Се чини дека канцеларот Шолц има намера да се придржува до политиките на неговата претходничка

Сојузниците што бараат промена во ставовите на новиот германски канцелар можеби на крајот сепак ќе се разочараат, смета Метју Карничниг за „Политико“

Германската надворешна политика по промената на моќта во Берлин

 

Промената на моќта во Берлин поттикна надежи низ Европа и преку Атлантикот дека владата на новиот канцелар ќе го одмрзне ставот на Германија за сите прашања, од гасоводите до Полска, и ќе го промени пријателскиот пристап на Ангела Меркел кон светот. Наместо тоа, веројатно двете страни на Атлантикот ќе добијат повеќе од тоа.
Сепак, ова не треба да ги смири и увери меѓународните партнери на Германија. Со сериозни тензии на источното крило на Европа, а да не ги спомнуваме предизвиците со кои се соочува ЕУ на својот јужен праг и нејзините односи со велесилите од Истокот и Западот, на поделениот континент ќе му биде потребно лидерството на неговата најнаселена земја. Додека е уште на почеток од својот мандат, социјалдемократот Шолц се чини дека има намера да се придржува до политиките на неговата претходничка, избегнувајќи конфронтација, за да ги зачува економските интереси на Германија. Проблемот за Шолц, сепак, е тоа што игра со двете страни, но веројатно тоа нема уште многу долго да биде опција. Исто така, партијата на Шолц е полна со членови што се пријателски настроени кон Русија, вклучувајќи го поранешниот канцелар Герхард Шредер, кој сега е на чело на гасоводот „Северен тек“, чија фирма е во руска сопственост, со седиште во Швајцарија. Од друга страна, Германија се соочува со слична динамика во индопацифичкиот регион.

Притисок од САД

Владата во Берлин ќе треба наскоро да одговори на притисокот на САД околу лојалноста. Шолц, кој минатиот месец се состана со сенаторот Крис Кунс, кој е човек од доверба на американскиот претседател Џо Бајден, се обиде да го увери Вашингтон дека Германија останува сигурен сојузник, со тоа што се согласи да ги задржи долгогодишните договори за американска нуклеарна одбрана на Германија. Меѓутоа, новиот канцелар не ги покажа своите карти во однос на политиката кон Кина. Во Вашингтон, некои функционери во администрацијата на Бајден тврдат дека зелените, коалицискиот партнер на Шолц, се залагаат за поцврст став кон Кина и се најдобра надеж на Вашингтон да го придобие Берлин на своја страна во однос на ривалството со Кина. Сепак, раните докази сугерираат дека како Меркел пред него, Шолц ќе ја користи својата извршна надлежност за да ја задржи контролата врз надворешната политика во канцеларијатот. Сепак, мали се шансите дека Аналена Бербок, лидерката на зелените, ќе му се спротивстави на Шолц за надворешната политика. Новата германска коалиција изгледа ќе биде тежок партнер за Вашингтон и за прашањата надвор од кинеската политика, вклучувајќи и за Блискиот Исток.

Сомнежи за целите во одбранбената политика

Иако новата коалиција сигнализираше дека ќе продолжи да ги почитува своите нуклеарни обврски, помалку е сигурно дека Берлин ќе ја исполни целта на НАТО да потроши најмалку два отсто од БДП за одбраната. Наместо тоа, коалицискиот договор постави цел на трошење од три отсто од БДП за „меѓународен ангажман“, вклучувајќи и дипломатија и развојна помош заедно со одбранат,а што е многу нејасна формулација. Сепак, за да ги брани сопствените интереси на меѓународната сцена, Германија треба да биде повеќе од случаен минувач кога станува збор за меѓународната безбедност. Шолц можеби водеше кампања како кандидат за континуитет на германските политики („новата варијанта на Меркел“, според еден германски весник), но за да успее сепак тој ќе мора да покаже дека е свој човек.