Подлабоката трансатлантска соработка во однос на микрочиповите беше одложена за идната година, што му остава простор на европскиот индустриски шеф Тиери Бретон да ги предводи напорите, пишуваат Лоренс Серулус и Јакопо Баригаци за „Политико“
Намаленото производство на микрочипови ја поттикна трансатлантската соработка
Додека Европа и САД формираат нова технолошка алијанса, Франција се обидува да ја преземе контролата врз клучниот аспект на пактот, а тоа се полуспроводниците. Високи претставници на Европската Унија (ЕУ) и САД во Питсбург во средата го одржаа својот прв состанок за да го назначат новиот Совет за трговија и технологија (ТТЦ), во услови на тековно нарушување на глобалниот синџир на снабдување со микрочипови.
Но додека владите на ЕУ се обидуваа да ја изготват предлог-заедничката изјава за состанокот, која опфаќаше сè, од вештачка интелигенција до контрола на извозот, Франција го блокираше напредокот во делот за микрочиповите, барајќи од европските влади и од САД да ги одложат разговорите поради структурни промени во секторот.
Во центарот на притисокот на Париз е планот да се постави Французинот Тиери Бретон, кој е инаку комесар за внатрешен пазар на ЕУ и поранешен извршен директор за технологија, на чело на трансатлантските дискусии за полуспроводници, според тројца дипломати и службеници за „Политико“, бидејќи тој ќе се обиде да купи време и да обезбеди поголем капацитет за производство на микрочипови на европска територија. Францускиот притисок се случи кратко откако земјата го загуби големиот договор за продажба на подморници на Австралија поради новиот безбедносен пакт помеѓу Вашингтон, Канбера и Лондон, што предизвика гнев од Париз. Како резултат на разочараноста на Франција, Бретон изрази сомнежи за трансатлантските односи за време на патувањето во Вашингтон пред околу две недели, само неколку дена по распадот на договорот, порачувајќи дека ЕУ и САД треба да ги „паузираат и ресетираат“ своите „нарушени“ односи. Тие недоразбирања влегоа во преговорите со ЕУ околу предлог-заедничката изјава за состанокот во Питсбург, бидејќи Франција побара ТТЦ да се фокусира на „краткорочни прашања за синџирот на снабдување“, а не подлабока соработка, за која ќе се дискутира подоцна.
Тест за европската индустриска политика
Притисокот на Бретон доаѓа во услови на глобални нарушувања во синџирите за снабдување со микрочипови што се одрази на производителите на автомобили, телевизори, конзоли за игри и електроника, меѓу другите сектори. Француската и германската автомобилска индустрија особено претрпеа голем удар во производството поради недостигот од чипови. На краток рок, европската индустрија и владите се надеваат дека ќе успеат да набават повеќе чипови од глобалните производители на полуспроводници, кои се обидуваат да одговорат на побарувачката. Но на подолг рок, ЕУ, исто така, сака да го разграни својот синџир на снабдување, работејќи со партнери како САД во однос на пристапот до технологија за чипови и експертизата, но исто така и сака да го врати производството на чипови во блокот, со тоа што ќе се обиде да ги привлече водечките фирми во индустријата да отворат капацитети со јавна поддршка.
Напорите се совпаѓаат со пошироката кампања предводена од Париз за зајакнување на технолошкиот суверенитет на Европа преку изградба на сопствен технолошки сектор, наместо таа да се потпира на глобална технолошка индустрија во која често доминираат САД. ЕУ изготви планови во изминатата година за зајакнување на домашното производство на чипови, со цел да го зголеми својот удел на глобалниот пазар од 10 на 20 отсто во 2030 година. Бретон е одговорен за тој поттик и работи со европската индустрија и владите да изнајдат фонд од неколку милијарди евра за поддршка на локалните производители на чипови. Тој, исто така, се обидува да ги придобие гигантите како „Интел“, ТСМЦ и „Самсунг“ за да отворат најсовремени фабрики во Европа. Еврокомесарот се сретна со новиот главен извршен директор на „Интел“, Пет Гелсингер, најмалку двапати оваа година за да разговараат за тоа како европските земји можат да го поддржат ветувањето на американскиот гигант за отворање нова најсовремена фабрика за чипови, потенцијално вредна до 80 милијарди евра.
Бретон против САД
Сепак, индустриските амбиции на Бретон може да се натпреваруваат на многу начини со плановите на САД за поддршка на домашното производство на чипови. Законодавците од Вашингтон го финализираат новиот предлог-закон наречен „чипови за Америка“, кој ќе овозможи 52 милијарди долари во средства за привлекување нови инвестиции во производството, главно од истите играчи што Бретон сака да ги добие за да вложат во Европа. Бретон, исто така, е задолжен за новиот Закон за европски чипови, кој го претстави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, во своето годишно обраќање пред Европскиот парламент во средината на септември. Според францускиот комесар, плановите на Европа заедно би изнесувале приближно слично колку американскиот фонд од 52 милијарди долари. Дипломатите што работеа на состанокот во Питсбург, во предлог-спогодбата рекоа дека двете страни „ја делат целта за избегнување трка за субвенционирање“, во очигледниот обид да се намали тензијата околу јавните трошоци.