Постепено се остваруваат ветувањата на невротехнологијата дека ќе ни ги олесни животите, но дали е потребен збир на права што ќе го заштитат интегритетот на нашите умови, прашува Кејт Вајлд од „Гардијан“
Загрижувачки развој на вештачката интелигенција
Австралискиот неврохирург Том Оксли вели дека „черепот има улога на бастион на приватноста, а мозокот е последниот дел од човекот што ја чува приватноста“. Оксли е извршен директор на „Синхрон“, невротехнолошката фирма основана во Мелбурн, која успешно тестираше високотехнолошки мозочни импланти што им овозможуваат на луѓето да испраќаат електронска пошта и текстуални пораки само со мислите. Во јули оваа година, таа стана првата компанија во светот што доби одобрение од американската Администрација за храна и лекови (ФДА) за да спроведе клинички тестирања на мозочни компјутерски интерфејси (БЦИ) кај луѓе во САД. „Синхрон“ веќе успешно вгради електроди во мозоците на парализирани пациенти преку нивните крвни садови. Електродите ја регистрираат мозочната активност и потоа безжично ги пренесуваат мозочните дразби до компјутер, каде што се толкуваат и се користат како низа од команди што им овозможуваат на пациентите да испраќаат пораки. БЦИ, кои му овозможуваат на лицето да контролира уред преку врска меѓу неговиот мозок и компјутер, се очекува целосно да им го промени животот на лицата со одредена попреченост.
Дејвид Грант, истакнат истражувач на Универзитетот во Мелбурн, вели дека „потенцијалот на невронауката да ги подобри нашите животи е речиси неограничен, но, сепак, потребно е да се примени подлабоко навлегување во мислите за да се реализираат придобивките“. Според Грант, не се контроверзни регулираните медицински корекции за лицата со когнитивен и сензорен хендикеп. Меѓутоа, тој го поставува прашањето што би се случило доколку таквите можности наместо во медицината, почнат да се применуваат во нерегулираниот комерцијален свет. Сепак, станува збор за дистописко сценарио, за кое Грант предвидува дека ќе доведе до „прогресивно и немилосрдно влошување на нашиот капацитет да го контролираме сопствениот мозок“.
Нов вид права
Во 2017 година, младиот европски биоетичар Марчело Иенка предвидуваше вакви потенцијални опасности. Тој предложи нова класа законски права, поточно невроправа, што значи слобода за одлучување кој смее да го следи, чита или менува нашиот мозок. Денес, Иенка е професор по биоетика на ЕТХ во Цирих, Швајцарија, и ги советува Европскиот совет, Обединетите нации, ОЕЦД и владите какво влијание може да има технологијата врз нашето чувство што значи да се биде човек. Пред да го предложи концептот за невроправа, Иенка веќе веруваше дека светоста на нашиот мозок треба да се заштити од напредната невротехнологија. Дебатата се отвори уште пред шест години, која тогаш беше генерално теоретска, но БЦИ веќе беа тестирани. Тогаш тој веруваше дека се загрозуваат посуштински прашања. Технологијата дизајнирана за да декодира и менува мозочна активност има потенцијал да влијае на тоа што значи да се биде „индивидуална личност“.
Додека на човештвото му е потребна заштита од злоупотребата на невротехнологијата, како што Иенка вели, невроправата „исто така имаат цел да им дадат моќ на луѓето и да им овозможат да ја развиваат и унапредуваат нивната ментална и церебрална благосостојба преку употреба на напредна невронаука и невротехнологија“. Овој став го дели и Том Оксли. Тој вели дека запирањето на развојот на БЦИ би било неправедно прекршување на правата на луѓето на кои неговата компанија сака да им помогне. Оксли се согласува со Грант дека идната приватност на нашиот мозок го заслужува целото внимание и додава дека невроправата се „апсолутно критични“. Грант верува дека тие нема да бидат доволни за да се заштити нашата приватност од можниот досег на невротехнологијата надвор од медицината.
Комерцијалните производи, како слушалките, за кои се тврди дека ја подобруваат концентрацијата, веќе се користат во кинеските училници. Капите што го следат заморот на возачите на камиони се користат во рудниците во Австралија. Ваквите уреди генерираат податоци од мозочната активност на корисникот. Грант вели дека е тешко да се следи, а уште потешко да се контролира каде и како се чуваат овие податоци. Тој го гледа количеството на информации што луѓето веќе ги споделуваат, вклучувајќи ги и невроподатоците, како непремостлив предизвик за невроправата. Грант признава дека неговите решенија за наметливоста на невротехнологијата се радикални. Тој предвидува развој на „лични алгоритми“ што функционираат како високоспецијализирани огнени ѕидови меѓу личноста и дигиталниот свет. Овие кодови можат да комуницираат со дигиталниот свет во име на личноста, заштитувајќи го нејзиниот мозок од упад или менување. Сепак, многу етичари се занимаваат со последиците од споделувањето на невроподатоците.
