САД постепено се повлекуваат од спорниот енергетски проект, пишува Нектарија Стамули за „Политико“
Како е пропуштена можноста да се избегне енергетска криза во Европа
Европската Унија (ЕУ) се најде под притисок од рекордно високите цени на природниот гас и ја повика Русија да го зголеми извозот, но тоа не значи дека секој проект за гасовод лесно може да се изведе. Гасоводот „Источен Медитеран“ претставува проект вреден шест милијарди евра што требаше да испорачува гас од наоѓалишта во близината на бреговите на Израел и на Египет преку гасовод долг 1.250 километри, кој требаше да минува преку Кипар и Грција до европските пазари, меѓутоа ја загуби поддршката на САД, па, така, пропадна реализацијата на изградбата. Проблемот беше што проектот ја исклучуваше Турција, која беше најочигледната маршрута за медитеранскиот гасовод, а исто така тешко беше да се постигне согласност во време кога ЕУ има цел да стане климатски неутрална до 2050 година.
Во документот испратен до Грција овој месец, Вашингтон ги наведе еколошките причини за својата одлука повеќе да не поддржува енергетски проекти што не се зелени, го истакна и неговиот недостиг од економска и комерцијална исплатливост, но и фактот дека тој создава тензии во регионот, според официјални лица. Притоа, беше додадено дека САД ќе се фокусираат на електроенергетските интерконектори што можат да поддржуваат и гас и обновливи извори на енергија, како што е струјната мрежа меѓу Грција и Египет.
Причина за тензии
Гасоводот се поврзуваше со долгогодишните тензии меѓу Кипар, Грција и Турција околу поморските граници и истражувањето за нафта и гас во морето. Турција ги налути Кипар и ЕУ со ископувањето гас околу Кипар во областите за кои тврди дека им припаѓаат на кипарските Турци или на континенталниот дел на Турција, а исто така потпиша договор за разграничување со Либија, што Грција и Кипар го сметаат за приграбување на морето.
Проектот претходно беше поддржан од администрацијата на Трамп и поранешниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху, но и САД и Израел имаат нови влади, кои помалку изразуваат ентузијазам за идејата. Анкара го поздрави повлекувањето на проектот за гасоводот. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во соопштението што го објави неговиот кабинет порача дека израелскиот гас може да се донесе во Европа само преку Турција. Фаиз Сучуоглу, премиерот на кипарските Турци, исто така го поздрави неговото пропаѓање.
Гасоводот беше широко поддржан од сите политички групи во Грција, а промената на политиката на САД се смета за награда за тврдокорната позиција на Турција. Тоа се случува и во момент кога Вашингтон се обидува да ги подобри односите со Анкара, благодарение на зголемените тензии со Русија. Во грчкиот дел на Кипар американскиот потег беше дочекан со мешани сигнали. Новоименуваниот министер за надворешни работи Јоанис Касулидис изјави за локалното радио дека „секогаш го сметал гасоводот како алатка за создавање проблеми“. Но кипарскиот претседател Никос Анастасијадис рече дека тоа се лични ставови на Касулидис.
Осуден на пропаст
Гасоводот „Источен Медитеран“ требаше да биде еден од најдолгите и најдлабоки подводни гасоводи во светот, со можност на испорака меѓу девет и 12 милијарди кубни метри природен гас годишно, што е околу 10 отсто од снабдувањето на Европа, и ќе помогнеше да се намали зависноста на ЕУ од руски гас. Но уште од почетокот проектот наиде на компликации, предизвикувајќи сомнежи дали има финансиска и техничка смисла. Италија, каде што требаше да заврши гасоводот, никогаш официјално не даде согласност. Минатата година, официјални лица од Израел и Грција рекоа дека ги разгледуваат плановите за пренасочување на гасоводот, за да го заобиколи Кипар и да тече низ Египет. Египет и Израел, исто така, потпишаа договор за транспорт на израелски гас, што го поткопа случајот за гасоводот „Источен Медитеран“.