Стариот Континент треба да примени нов пристап во градење и заштита на дигиталната инфраструктура на Блискиот Исток, Северна Африка и Сахел, за да ги промовира своите интереси и да ја зајакне европската економија, порачуваат Матео Коломбо, Федерико Софрини и Артуро Варвели од ЕЦФР
Односите на ЕУ со нејзиното соседство и инфраструктурата на интернет
Инфраструктурата врз која се темели интернет сè почесто станува предмет на геополитиката, а многу чувствително прашање е кој ги поседува подводните кабли и како тие се протегаат. Каблите играат клучна улога во заштитата на податоците, економскиот развој и дипломатските врски меѓу две земји. Во моментов, САД и Кина се главните играчи и ривали на пазарот, бидејќи нивните компании физички ја градат инфраструктурата и токму инфраструктурните прашања на другите држави ги претвораат во геополитички.
За разлика од двете светски сили, Европската Унија (ЕУ) допрва треба да излезе со свој пристап на прашањето. Тоа може да ги ослаби напорите за да стане посуверена во еден свет со зголемена геополитичка конкуренција. Наместо да работат заедно во унапредување на европските интереси, членките на ЕУ и тамошните компании во голема мера се натпреваруваат едни со други во воведувањето и управувањето со дигиталната инфраструктура. Истовремено, компаниите во Унијата имаат добро воспоставени врски со многу земји, изградија и финансираа најголем дел од инфраструктурата на интернет во светот и управуваат со постојните подводни кабли. Затоа, Европејците треба да ги искористат овие предности за да спроведат стратегија што ќе ги поддржи проектите за подводните кабли, ќе го поттикне формирањето европски конзорциуми, особено во земјите надвор од ЕУ во регионот на Медитеранот и надвор од него.
Дигиталната инфраструктура и суверенитет на ЕУ
Од 2019 година, Европската комисија експлицитно ја претстави својата намера да прерасне во „геополитичка комисија“. ЕУ во моментов работи на поширока европска дигитална агенда, чиј надворешен аспект ја опфаќа идејата блокот да стане обединет актер во технологијата, особено во компјутерската моќ, контролата на податоци и поврзаноста. За да го постигне тоа, потребни ќе бидат правни, регулаторни и финансиски инструменти што ќе му помогнат на блокот активно да ги промовира европските вредности и принципи во оваа сфера. Без сопствени дигитални капацитети и автономија, Европа нема да биде конкурентна во технолошката сфера и ќе го загуби чекорот во борбата за технолошка доминација со САД и Кина.
Токму подводните кабли ја играат клучната улога, бидејќи колку повеќе се достапни, толку се подобри комуникациските врски со државите што ги поврзуваат и подобра е заштитата од нарушувања што може да предизвикаат колапс на дигиталната инфраструктура. Сепак, само членките на ЕУ имаат моќ да дадат лиценци за градење на инфраструктурата, но не и блокот како целина, покрај очигледните предности. Италија, Франција и Шпанија имаат заеднички интереси во поширокиот регион на Медитеранот од геополитички и политички причини, но нивните домашни компании водат посебни иницијативи да ја поврзат Европа со Африка и Блискиот Исток. Во моментов иницијативите немаат јасна координација и често вклучуваат директна соработка со компании од ривалските сили како Кина.
Од оперативна гледна точка, геополитиката на подводните кабли личи на онаа на нафтените и гасните полиња. Транзитните и крајните држави мора да се согласат како каблите ќе минуваат низ нивните територијални води и ексклузивни економски зони (ЕЕЗ). Европските компании што се вклучуваат во иницијативи со држави и фирми надвор од блокот може да ја подобрат европската инфраструктура на интернет, со поголема поврзаност и продлабочување на деловните можности во поширокото соседство. Придобивки би имале и партнерските држави, бидејќи поголем широкопојасен интернет значи и раст на БДП во земјите со ниска поврзаност. Сепак, европските политичари сфаќаат дека Кина и САД, кои доминираат со секторот, имаат моќ да работат на дигитализацијата на регионот, да наметнат стандарди, да ги олеснат поволните услови за нивните оператори во дигиталните пазари и да промовираат партнерства меѓу земјите од регионот. Од геополитичка точка, ако ЕУ не успее да го изгради влијанието во Медитеранот, тогаш ќе се наметнат други играчи.
