На 19 јуни беше одбележан крајот на ропството санкционирано од државата пред 155 години во САД. Датумот е повод за славење, но и за потсетување на ужасните периоди на ропството, кои денес изгледаат толку далеку, но сепак уште влијаат врз општествата. Последен пример за тоа се протестите против расизмот и во САД и во повеќе европски земји.
Според проектот Слејввојаџерс.ком, речиси 11 милиони Африканци биле заробени за време на трансатлантската трговија со робови меѓу 1514 и 1866 година. Додека само 300.000 пристигнале директно во САД, повеќето дошле до денешните САД преку трговијата со робови меѓу Северна и Јужна Америка. Се проценува дека 4,5 милиони африкански робови пристигнале на Карибите, додека други 3,2 милиони биле испратени во денешен Бразил. Вкупно, 20 милиони Африканци биле принудени да го напуштат својот континент.
Од европските земји, најактивна во трансатлантската трговија со робови била Португалија, која ја користела принудната работа на Африканците во нејзините латиноамерикански колонии во денешен Бразил. Речиси 3,9 милиони африкански робови биле принудени да се качат на португалските бродови. Денешен Бразил примил околу 3,2 милиони од нив, со што станал земја со најмногу поробени лица во Северна и Јужна Америка во тој период. Британските бродови, пак, пренесувале над три милиони Африканци, главно до Карибите, САД и Гвајана. Француските бродови, пак, носеле 1,3 милион поробени Африканци, принудно иселени од континентот.