Европската Унија сака да ја оживее својата рударска индустрија за да ги поддржи зелената и дигиталната транзиција, но отпорот на локалното население и долгите процедури за добивање дозволи би можеле да се покажат како главна пречка за постигнување на оваа цел
Како тече европската стратегија за развивање на рударството?
Во комбинација со бирократијата, отпорот на локалното население може да доведе до значително одложување на процесот на издавање дозволи за отворање нови рудници во Европа. Генерално, раководителите на индустријата велат дека е потребно во просек една деценија за да започне со работа нов рудник. Со оглед на тоа што побарувачката за суровини се очекува да се зголеми за 500 отсто до 2050 година, според Светската банка, овие одложувања може да се покажат како главен трн во окото за амбициите на Европа да постигне стратегиска автономија на суровините.
Европската комисија во моментов истражува различни опции за забрзување на процедурите за издавање дозволи како дел од претстојниот Закон за критични суровини. Овие мерки вклучуваат „здружување различни процени на животната средина“, како и „специфични временски рокови за процедурата за издавање дозволи“, како што изјави извор од Европската Унија (ЕУ) за „Еурактив“. Понатаму, Комисијата се надева дека издигнувањето на свеста за важноста на критичните суровини, како што се литиумот или графитот, ќе биде од помош. Сепак, моќта на Европската комисија е доста ограничена, бидејќи регулативите за рударство спаѓаат во надлежност на земјите-членки. Исто така, во многу земји отпорот кон овие проекти всушност се зголеми во последниве години.
Португалија е во рударска дилема
Типичен пример за отпор на локалното население е Португалија. Според американското геолошко истражување, земјата има најголеми европски резерви на литиум, кој е суштинска компонента во батериите на електричните автомобили. Но најголемиот проект во земјата, во Ковас до Баросо, наиде на значителен локален отпор. Во 2019 година, малото село осамна на насловните страници кога организира протести против рудникот што се планира да стане центар на индустријата за литиум во земјата. Локалното население и активистите беа првенствено загрижени за еколошките опасности од проектот и поднесоа околу 170 негативни мислења во фазата на јавна консултација. Некои од нивните тврдења добија поддршка од експерти. За време на сослушувањето во Европскиот парламент, американскиот геофизичар Стивен Емерман рече дека плановите за рудникот во Ковас до Баросо се под еколошките стандарди и дури ќе се сметаат за нелегални во некои земји од Латинска Америка.
Европската комисија ги разгледува целите за зголемување на самодоволноста на ЕУ за критичните суровини, со цели што се движат помеѓу 10 и 30 отсто за секоја од нив. Но активистите велат дека тие можеби никогаш нема да бидат исполнети. Ник Волкер, истражувач на политиката на ЕУ во „Мајнинг воч“ во Португалија, рече дека еден од главните начини да се придобие локалното население би било да му се даде поголем збор во целиот процес на издавање дозволи.
Меч со две сечила
Сепак, давање повеќе збор на локалното население и построги еколошки стандарди може да се покаже како меч со две сечила, како што покажува примерот на Финска. Финска често се споменува како една од најповолните земји за рударство во Европа. Сепак, во последниве години почна да го губи таквиот статус. Земјата беше рангирана на второ место во индексот на инвестициска привлечност за рударство од страна на институтот „Фрејзер“ во 2019 година, но не влезе во првите десет во индексот за 2021 година. Расмус Бломквист, управен директор во „Графинтек“, финската филијала на „Беовулф мајнинг“, смета дека голем дел од овој пад се должи на неизвесноста со издавањето дозволи.
„Графинтек“ моментално спроведува еколошки студии за нов рудник за графит во Финска. Графитот е суштински дел од батериите за електрични автомобили и „Графинтек“ се надева дека ќе биде во позиција да поднесе барање за добивање еколошки и рударски дозволи во следните неколку години.
Финска во моментов работи и на ажурирање на својот закон за рударство за да одговори на локалните грижи за животната средина. Бидејќи се проценува дека рударството е четвртиот најважен фактор што придонесува за загубата на биолошката разновидност во Финска, законот првенствено има цел да ги ублажи ефектите врз животната средина. Улогата на локалните власти, исто така, ќе се надгради, бидејќи за дозволите за рударство ќе биде потребен план одобрен од општината. Но иако новиот фински закон се обидува да ја реши загриженоста на локалното население, индустријата предупредува дека тоа би можело да доведе до дополнително одложување на процедурата за издавање дозволи.