Њујорк неодамна им забрани на продавниците да одбиваат плаќање во готовина. Градскиот совет гласаше за да ги ограничи „ексцесите на дигиталната економија“. Со одлуката се предвидени казни за сите бизниси, меѓу кои и продавници и ресторани, што одбиваат да прифатат плаќања во готовина. Приврзаниците на забраната велат дека електронските системи за плаќање ги дискриминираат маргинализираните групи, како што се сиромашните, малцинствата и малолетните лица, кои не секогаш имаат пристап до банкарските системи или до електронски системи за наплата како Епл пеј.
Дигиталните плаќања изминатата деценија стабилно се зголемуваа во САД и воопшто во Северна Америка, но најголем пораст на безготовинското плаќање е регистриран во Азија. Пазарот за дигитални плаќања се проценува дека ќе се зголеми од околу 96 милијарди долари во 2017 година до речиси 353 милијарди долари во 2022 година за азиските земји. Пораст е забележан и во други региони во светот, но луѓето уште претпочитаат да користат традиционални форми на плаќање, односно готовина.