Двата екипажа на вселенските летала „Шенжу 15“ и „Шенжу 14“ се заедно во орбитата и ќе престојуваат неколку дена во вселенската станица

Како последен чекор во изградбата на вселенската станица „Тиангонг“, мисијата „Шенжу 15“ го означува и првиот чекор во работата на кинеската вселенска станица

Нови достигнувања во трката за вселената

Кинескиот вселенски брод со екипаж „Шенжу 15“ во средата успешно се приклучи на екипажот кој веќе се наоѓа во вселенска станица. Како последен чекор во изградбата на вселенската станица „Тиангонг“, мисијата „Шенжу 15“ го означува и првиот чекор во работата на вселенската станица. Средбата на астронаутите претставува историски чин, бидејќи за прв пат шест кинески астронаути истовремено се наоѓаат во вселената. Претходно имаше најмногу тројца кинески астронаути истовремено во вселената.
Имено, екипажот на „Шенжу 15“ со помош на носечката ракета „Лонг марч 2ф“ тргна на своето патување до вселенската станица „Тиангонг“, доцна во вторникот навечер, од центарот за лансирање на сателити „Џиукван“ во пустината Гоби во северозападна Кина. Ова го означи завршувањето, во рок од две години, на сите 11 мисии за вселенски лансирања планирани во фазата на изградба за првата кинеска постојана вселенска станица.

Два екипажи се собраа во орбитата за прв пат

Во претходната ротација на мисиите од серијата „Шенжу“, екипажот на секоја нова мисија беше лансиран во вселената откако нивните претходници ќе се вратеа на Земјата. Но, овој пат, двата екипажи на вселенските летала „Шенжу 15“ и „Шенжу 14“ се заедно во орбитата и ќе престојуваат неколку дена во вселенската станица. Ротацијата во орбитата ќе стане нормална откако вселенската станица официјално ќе биде пуштена во функција.

Шест кинески астронаути заедно во вселената

Откако тројцата членови на екипажот „Шенжу 15“ влегоа во вселенската станица, сега има шест астронаути во орбитата. Низ светот, сега има вкупно 13 астронаути во вселената, а другите седум се на Меѓународната вселенска станица (тројца од САД, тројца од Русија и еден од Јапонија). Меѓутоа, Кина засега е земјата со најмногу луѓе во вселената.

Кинеската вселенска станица е најголема

По пристигнувањето на вселенското летало „Шенжу 15“, вселенската станица „Тиангонг“ стана најголемата во светот. Со тежина од речиси 100 тони, тоа е една од најголемите вселенски структури што човештвото некогаш ги изградило во вселената. Вселенската станица се состои од основниот модул „Тианхе“, лабораториските модули „Вентиан“ и „Менгтиан“, вселенското летало „Шенжу 14“ и „Шенжу 15“, како и товарниот брод „Тианжу 5“.

Многу експерименти во вселенската станица

Во вселенската станица има две вселенски лаборатории, „Менгтиан“ и „Вентиан“. Покрај рутинското одржување, астронаутите ќе инсталираат и тестираат 15 научни кабинети во двете вселенски лаборатории и ќе спроведат повеќе од 40 научни експерименти во области како што се воздушната медицина и воздушната технологија. За време на нивниот шестмесечен престој, тројцата членови на екипажот на мисијата „Шенжу 15“, исто така, четири пати ќе извршуваат активности надвор од кинеската вселенска станица во орбитата над Земјата.