САД, Германија, Франција и Чиле имаат многу поблиски ставови за реформирање на Светската здравствена организација отколку што се чини на прв поглед
Кога американскиот претседател Доналд Трамп ја повлече својата земја од Светската здравствена организација (СЗО) годинава, тоа беше пречекано со лавина критики од целиот свет. Но Трамп може да добие некои од промените што ги побара од СЗО.
Иако многу светски лидери не се согласуваат со обидите на Трамп да го направи СЗО жртвено јагне за рано ширење на коронавирусот во 2020 година, тие признаваат дека мултилатералната организација треба да се промени.
Германија, Франција и Чиле сигнализираат дека се согласуваат за многу промени што САД ги бараат во СЗО, дури и кога Американците се подготвуваат за излегување.
Предлозите за реформи од САД, Франција и Германија и Чиле се согласуваат по неколку точки: светското здравствено тело треба да има ран пристап до областите каде што се појавува епидемија. Тоа треба да има појасен систем за дефинирање на здравствени итни случаи од сегашниот и да може да процени дали земјите ги почитуваат меѓународните правила за здравствени итни случаи и дали се подготвени да одговорат на нив и да ги пријават.
Иако никој, па дури ни САД, не посочуваат никого, јасно е дека неможноста за пристап на СЗО до Кина при избувнувањето на епидемијата на коронавирусот, како и нејзината немоќ да побара одговорност од Кина и други земји зашто брзо не известуваа за итните случаи, се главна мотивација за овие промени.
– Постои значителна заедничка основа за тоа како да се решат тие проблеми и да се реформира организацијата за да можеме да избегнеме повторување на катастрофата со ковид-19 во иднина – изјави портпаролот на Министерството за здравство на САД.
Реформата на СЗО не беше официјално на агендата на состанокот на Извршниот одбор неделава, но борбата за влијание врз дискусијата е во тек. Извршниот одбор е раководно тело на СЗО составено од 34 национални претставници избрани со тригодишен мандат, кое работи на спроведување на одлуките и политиките на Генералното собрание на СЗО.
Германија, која претседава со Советот на министри на ЕУ, организираше состанок со преостанатите министри за здравство на ЕУ за да разговараат за позицијата на блокот во однос на глобалното здравје. Најбогатата земја на ЕУ долго време бараше поголема улога по ова прашање и во СЗО, а повлекувањето на САД среде пандемија ѝ го овозможува тоа.
– Додека ЕУ веќе подолго време не се перципира како клучен играч во глобалното здравје, ситуацијата сега се смени радикално бидејќи пандемијата на ковид-19, вклучувајќи ја и тешката геополитичка состојба, го доведе глобалното здравје во центарот на вниманието, исто така во ЕУ – порача Германија во документ пред состанокот на министрите.
Сè уште не е јасно дали Кина подготвува своја визија за промените на СЗО. Мисијата на Кина во ОН во Женева го коментираше прашање. Заменик-амбасадорот во Женева, Ли Сонг, во септември објави на Твитер „проверка на реалноста“, како одговор на обвинувањата на САД против Кина и СЗО. Едно од нив е дека кинеското прикривање на епидемијата е виновно за ширењето на вирусот низ целиот свет. Кина стои на ставот дека тоа што се случи е „неочекуван напад од непознат вирус врз човештвото“ и нагласува дека е транспарентна во дадените информации, посочувајќи дека „статистичките податоци покажуваат оти многу малку случаи се извезени од земјата“.
Рускиот претседател Владимир Путин во говор пред Генералното собрание на ОН рече дека работата на СЗО бара квалитативно зајакнување. Портпаролката на руската мисија во Женева, Дарија Рудакова, даде дополнителни детали што значи тоа: повеќе пари, поголема транспарентност и поголема отчетност пред земјите-членки.
– Понатамошното зајакнување на Програмата за итни случаи на СЗО треба да се смета за приоритет – изјави Рудакова, додавајќи оти дискусијата за промена не смее да се протурка без „цврсти докази и сигурна експертиза“.
