „досега не се распределени национални финансиски ресурси“ за 20 проекти. Сепак, не сите проекти наложуваат владите да ги отворат своите паричници. Некои од нив, како повеќето иницијативи за обуки, се очекува да се потпрат само на европско финансирање и вклученост на индустријата. Извештајот исто така покажува дека европските претставници понекогаш тешко прават преглед на проектот. Германски предводениот проект „Операција за кризен одговор ЕУФОР“ има цел да ѝ обезбеди на ЕУ навремени и доверливи информации за силите што би можеле да се мобилизираат во итен случај. Но иронично за еден проект што треба да им даде подобар увид на планерите, извештајот истакнува дека годината на завршување на проектот „не е прецизирана“. Француски предводениот проект за „заеднички бази“ се чини дека има сериозен проблем, бидејќи, според извештајот, досега не се распределени средства за него и не се наведени никакви рокови. Членовите на ПЕСКО изразиле мал интерес за проектот, бидејќи веќе се вклучени во делење на базите. Се вели дека координаторите размислуваат да го затворат проектот и да го искористат досега постигнатото во друг проект од истата сфера. Сепак, има и светли точки за европските одбранбени претставници во виртуелниот домен, каде што лани почна литвански предводениот проект за креирање „заеднички сајбер-алатки“. Во извештајот се наведува дека индустриски конзорциум ќе го поддржи проектот и се очекува целосно да биде спроведен идната година.