Во иднина може да зачестат уништувањата на нефункционалните сателити што може да го отежни патот до Меѓународната вселенска станица, наведува Ребека Хајлвејл од „Вокс“
Последното уништување на нефункционален сателит резултираше со над 1.500 парчиња отпад кои останаа да лебдат во вселената, со што за 10 отсто се зголеми вкупниот вселенски отпад во орбитата на Земјата. Овие парчиња ротираат со неверојатно голема брзина и ризикуваат да ги погодат активните сателити со кои се напојуваат критичните технологии како ГПРС-навигацијата и временската прогноза.
Експертите велат дека ваквата практика е опасна, бидејќи сателитските оператори најверојатно ќе треба внимателно да се движат околу овој нов облак на вселенски отпад во наредните неколку години или децении. Вселенскиот отпад всушност е толку опасен што претставниците на националната безбедност се загрижени дека може да се користи како оружје во некоја идна вселенска војна. Ризиците само ја зголемија загриженоста дека човештвото е далеку од решавање на проблемот со вселенскиот отпад, особено со тоа што приватни компании и странски влади лансираат илјадници нови сателити во орбитата и неизбежно се создава уште повеќе отпад. Ваквиот тренд станува алармантен затоа што при уништувањето на сателитите се користат системите АСАТ, кои би можеле да ја користат технологијата за напад на сателити на други држави и да ја претворат вселената во бојно поле, дури и ако земјите сами ги уништуваат своите вселенски објекти.
Во моментов има над 100 милиони парчиња на вселенски отпад поголеми од еден милиметар што орбитираат околу Земјата, според НАСА. Проблемот дополнително се усложнува затоа што никој не презема одговорност. Не постои глобален консензус за тоа какви треба да бидат казните за создавање вселенски отпад, а уште потешко е следењето и припишувањето на различни парчиња отпад на вселенските операции на различни земји. Владините агенции и приватните вселенски компании развиваат технологија за отстранување на вселенскиот отпад во форма на мрежи што можат да го соберат отпадот од орбитата и со помош на уреди кои би ги насочувале сателитите во атмосферата да се распаднат. Но постои загриженост дека владите би можеле да ги користат истите алатки за да ги соборат сателитите на други земји. Во исто време, трошоците за создавање вселенски отпад и негово отстранување ретко се вклучени во одлуката за лансирање на вселенско летало или сателит.
Во моментов, најдобриот начин за да се подобрат ризиците од отпадот во орбитата е првенствено тој да не се создава. Тоа може да се постигне со подобра меѓународна соработка или создавање нови економски стимулации за приватните компании во најскоро време. Иако, генерално, вселенските објекти можат да се движат низ вселенскиот отпад кој веќе постои, сепак тоа ќе станува потешко со секое ново таложење. Ако не се најде решение наскоро, би можело да се случи ниската орбита на Земјата да биде толку полна со вселенски отпад што, практично, ќе стане невозможно движењето низ неа.