Избегнувањето дополнителни кризи во Европа и на Блискиот Исток е единствениот начин на кој американската дипломатска и воена моќ може да се префрли таму каде што е најпотребна, а тоа е во Индо-Пацификот, сметаат Роберт Д. Блеквил и Ричард Х. Фонтејн Помладиот за „Блумберг“
Долгорочни геополитички калкулации во трите стратегиски арени
До неодамна, широкиот американски двопартиски консензус сметаше дека Кина, а не Русија, го претставува најголемиот предизвик за национална безбедност на САД и дека Азија, а не Европа, е регионот во кој ќе се одредуваат богатствата на овој век. Долго одложуваното „свртување кон Азија“ ги препознава овие реалности, бидејќи САД посветија поголемо внимание и ресурси во регионот на Индо-Пацификот. Воената операција во Украина го промени овој пристап. Сега Вашингтон мора да се справува со големите сили во два региона, додека Блискиот Исток исто така бара свое внимание.
САД треба да продолжат со долгорочна промена кон Азија, но со подобро одржување на рамнотежата на ресурсите и присуството во трите стратегиски арени. Парадоксално, воената операција на Путин покажува како тоа треба да се направи. Прво, политичарите треба да ја консолидираат трајната стратегиска логика зад свртувањето кон Азија. Кина ги комбинира огромните капацитети и волја да го промени меѓународниот поредок. Индо-Пацификот го претставува примарниот, но не и единствениот регионален театар во кој се одржува американско-кинескиот натпревар.
Правилна распределба на американските ресурси
Но, одржливо свртување кон Азија е можно само во отсуство на сериозни кризи за националната безбедност во Европа и на Блискиот Исток. Ниту еден американски претседател нема да игнорира вонредна состојба предизвикана од Русија во Европа, голема терористичка закана или нуклеарен и/или доминантен Иран. Америка останува да важи за глобална, а не за регионална сила. Главниот предизвик е распределбата на ресурсите за национална безбедност во сите три региони, без да се ослабат клучните американски национални интереси во еден од нив или да се замисли дека Америка може да направи сè, секаде. Тој проблем е најакутен во воената сфера. Ќе треба да се зголемат трошоците за одбраната, но еднакво важно ќе биде како тие пари ќе се трошат. На Блискиот Исток, на пример, редовните трупи треба да го олеснат товарот на елитните сили за специјални операции во мисиите за безбедносна соработка. Вашингтон треба да ја премести скапата воена опрема, како што се авионите „ф-35“ и „ф-22“, во двете арени на големата конкуренција, користејќи авиони со помали капацитети, вклучително и беспилотни системи, за антитерористички мисии.
Чекори во Европа и Индо-Пацификот
Во Европа, САД треба да се надоврзат на новооткриената подготвеност на своите сојузници да ги подобрат своите воени капацитети и да го одвратат понатамошното руско влијание. Ова треба да вклучи преместување на американските трупи кои моментално се стационирани во Европа понатаму на исток, во земји како Полска, Романија и во Балтикот. Вашингтон, исто така, треба да има корист од неодамнешното зголемување на размената на разузнавачки информации, вклучително и од земјите кои не се членки на НАТО, преку елиминирање на бариерите за споделување на одбранбената технологија со сојузниците кои се подготвени да инвестираат.
Во однос на Индо-Пацификот, Вашингтон треба да го резервира најголемиот дел од воените ресурси кои се најважни, вклучувајќи помали бродови за површинско војување, проектили со долг дострел и борбени авиони од следната генерација. Надградувањето на напорите како што е безбедносната спогодба АУКУС со Австралија и Велика Британија, ќе им даде на регионалните сојузници повеќе моќ да ја зајакнат сопствената одбрана, помагајќи им подобро да ја одвратат Кина и да служат како прва линија во секојдневната конкуренција со неа.
Коалициите како одговор на светските прашања
Интензивната дипломатска работа во Европа и на Блискиот Исток би можела да ги зајакне коалициите во секој од регионите кои се подготвени и имаат капацитет да се справат и да намалат некои од заканите. Вашингтон ова треба да го поткрепи со афирмативна економска агенда, почнувајќи со повторно влегување или повторно преговарање за трговскиот договор за Транспацифичко партнерство. Во текот на следните неколку години, САД мора да усвојат побавно и помалку интензивно свртување кон Азија отколку што планираа пред воената операција на Путин. Тоа е, сепак, подобро отколку да не се случи никаков пресврт или да се мисли дека кризата во европската безбедност не ги менува американските планови. Играта на долг рок ќе биде многу важна. Одржувањето на рамнотежата во вклученоста на САД низ регионите е важно и од две други причини. Некои од најголемите проблеми на сегашноста се примарно или целосно азиски по карактер. Технолошката конкуренција, климатските промени, јавното здравје, светската економија и одржливиот развој се глобални прашања. Затоа, САД ќе треба да ги ангажираат сојузниците и партнерите низ Европа и Блискиот Исток во коалиции за да се работи на решавање на прашањата.
Зголемувањето на вкупните ресурси што ќе ги распоредат САД и прифаќањето на краткорочно забавување на вртењето кон Азија е единствениот пристап што ќе ги заштити американските интереси во сè понестабилниот свет.
Подготвиле: Марјан Велевски, Билјана Здравковска