На 20 ноември, „Вашингтон пост“ објави дека претседателот Џо Бајден им кажал на своите сојузници дека планира уште еднаш да се кандидира за изборите во 2024 година. Дали Демократската партија ќе го номинира Бајден за следните избори и која е заднината на неговата намера да бара реизбор, анализира „Си-ен-ен“
Американскиот претседател најави дека планира повторно да влезе во претседателската трка
Белата куќа потврди дека претседателот навистина планира да влезе во уште една претседателска трка.
– Влегува, тоа е неговата намера – изјави пред новинарите секретарот за печат, Џен Псаки.
Во меѓувреме, рејтингот на претседателот продолжува драстично да опаѓа: според неодамнешната национална анкета на универзитетот „Квинипијак“, само 36 отсто од американските испитаници даваат поддршка за Бајден, додека 53 отсто не се согласни со неговото дејствување, пренесува „Спутник“. Среднорочните резултати и економијата се одлучувачки фактори за кандидатурата на Бајден.
– Не гледам начин демократите да не го номинираат Бајден ако тој реши да се кандидира за повторен мандат. Од друга страна, тоа не значи дека нема да има заткулисни препирки и обиди тој да се убеди да не се кандидира повторно – вели д-р Дејвид Ричардс, вонреден професор по меѓународни односи и студии за безбедност на универзитетот „Линчбург“ во Вирџинија. Сепак, според професорот, многу работи зависат од тоа како демократите ќе поминат на среднорочните избори во 2022 година. Ричардс смета дека ако Бајден не успее да ги исполни своите предизборни ветувања, тоа би можело да предизвика понатамошна фрустрација кај неговите поддржувачи, но и кај неопределените гласачи.
– Од друга страна, економската приказна што ќе се одвива во летото 2024 година навистина ќе одреди многу нешта. Доколку работите се подобрат или барем доколку престане „крвавењето“, Бајден ќе може да се прогласи себеси за успешен, но ако работите останат во ваков хаос, секако дека вината за сето тоа ќе биде негова – објаснува професорот.
Економските политики на Бајден предизвикаа голем број контроверзии. Галопирачкиот раст на цените на бензинот, конзервативците го припишуваат на одлуката на Бајден за запирање на проектот за нафтоводот „Кистоун икс ел“, како и на севкупната зелена агенда на претседателот, насочена кон американскиот нафтен сектор. Фрустрација не само во кампусот на републиканците туку и меѓу умерените демократи предизвика и забрзаната инфлација, па, така, се тврди дека претседателските потрошувачки пакети уште повеќе ќе ги зголемат цените и американскиот државен долг.
Демократите преферираат некој друг наместо Вујко Џо во 2024 година
Во меѓувреме, во ноемвриската анкета организирана од НПР-ПБС „Њуз аур – марист“, 44 отсто од демократите и неопределените што ја симпатизираат Демократската партија изјавиле дека би гласале за „некој друг“ во 2024 година, а само 36 отсто се изјасниле дека Бајден е најдобрата опција за кандидат. Анализирајќи го овој тренд, Дејвид Вајгел од „Вашингтон пост“ на Твитер напиша дека во 2020 година, многу гласачи на демократите биле на мислење дека Вујко Џо (прекарот на Бајден) ќе биде претседател со само еден мандат, кој ќе придонесе за стабилност и ќе ги смири нештата по бурниот Доналд Трамп. Згора на тоа, Бајден, кој е најстарата личност што досега победила на американските претседателски избори, во 2024 ќе има 82 години.
Зошто излегува дека Бајден е подобар избор од Камала Харис
Сепак, и покрај сето ова, потенцијална причина за новата кандидатура на Бајден би можел да биде слабиот анкетен резултат на Камала Харис, кој дојде како последица на нејзините слаби потпретседателски перформанси. На 23 ноември, Си-ен-ен констатира дека веста за кандидатурата на Бајден за изборите во 2024 се случи многу брзо по приказните за загриженост околу начинот на кој Харис се справува со нејзината функција на негова потпретседателка, но тука беа и прашањата дали таа „навистина ќе биде политички фаворит, доколку Бајден отстапи од намерата“. Според изворите на Си-ен-ен, Бајден можеби сепак е најдобриот избор на демократите за 2024 година, имајќи го предвид фактот дека Харис сè уште се мачи да се приспособи на улогата на американски потпретседател. Впрочем, рејтингот и поддршката за постигнувањата на Харис на анкетите се симнаа до мизерни 28 отсто, што историски претставува најнизок резултат за некој потпретседател во современата ера. И додека медиумите ги одмеруваат аргументите „за“ и „против“ во однос на потенцијалната кандидатура на Бајден за изборите во 2024 година, Си-ен-ен имплицира дека тековната дебата „е лоша за демократите“.