Геополитиката на подводните кабли
ЕУ треба да ги подобри својата политика и капацитети во справувањето со овие предизвици, бидејќи геополитиката веќе е тесно поврзана со подводните кабли за интернет. Владите во светот ги користат нивните привилегии да даваат лиценци за да ги зајакнат нивните геополитички сојузи, претпочитајќи пријателски држави од дипломатски причини. Во ЕУ, три фирми се особено активни во овој сектор во поширокиот Медитеран: италијанската „Телеком Италија спаркл“, француската „Оринџ“ и шпанската „Телксиус“.
Мултинационални конзорциуми исто така управуваат со подводните кабли. Кабелот „Африка 1“ што ќе ги поврзува Европа и Пакистан преку Источна Африка и Египет треба да биде завршен до 2023 година, а со него управува конзорциум од Саудиска Арабија, Египет и ОАЕ. Политичката моќ може да влијае врз маршрутите на каблите и инфраструктурата. Позитивните односи со одредени влади се предуслов за добивање лиценци, а државите исто така може да остварат билатерални политички придобивки од изградбата на дигитална инфраструктура во други земји.
Сегашниот пристап на ЕУ
Пристапот на Унијата во креирањето пазар на дигитална инфраструктура ќе изгради мостови со соседните земји преку финансирање проекти и воведување оперативни стандарди преку нејзината регулаторна моќ. ЕУ планира да ги заштити европските компании од нелојалната конкуренција и да го поддржи нивното ширење надвор од блокот со воведување правила и стандарди за интероперабилност. Блокот ќе соработува со земјите од неговото соседство за воведување слични легислативни стандарди за приватност и сопственост. На тој начин има потенцијал да ги олесни инвестициите на европските компании во регионот и да ги спречи напорите на ривалските сили.
ЕУ полека се движи кон воспоставување политичка стратегија во секторот. Почна да се промовира како клучен политички играч со тоа што обезбеди финансиска поддршка за проектите од дигиталната инфраструктура преку механизмот за финансирање познат како ЦЕФ 2, со кој ќе се распределат три милијарди евра во инфраструктура за интернет во наредните шест години.
Ако ЕУ почне да игра поголема улога во оваа сфера, тогаш нејзините напори треба да имаат заеднички придобивки за членките и напредна улога за Европа како светски партнер во иновацискиот сектор, како дел од промовирањето на својот дигитален суверенитет. Но Стариот Континент не е сам на овој пазар и во одредена мера заостанува зад Кина и САД, кои се доста конкурентни во секторот, а нивното влијание се зголемува на Блискиот Исток и во Африка. Во изминатите неколку години, фирмите како „Хуавеи“, „Гугл“ и „Фејсбук“ го зголемија нивното присуство на пазарот за подводни кабли со тоа што ги поврзаа европските и неевропските земји од Медитеранот со делови од светот. Европските компании се приспособија на новата состојба со здружување на конкурентските конзорциуми со американските или кинеските групи, но ЕУ треба да има подлабоко разбирање како Кина и САД дејствуваат во овој сектор.
Предизвици
Актуелните тензии за разграничувањата на ЕЕЗ во Источен Медитеран ја отежнуваат можноста на ЕУ да ги рашири подводните кабли. Затоа блокот треба да посредува во тековната криза околу демаркацијата на ЕЕЗ во овој дел од регионот, со оглед на неговата важност во одржување на стратегиските маршрути на кабли меѓу Европа и Азија. Безбедносните прашања би можеле да бидат причина за загриженост за ЕУ. Без директно достапни безбедносни сили, ЕУ може да ја заштити инфраструктурата за Интернет само ако соработува со членките, НАТО и државите од поширокиот медитерански регион. Геополитички приоритет за блокот треба да биде заштитата на дигиталната инфраструктура и да ги поттикне членките што се во НАТО да распоредат воено присуство со кое би се спречило непријателско прислушување.
Европа може да ја зајакне поврзаноста во рамките на соседството и да стане стратегиски суверен партнер во секторот со зголемена меѓународна важност. Во нејзин интерес е да спроведе ефикасни иницијативи со другите земји за да ја прошири дигиталната инфраструктура за да отвори деловни можности за европските фирми во поширокиот медитерански регион и да го зацврсти тамошниот политички и економски суверенитет. Ако ЕУ не почне да ги покажува своите сили во светот на дигиталната инфраструктура, тогаш ќе биде принудена да ги почитува правилата на другите.