Сите се согласуваат дека ќе има повеќе пандемии во иднина. Познат белгиски виролог дури рече дека човештвото може да влезе во ера на пандемии. Поделбата помеѓу САД и Франција и Германија летово за начинот на реформирање на СЗО се чини дека повеќе беше површна отколку суштинска. Двете европски земји не сакаа САД да го водат процесот, со оглед на тоа што ја напуштаат организацијата.
Но трите земји и Чиле користат сличен јазик во своите предлози кога станува збор за, на пример, давање брз пристап на СЗО до место каде што, на пример, избива епидемија.
– Треба да ѝ се овозможи на мрежата на СЗО веднаш да изврши истрага на епидемијата во земјите-членки. Ова ќе ѝ овозможи на СЗО порано да го предупреди светот за потенцијална глобална итна ситуација – се вели во документот на Франција и на Германија.
Според Чиле, треба да се формира комитет за итна верификација за „пропорционално проценување ситуации или настани што може да се потценат, со што се попречува донесувањето одлуки“.
Кога се смета дека јавен здравствен настан го загрозува меѓународното јавно здравје и потенцијално бара меѓународен одговор, СЗО може да го прогласи за јавен здравствен итен случај што предизвикува глобална загриженост. СЗО го стори тоа за короната на крајот на јануари. Тоа е највисок степен на тревога, која ги обврзува земјите да споделуваат информации со СЗО. Глобалното здравствено тело почна да го нарекува коронавирусот пандемија на 11 март, што значи дека ги погодува сите земји во светот.
Но ваквите здравствени итни случаи ќе бидат подобро категоризирани со еден систем на семафори, со различни нивоа на тревога, кои бараат да се преземат различни активности, сугерираат сите четири земји. Актуелниот систем за предупредување е воспоставен во Меѓународните здравствени регулативи, збир на меѓународни закони, кои бараат од земјите да пријавуваат епидемии што можат да претставуваат поширока закана. Но нема вистинска казна за земјите што не се придржуваат до тие правила.
Лоренс Гостин, професор по глобално здравствено право на универзитетот „Џорџтаун“, смета дека обидот да се изменат прописите е тежок потфат што може резултира со нивно натамошно слабеење.
– Постоењето на еден вид инспектор за вистински да се спроведат тие правила и да се истражат епидемиите, може навистина да го направи светот побезбеден, но геополитичките предизвици се огромни – вели тој.
САД сугерираат да му се даде на СЗО начин да процени колку една земја ги почитува системот за предупредување и правилата за известување. Франција и Германија бараат сличен механизам, додека Чиле сака периодично испитување на капацитетот на земјите за откривање, процена и известување за здравствените настани.
Иако има многу идеи за тоа како да се промени СЗО, едно е сигурно, посочуваат Франција и Германија, а тоа е дека организацијата се соочува со неограничени очекувања наспроти многу ограничено финансирање. Земјите обезбедуваат приближно една петтина од двегодишниот буџет на телото преку задолжителни придонеси или вкупно помалку од една милијарда долари. Остатокот доаѓа од доброволните прилози на земјите, како и од фондации, приватни компании и други субјекти. Франција и Германија тврдат дека моделот на финансирање не е одржлив за СЗО да ги исполни многуте барања во светот. САД го признаваат тоа, иако одбиваат да платат дел од долговите за 2020 година додека се подготвуваат за излегување. Американците велат оти се залагаат за „сериозно разгледување на потенцијалните реформи на буџетот што ќе обезбедат соодветно и одржливо финансирање за СЗО и ќе ги забрзаат континуираните придобивки во работењето“.
Гостин од универзитетот „Џорџтаун“ вели оти е тешко да се предвиди колку реално ќе се случат промените за кои се залагаат земјите.
– Сепак, се надевам дека ќе има поголеми и постабилни средства за СЗО, како и дека ќе има поголема политичка поддршка и поголема флексибилност за прогласување јавна здравствена вонредна состојба во повеќе фази. Ќе пропуштиме огромна можност ако не ја искористиме оваа криза за да ја реформираме СЗО – нагласува тој.