Чекори за воведување регулатива
Чиле е прва земја во светот што реши да преземе чекори против потенцијалните ризици од невротехнологијата. Во септември годинава, чилеанските законодавци одобрија уставен амандман за да се зајакне менталниот интегритет како право на сите граѓани. Во Сенатот на Чиле исто така се работи на нацрт-законите за регулирање на невротехнологијата, дигиталните платформи и употребата на вештачката интелигенција. Ќе се разгледуваат принципите на невроправата во однос на правото на когнитивна слобода, ментална приватност, ментален интегритет и психолошки континуитет. Европа исто така презема чекори во однос на невроправата. Оваа година, Франција одобри закон за биоетика што ќе ги штити правата на менталниот интегритет. Шпанија работи на нацрт-закон за дигитални права со дел за невроправата, а италијанската управа за заштита на податоци размислува дали менталната приватност потпаѓа под правата на приватност во државата. Австралија е потписничка на необврзувачката препорака на ОЕЦД за одговорна иновација во невротехнологијата, која беше објавена во 2019 година.
Ветување, паника и потенцијални ризици
Австралискиот невронаучник, етичар и вонреден професор на универзитетот „Монаш“ во Мелбурн, Адријан Картер, кој себеси се нарекува „шпекулативен етичар“, ги анализира токму можните последици од технолошкиот напредок.
– Сè уште се далеку многу работи за кои се дискутира. Читањето на мислите нема да се случи, барем не на начинот на кој многумина замислуваат, бидејќи мозокот е премногу сложен орган. На пример, луѓето можат да контролираат уреди кои ги користат нивните мисли, како мозочните компјутерски интерфејси, но потребно е многу да вежбаат за технологијата да може да препознае специфични модели на мозочна активност пред да профункционираат – истакна тој и додаде дека некои закани кои се припишуваат на идната невротехнологија веќе се присутни во начинот на кој податоците се користат од страна на технолошките компании секој ден.
Вештачката интелигенција и алгоритмите што го следат движењето на очите и откриваат промени во бојата на кожата и температурата ги читаат резултатите од мозочната активност во контролирани студии за рекламирање. Овие податоци со години се користат од комерцијални интереси за анализирање, предвидување и поттикнување на однесувањето. Картер истакнува дека „Фејсбук“, „Амазон“ и „Гугл“ заработија милијарди од личните податоци. Стивен Рејни од Универзитетот во Оксфорд предупредува дека ризик се јавува кога постои комерцијален интерес и луѓето сакаат да направат нешто друго со податоците. Оксли вели дека е свесен за веројатноста дека одредени актери можат да го злоупотребат истражувањето со БЦИ. Тој истакна дека „Синхрон“ првично била финансирана од американската војска, која сакала да се развијат роботски екстремитети за повредени војници, кои би функционирале преку чипови вградени во нивните мозоци. За да не се злоупотреби ваквата технологија, американското Биро за индустрија и безбедност минатиот месец го ограничи извозот на ваква технологија.
Технологија што го менува животот
Загриженоста за злоупотребата на невротехнологијата од страна на непријателски актери не го менува она што веќе се постигнува во медицинската сфера. Во центарот за иновација во менталното здравје на универзитетот „Монаш“, заменик-директорката, проф. Кејти Хој ги надгледува испитувањата на невротретманите за мозочни нарушувања што вклучуваат депресија отпорна на третмани, опсесивно-компулсивно нарушување, шизофренија и Алцхајмерова болест. Еден третман што се тестира е транскранијалната магнетна стимулација (ТМС), која веќе се користи интензивно за лекување депресија. Една од добрите на страни на ТМС е неговата неинвазивност и немањето несакани ефекти, како губење на меморијата и замор, кои се вообичаени за некои методи за стимулација на мозокот. Хој вели дека има докази дека некои пациенти имаат подобрена когнитивност по третманот со ТМС. Сепак, самите пациенти што ги почувствувале придобивките од овој третман велат дека треба да се повлече линија до каде и кој треба да ја користи невротехнологијата.