Многу лидери во своите изјави во врска со кризата се повикаа токму на меѓународното право, што укажува на неговата важност како референтна точка и стандард според кој ќе се раководат реакциите на руските воени дејства, вели Ентони Дворкин за ЕЦФР
Во кој случај може да се активираат меѓународните трибунали?
Руската воена операција во Украина е јасен чин на агресија и очигледно кршење на членот 2.4 од Повелбата на ООН, во кој се забранува „употреба на сила против територијалниот интегритет или политичката независност на која било држава“. Во својот говор со кој го најави нападот врз Украина, претседателот Владимир Путин на различни начини се обиде да ги оправда руските постапки. Имено, тој укажа на, како што рече, западното кршење на меѓународното право во Косово, Ирак и Либија. Меѓутоа, оставајќи ги настрана разликите меѓу посочените случаи, овде нема никаква корелација со незаконитоста на потезите од страна на Русија.
Повикувајќи се директно на Повелбата на ООН, Путин тврдеше дека руската акција била чин на самоодбрана, планиран да ги заштити Русија и проруските енклави во Донбас од нападите на Украина и НАТО. Ниту Украина, ниту пак НАТО немаат започнато, ниту пак имаат во план да започнат каков било напад. А со оглед на фактот дека енклавите не се независни држави (и покрај тоа што Русија ги призна како такви), тие немаат право да бараат од друга држава да ги брани. Во секој случај, во пред почетокот на воената акција, многу повеќе сила беше насочена од внатрешноста на енклавите кон надвор отколку против нив.
Функцијата на меѓународните трибунали
Забраната за неоправдана употреба на сила е основен камен-темелник на современото меѓународно право. Сепак, тоа не мора да значи дека постои трибунал што може да донесе пресуда во однос на руското кршење на правилата. Меѓународниот суд на правдата, кој води меѓудржавни спорови, може да интервенира само во случаи кога инволвираните држави се согласуваат тој да учествува. Украина веќе има поднесено тужба против Русија, која се однесува на нападите од 2014 година, но имаше право да го стори тоа само во однос на прекршувањето на конвенциите за финансирање тероризам и расна дискриминација, а не заради кршења на Повелбата на ООН. Статутот на Меѓународниот кривичен суд (МКС), кој беше основан во 1988 година и беше наменет за прогон на поединци заради прекршување на меѓународното кривично право, во 2010 година беше надополнет со надлежност во случаи на агресија. Во Статутот на МКС, злосторството е дефинирано како планирање, подготовка, иницирање или извршување на чин на агресија од страна на висок воен или политички лидер кој манифестно ја прекршува Повелбата на ООН.
Кој може да одговара пред меѓународните судови?
Украина ја има прифатено јурисдикцијата на МКС, иако таа формално не е членка на овој суд. Сепак, постои одредено ограничување: во овој случај, измените и дополнувањата кои вклучуваат кривично дело агресија поставуваат ограничувања во досегот на судот, што не се однесуваат на други меѓународни злосторства. Едно од овие ограничувања е дека МКС може да ги процесира случаите на агресија само тогаш кога и земјата што напаѓа и земјата-жртва се членки на овој суд. Русија не е членка на МКС, а Украина ја прифати ад хок надлежноста на судот, но го нема ратификувано неговиот Статут. Следствено на тоа, Путин и неговите високи функционери не мора да се плашат дека за ова кривично дело ќе бидат обвинети и судени пред МКС. Меѓутоа, некои земји во своите национални законодавства дозволуваат кривично гонење за дело агресија според принципот на универзална надлежност. Па така, иако Путин и неговите функционери можат да останат имуни на ваков вид кривично гонење додека се на власт, тие би можеле да се соочат со него доколку посетат одредени земји по напуштањето на функцијата.
Во меѓувреме, руските команданти и војници може да бидат соочени со судско гонење за секое воено злосторство што ќе го направат за време на конфликтот. Во случаи како воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид, МКС има надлежност доколку предметниот акт се одвива на територијата на држава која ја прифаќа неговата надлежност, дури и кога делото е извршено од граѓанин на држава која не е членка на судот. МКС веќе анализира евентуални случаи на воени злосторства во Украина во периодот од 2013 година наваму, вклучително и оние извршени од руски воени сили. Руските војници би можеле да бидат соочени со обвиненија доколку намерно пукаат на цивили, користат несразмерна сила во нападите на воени цели или егзекутираат затвореници по кратка постапка. Набргу по почетокот на руската инвазија на Украина, обвинителот на МКС изјави дека внимателно ќе ја следи ситуацијата, напоменувајќи дека нарачувањето или поттикнувањето злосторства ги прави поединците подложни на кривично гонење. Оттука, треба да се вложат сите напори за документирање и зачувување на сите докази за злосторства извршени од војските за време на воените судири.
Можеби Русија и Путин нема веднаш да се соочат со судски постапки за кршење на меѓународното право, но тоа не значи дека самото меѓународно право не е релевантно. Државите што го осудија постапувањето на Русија се обидуваат не само да ги заштитат Украина и нејзиното население, туку и да го бранат принципот според кој односите меѓу државите треба да бидат обликувани по пат на правни начела, а не само со баланс меѓу силите. Оправданоста од воведување санкции се потпира на фактот дека целниот поединец или субјект се смета одговорен за кршење на меѓународното право. Многу лидери во своите изјави во врска со кризата се повикаа токму на меѓународното право, што укажува на неговата важност како референтна точка и стандард според кој ќе се раководат реакциите на руските воени дејства.
Претседателот на Државната дума на Русија, Вјечеслав Володин:
Ако не влезевме во Украина, НАТО ќе нападнеше веќе наредниот ден
Ако Русија не ја започнеше специјалната операција во Украина, буквално следниот ден НАТО ќе започнеше своја операција со посредство на украинските националисти, изјави претседателот на Државната дума на Русија, Вјечеслав Володин. Тој за руската телевизија Русија24 додаде дека акцијата би ја воделе неонацистичките паравојски во Украина.
Володин смета дека со акцијата на Русија се спасени стотина илјади жители и дека на Русија не ѝ бил оставен избор освен да реагира.
„Видете само колку оружје добива Украина од НАТО. Да не ја започневме специјалната мировна операција, тоа ќе имаше трагични последици за сите“, вели Володин.
Според него, и санкциите нема да ѝ наштетат на Русија, со тоа што наместо посакуваните мерки на Западот од санкциите Русија ќе излезе посилна и економски понезависна од претходно.
(Русија24)